1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаГлобално

Цената на нафтата повторно паѓа под 100 долари

ЕМФ / ртр
8 април 2026

Цените на нафтата нагло паѓаат по најавата за примирје меѓу САД и Иран. Сепак, според експертите, привремените недостатоци на енергетските и стоковните пазари остануваат значаен ризик.

https://p.dw.com/p/5Bppp
Вахтберг, Германија 2026 | Цените на горивата во руралната Рајнска област се зголемуваат за над две евра
Цени на бензинска пумпа во Вахтберг, ГерманијаФотографија: Marc John/Bonn.digital/picture alliance

Објавата за примирје во војната меѓу САД и Иран предизвика пад на цените на нафтата. Нафтата од типот Брент и американската лесна нафта ВТИ поевтинија за речиси 15 проценти, на 93,92 и 95,70 долари по барел (159 литри). Со тоа цените го достигнаа најниското ниво во последниот месец.

Помалку од два часа пред истекот на ултиматумот што самиот го постави, американскиот претседател Доналд Трамп се согласи на двонеделно примирје со Иран. Услов за прекинот на огнот е Иран да ја укине блокадата на Ормускиот Теснец, важен за транспорт на нафта, соопшти Трамп на својата платформа Трут Соушл.

Експертите, сепак, се претпазливи. „Во нормални услови, низ теснецот дневно минуваат околу 135 бродови. Обновувањето на сообраќајот, дури и при брза реализација, ќе се одвива постепено“, пишуваат аналитичарите на Покраинската банка Баден Виртемберг. Поради тоа, нарушувањата во синџирите на снабдување и привремените недостатоци на енергетските и стоковните пазари остануваат значаен ризик.

Прекинот на огнот ги поттикна берзите

Прекинот на огнот на Блискиот Исток ги поттикна берзите. Индексот Никеи во Токио порасна за 5%, додека јужнокорејскиот индекс Коспи забележа раст од 6%.Аналитичарите, сепак, се воздржани во проценките за тоа дали прекинот на огнот ќе доведе до трајно решение на конфликтот. 

Клучното прашање е дали преговорите ќе напредуваат во следните две недели, изјави Чару Чанана, инвестициски стратег во банката Саксо. „Тоа ќе одлучи дали ова ќе остане само олеснување или ќе се развие во трајна деескалација.“