1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Следните месеци ќе бидат најтешките во историјата на ЕУ“

15 септември 2022

Бугарскиот политиколог Иван Крстев не верува во брз крај на војната во Украина. Финансиската криза, инфлацијата и цените на енергенсите ќе предизвикаат големи турбуленции во ЕУ, прогнозира тој во интервју за ДВ.

https://p.dw.com/p/4Gmd6
Иван Крстев
Иван Крстев е раководител на Центарот за либерални стратегии во Софија и редовен член на Институтот за хуманистички науки во Виена.Фотографија: DW

ДВ: Господине Крстев, украинската армија бележи впечатливи воени успеси со контраофанзивата против руските трупи во земјата. Се ближи ли крајот на војната во Украина?

Иван Крстев: Војните од изминатите децении никогаш немаа вистински крај, туку воените дејствија во еден момент беа едноставно замрзнати. Тоа веројатно ќе се случи и во оваа војна. Секако ќе има прекин на огнот, но не и вистински мир. Како што слушаме и читаме, Русија подготвува референдуми за независност во освоените региони, што ќе значи де-факто анексија на овие територии. Под тие услови, мировни преговори се невозможни.  

ДВ: Руската пропаганда тврди дека Русија одамна ја поразила Украина. Војната сега се води против НАТО, кој ја продолжува војната со украинско топовско месо. Има ли право Москва?

Во секоја војна обете страни прогласуваат победа. Русија ја започна војната како „специјална операција“, со убеденост дека за неколку недели про-западна Украина ќе престане да постои. Во таа смисла, Русија веќе загуби, затоа што таа цел не е остварена. 
Тврдењето дека Русија во Украина војува против Западот треба да се обиде да одговори на две прашања. Прво: Зошто Русите убиваат луѓе во Украина со кои до неодамна живееја заедно? И второ: Каде е руската воена надмоќ? Единственото објаснување кое во двата случаи делува веродостојно: Русија војува против целиот Запад. Тезата гласи дека Западот ја измами Русија, а Русите се жртви, а не агресори. 

ДВ: Какво е влијанието на санкциите врз рускиот народ? 

На среден рок секако ќе покажат ефекти, но во секојдневието на нормалните Руси досега немаат големо влијание. Погодени се урбаната средна класа и економската елита, или некаде околу 10 милиони Руси, кои патуваат во странство. За нив стана многу комплицирано. Притоа, и кога ќе успеат да отпатуваат во странство ги гледаат лошо. Од руска страна, тие се вистинските губитници во оваа војна. 

Нуклеарна централа Запорожје Украина
Борбите се водат во опасна близина на централите и една грешка или човечки пропуст може да доведе до драматичен развој. Фото: Нуклеарната централа Запорожје во УкраинаФотографија: Sergei Malgavko/TASS/picture alliance

ДВ: Постојано има стравувања дека САД и Русија се на работ на атомска војна. Како вие гледате на таа опасност? 
Таа опасност постои, но во моментов не е толку реална. Затоа што единственото што Русите и Американците во моментов заеднички го постигнуваат е спречувањето на нуклеарната ескалација. Големиот ризик се украинските нуклеарни централи. Борбите се водат во опасна близина на централите и една грешка или човечки пропуст може да доведе до драматичен развој. Употребата на нуклеарно оружје ќе стане поверојатно само во случај на голем воен успех на Украина. Или доколку Киев се обиде повторно да го освои Крим.  

ДВ: Ќе се обиде ли Москва да ја прошири војната и во други земји, во Молдавија или во балтичките земји? 

Тоа зависи од текот на војната во Украина. Во моментов, Русија се обидува да избегне широка  мобилизација. Москва под никакви околности не сака да ги испраќа на фронт децата од урбаната средна класа. Во зависност од тоа како ќе се одвива состојбата во Украина, Русија би можела да ја нападне Молдавија, но во никој случај и балтичките држави. Тие се членки на НАТО и доколку бидат нападнати, тоа ќе биде сосема поинаква војна. 

ДВ: Балтичките земји и Полска, во рамките на ЕУ, долго предупредуваа на руски напад во Украина и на опасноста од Путин, но никој не ги слушаше. Сега војната е тука. Какви последици ќе има таа за ЕУ? 

Во прва линија таа доведе до консолидација на ЕУ. Ставовите на владите, но и на граѓаните, доведоа до невидени санкции против Русија. Поддршката за Украина и натаму е голема, но во меѓувреме растат и поделбите во рамки на ЕУ и во одредени членки на ЕУ. Се плашам дека следните 6 до 9 месеци ќе бидат најтешките во историјата на ЕУ. 

Веќе плаќаме огромна цена за војната- но ЕУ и претходно беше потресувана од други кризи. Во таа смисла, војната ми делува како еден долг Ковид: Повторно е тука бегалската криза, од Украина дојдоа речиси двојно повеќе бегалци кон ЕУ одошто за време на војната во Сирија. И финансиската криза е повторно тука, се закануваат нестабилност и инфлација. 

Чешка Прага Протести
Антивладини протести во Прага против високите цени на енергенситеФотографија: Petr David Josek/AP Photo/picture alliance

Европа и Јапонија сега мора да плаќаат речиси 100 милијарди долари месечно повеќе за енергија одошто до пред една година. Овој огромен финансиски товар предизвикува големи проблеми. А општествата се веќе уморни. Се плашам дека ќе има повеќе протести како оние во Прага или Германија. Различни групации се консолидираа за време на различните кризи. Луѓе, кои за време на финансиската криза се најдоа на дното, противници на бегалците, противници на вакцините: Денес сите се обединуваат како противници на естаблишментот и поставуваат барања. Тоа ќе донесе големи турбуленции во ЕУ. 
Но, тоа се уште не е најлошото. Во сите досегашни кризи Германија беше факторот на стабилност. Но, денес Германија е во редот на оние земји кои се меѓу економски најтешко погодените од кризата. Притоа, во прашање се доведува и моралниот легитимитет на Германија од страна на балтичките земји и Полска, но и од Чешка. Овие променети ставови кон Германија, но и кон Франција, ги отежнуваат обидите да се излезе од оваа тешка криза.

Бугарскиот политолог Иван Крстев е раководител на Центарот за либерални стратегии во Софија и редовен член на Институтот за хуманистички науки во Виена.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи