1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски за повикот на Пендаровски: Прво извинување, па дуел

ДТЗ
11 април 2024

По повикот на претседателот Стево Пендаровски, кој е во трка за втор мандат, за дуел со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, тој денеска му одговори дека стои на располагање - но постави неколку услови.

https://p.dw.com/p/4ef5e
Христијан Мицкоски
Христијан Мицкоски вели дека е расположен за дуел со Пендаровски, но постави неколку условиФотографија: Boris Georgievski/DW

По повикот на претседателот Стево Пендаровски, кој е во трка за втор мандат, за дуел со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, тој денеска му одговори дека стои на располагање во секое време за дебата - но постави неколку услови. 

„Пендаровски за да дебатира со мене најпрвин треба да биде претседател на СДСМ, оваа партија наскоро да биде најголема опозициска партија. Јас му стојам на располагање за дуел во кое било време за дебата, да избере медиум, да избере време, ден и немам никаков проблем да дебатирам“, рече Мицкоски по средбата со членовите на МАСИТ.  Тој исто така побара Пендаровски и да се извини на кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

Два услови

„Треба уште еден услов да исполни, а тоа е да се извини на професорката Гордана Силјановска Давкова за навредите, кои ги кажува на отворена сцена. И навистина мислам дека тоа што тој го прави е непримерно. Но, тоа е негов начин на однесување, навреда кон дама, навреда кон жена е нешто кое што ниту е дел од мојот карактер, ниту пак за мене е прифатливо и очекувам тој гест да го направи – да се извини, па потоа се останато“, рече Мицкоски.

Стево Пендаровски
Пендаровски деновиве го повика Мицкоски на дуел, бидејќи вели дека очигледно тој е кандидат за претседател. Фотографија: Boris Georgievski/DW

Тој посакува кампањата да биде мирна и да нема некои посериозни инциденти. „Потоа оние коишто ќе ја добијат довербата, јас силно верувам дека ќе биде Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата 'Твоја Македонија', да направат нешто ново за Македонија, нешто што ќе биде поразлично од тоа што го гледаа граѓаните изминативе три децении“, рече првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ. 

Прашан како ја коментира досегашната кампања, Мицкоски рече дека Ковачевски не го коментира, бидејќи исчезнал. „Не знам дали Пендаровски се срами од Ковачевски како претседател на партијата која што го поддржа или има нешто друго како причина, но човекот исчезна“, рече Мицкоски.

„Пендаровски е супериорен“

На изјавите реагираше лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Коментирајќи ги ставовите на опозицијата тој вели дека Стево Пендаровски ќе биде победник и затоа е и нервозата во таборот на нивните политички конкуренти.

Што се однесува до телевизиските дуели, Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања, потсети на неодамнешниот дуел меѓу него и Мицкоски, кој траеше три часа и имал голема гледаност.

Димитар Ковачевски
„Пендаровски е супериорен во однос на другите кандидати и веројатно затоа нема дуели“, рече Ковачевски.Фотографија: Government of North Macedonia

„Сметам дека претседателските кандидати треба да имаат свои телевизиски дуели, доколку сакаат. Гледам има цел еден сет на изјави кој со кого треба да има дуел - мислам дека Пендаровски е супериорен во однос на другите кандидати и веројатно затоа нема дуели“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека ја видел изјавата на Мицкоски дека ќе се согласи на дуел кога Пендаровски ќе станел претседател на СДСМ. „Многу полесно се станува претседател на ВМРО-ДПМНЕ, оти за СДСМ треба да се оди на непосредно гласање на сите членови - јас сум избран со 42 илјади гласови. Додека во ВМРО можете да станете претседател во сала на Фолк-фест Валандово со 400 делегати, така што таму полесно се станува претседател на партија“, возврати Ковачевски.

Пендаровски деновиве го повика Мицкоски на дуел, бидејќи вели дека очигледно тој е кандидат за претседател. 

„Од моја страна, во кое било време, на кој било терен, на која било телевизија, дење, ноќе, викенди, делници, празници, јас сум подготвен да се соочам со опонентите. Меѓутоа, сакам да предложам да имаме вистински дуел. Да има реален дуел, не фингиран дуел. Јас предлагам да излезам на дуел со Христијан Мицкоски, бидејќи очигледно тој е кандидат за претседател. Госпоѓата Силјановска не ја гледаме каде е“, рече Пендаровски.