1418 дена. Толку трае војната што Владимир Путин ја започна против Украина. 1418 дена – тоа е подолго отколку што траела Големата татковинска војна (Втората светска војна во Русија, н.з.). Сеќавањето на неа, претседателот на РФ, Путин, го користи како една од главните идеологеми на сегашниот руски режим, иако токму за време на неговото владеење 9 мај се претвори во некаква страшна мешавина од карневал и празник на мртвите. Обидите на Кремљ постојано да прави споредби со таа војна изгледаат особено цинично, имајќи предвид дека, всушност, Путин води војна-наопаку. Тој се обидува да го убеди општеството дека црното е бело, а војната е мир.
Не одбрана, туку напад
Лагата на Путин започнува од самиот почеток. Русија не одбивала напад. Никој не навлегол на нејзината територија, не ги бомбардирал нејзините градови, не се заканувал на нејзиното постоење. Војната започна со преминување на границата, со ракети врз украинските градови, со руски тенкови што навлегуваат длабоко во туѓа земја. Тоа никако не личи на почетокот на Големата татковинска војна. Поточно вака: стиховите од песната „Киев го бомбардираа, ни јавија дека започнала војна“ имаат директна врска со 24 февруари 2022 година. Само што Киев го бомбардираа руски ракети од територијата на Руската Федерација.
Оваа лага му е потребна на Путин за да го отстрани главното прашање: зошто воопшто започна сето ова. Зашто, ако се признае дека тоа е напад, ќе мора да се признае и одговорноста – за убиените, за разрушените градови, за уништените животи.
Не денацификација, туку тоталитаризам
Втората голема измама е „денацификацијата“. Путин постојано зборува за антифашизмот и за борба против „нацисти“, користејќи ги токму оние практики од кои антифашизмот некогаш требаше да штити: култ на водачот, репресии, уништување на различното мислење, милитаризација на децата, јазик на омраза и обезличување на цели народи.
Кога државата ги прогласува за „нацисти“ сите што не се согласуваат со нејзината војна, тоа не е борба против идеологија – тоа е легализација на насилството. Зашто со „фашисти“ или „нацисти“, како што е познато, може сè.
Не ослободување, туку уништување
Зборот „ослободување“ звучи особено цинично ако се погледне резултатот. „Ослободените“ од руската армија украински градови – тоа се урнатини. „Ослободените“ луѓе – тоа се бегалци, убиени цивили, депортирани деца, заложници, масовни гробници.
Ослободувањето подразбира дека после него станува подобро. Дека луѓето сакаат да останат. Дека животот продолжува. Ако после „ослободувањето“ останува само изгорена земја – тоа не е ослободување, туку окупација, како и да се нарекува во официјалните извештаи. Доволно е да се погледне што се случува сега во таканаречената „ДНР“, каде ситуацијата ја контролираат руските воени сили. Озлогласениот „руски свет“ таму изгледа како отсуство на вода, струја, разгорена криминалност и страшна корупција. Така изгледа путиновата слобода.
Не подвиг, туку масовно убивање
Уште една измама е „подвигот на народот“. Тој се споменува секогаш кога треба да се престане со броење на трупови. Во Русија подвиг се нарекува смртта, за да не се постави прашањето – за што и по чија одлука луѓето гинат.
Хероизацијата на војната делува како опојна трева. Стотици илјади убиени се претвораат во апстрактна жртва, а конкретната одговорност се губи во свечени говори. Скорешната споредба на Путин на војниците со Христос додава ноти на безумие. Министерството за одбрана избегнува да ги објави бројките за загубите, иако независните проценки на „Медиазона“ зборуваат за повеќе од 150 илјади загинати.
Не историја, туку империјализам
Говорите на Путин за „историски земји“ и „руски свет“ не се за сеќавање, туку за правото на посилниот. За одбивањето да се признае дека соседната земја е субјект, а не територија. Империјалната логика е секогаш иста: ако го сметаме за наше, можеме да го земеме. Сè останато е формалност.
Оваа војна одамна не се води „за“ нешто, туку „против“. Против Украина, нејзините луѓе, јазикот, правото на постоење. Против сопствените граѓани – лишени од вистината и од правото да си ја изберат иднината и користени како топовско месо. Против самиот смисол на зборовите, кои веќе не ја опишуваат реалноста, туку го маскираат насилството и злосторствата.
Најстрашната измама не е во реториката, туку во тоа што убиството се нарекува подвиг, агресијата – одбрана, а уништувањето – ослободување. И колку подолго трае ова, толку повеќе луѓе живеат во свет каде јазикот престанал да биде средство за разбирање на реалноста – и станал оружје. Оружје на Владимир Путин.
Автор: Татјана Фелгенгауер – руска новинарка, водителка на „The Breakfast Show“ и YouTube-каналот „Медиазона“.