1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Огромен скок на цените на горивата и нафтата за греење

СН/агенции | АРД
10 април 2026

Во првиот месец од иранската војна, значително зголемените цени на енергенсите доведоа до повисока инфлација во Германија. Во март, цената на горивото порасна за 20, а на нафтата за греење дури за 40 проценти.

https://p.dw.com/p/5BzEu
Табла со цени на горивата пред бензиска пумпа во Германија
Цената на горивата во Германија се зголеми за 20 проценти во март, како последица на војната на САД и на Израел против ИранФотографија: Caro Kadatz/picture alliance

Значителните зголемувања на цените на енергетските производи ја зголемија инфлацијата во Германија. Потрошувачките цени во март се зголемија за 2,7 проценти во споредба со истиот месец претходната година - што е највисоко ниво за две години, соопшти Сојузниот завод за статистика, потврдувајќи ја првата проценка. Погледот на деталите покажува дека енергетските производи најмногу придонесоа за растот на инфлацијата. Вкупните цени на енергенсите во март се зголемија за 7,2 проценти - прво зголемување во споредба со истиот месец од претходната година од декември 2023 година.

Нафтата за греење стана енормно скапа

„Горивото и нафтата за греење, особено за потрошувачите, нагло пораснаа од почетокот на иранската војна“, вели Рут Бренд, претседателка на Сојузниот завод за статистика. Цената на горивата се зголеми за 20 проценти во март. Уште посилен раст е забележан кај лесната нафта за греење - дури 44,4 проценти. „Овие нагли скокови на цените се првенствено резултат на воените дејствија во Иран и на Блискиот Исток и последиците од движењата на цените на пазарот на сурова нафта“, наведоа статистичарите од Висбаден. 

Човек со црево полни лесна нафта за греење во постројка за домашно парно греење
Лесната нафта за греење најдрастично поскапе во март во Германија - дури за 44 процентиФотографија: Rolf Poss/IMAGO

Цените на електричната енергија, гасот и централното греење паднаа

И покрај силниот раст на цената на нафтата за греење, вкупните трошоци за енергија за домаќинствата беа пониски од претходната година. Во март 2026 година, цените беа за 1,2 проценти под нивото од минатата година. Причина се пониските цени на електричната енергија, природниот гас и централното греење. Во овој контекст, Заводот посочи и на мерките на германската влада кои стапија во сила на почетокот на годината, вклучувајќи ги намалените даноци за преносната мрежа и укинувањето на таксите за складирање на гас.

Мало зголемување на цените на храната

Во случајот со прехранбените производи, зголемувањето на цените беше умерено. Во март, во споредба со истиот период од претходната година, тие се зголемија за 0,9 проценти. Сепак, некои групи производи значително поскапеа. Цените на шеќерот, мармаладот, медот и другите слатки се зголемија за 6,1 процент. Цената на чоколадото особено се зголеми - за 9,6 проценти. Овошјето поскапе за 4,7 проценти, свежиот зеленчук за 3,8 проценти, а потрошувачите плаќаа 3,6 проценти повеќе за месо и месни производи.

Цените на горивото во Македонија и Европа

Основната инфлација стабилна

Олеснување за потрошувачите дојде кај мастите и маслата за јадење - тие станаа поевтини за 17,6 проценти. Путерот беше поевтин за дури 29,1 процент, а маслиновото масло за 11,8 проценти. Млечните производи станаа поевтини за 5,4 проценти. Цените на јајцата, меѓутоа, се зголемија за 14,8 проценти.

Таканаречената основна инфлација остана стабилна. Без енергијата, инфлацијата во март изнесуваше 2,3 проценти; без нафтата за греење и горивото - 2,0 проценти. Инфлацијата намалена за цените на храната и енергијата, односно основната инфлација, остана на 2,5 проценти, како што беше и на почетокот на годината.