Јазот меѓу богатите и работниците расте
1 мај 2026
Jазот во приходите на врвните раководители и вработените сè повеќе се продлабочува, покажува анализа на организацијата за развој Оксфам. Драстично зголемување на јазот се забележува по пандемијата на коронавирусот: Додека платите на директорите ширум светот се зголемиле за 54%, реалните плати на вработените во истиот период се намалиле за 12%, објави Оксфам по повод Денот на трудот.
Меѓу 2019 и 2025 година, според анализата, платите на извршните директори на светско ниво, прилагодени на инфлацијата, пораснале за 54 проценти. Од просечно 5,5 милиони американски долари (околу 4,7 милиони евра) тие се зголемиле на 8,4 милиони американски долари (околу 7,2 милиони евра), соопшти Оксфам. За да го заработат тоа, вработените на глобално ниво би требало да работат 490 години. За пресметката на врвните плати, Оксфам користел податоци од 1.500 најдобро платени компании во 33 земји, кои ги објавиле надоместоците на извршните директори за 2025 година.
Повик за данок за супербогатите
Овој тренд може да се забележи и во Германија: 25 извршни директори од DAX‑40 компании (DAX е најзначајниот индекс на берзата во Германија и моментално ги следи перформансите на 40-те најголеми и најликвидни компании на германскиот берзански пазар, н.з.) забележале екстремен раст на платите од 56 проценти во споредба со 2019 година, се наведува во извештајот. Нивните плати во просек пораснале од 4,5 милиони евра на речиси 7 милиони евра. Наспроти тоа, платите на вработените, прилагодени на инфлацијата, се дури и малку под нивото од пред пандемијата.
По повод Меѓународниот ден на трудот, Оксфам повикува на целно оданочување на супербогатите и воведување повисоки даночни стапки, а бара и правични плати. „Додека куповната моќ на вработените во Германија во просек сè уште е послаба отколку во 2019 година и актуелниот инфлаторен бран оптоварува многу домаќинства, платите на врвните менаџери и менаџерки експлодираат“, изјави Мануел Шмит, референт за социјална нееднаквост во Оксфам. „Оваа сè поекстремна нееднаквост претставува и опасност за нашата демократија.“