1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Кремљ не сака преговори за Украина под условите на Бајден

ЖА / агенции
2 декември 2022

Кремљ денеска ги отфрли условите кои американскиот претседател Џо Бајден ги наведе за разговори со Владимир Путин околу Украина.

https://p.dw.com/p/4KO3K
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитри ПесковФотографија: Sergey Gunee/Sputnik/REUTERS

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека преговари со неговиот руски колега по функција,  Владимир Путин,  се можни само  „откако Путин ќе ја напушти Украина“.

Русија секако не е спремна за прифаќање на ваквиот услов поставен од страна на американскиот претседател, соопшти денеска портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков пред новинарите во Москва.

„Специјалната воена операција продолжува“, истакна Песков, користејќи го официјалниот руски назив за руската војна во Украина.

За време на државната посета на францускиот претседател Емануел Макрон во Вашингтон, американскиот претседател Џо Бајден вчера најави принципиелна спремност за разговор со Путин, но само доколку тој покаже сериозна желба за окончување на војната во Украина. Основниот услов кој го наведе Бајден е  повлекување на руските трупи од Украина.

Песков истакна дека Путин е подготвен за разговори, само доколку бидат респектирани руските интереси. Но, „САД сеуште ги неимаат признато новите територии како дел од Руската Федерација,“ рече Песков, алудирајќи на  украинските региони чија анексија Русија прогласи есеноска.  Овој став на Вашигтон ги комплицира евентуалните разговори, дополни Песков.