1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија сака да ги обнови разговорите со Иран

ЖА / агенции
9 април 2026

Германија повторно ќе воспостави разговори со Иран, најави канцеларот Фридрих Мерц, оценувајќи дека дипломатскиот процес е кревок и го критикуваше воениот ангажман на Израел во Либан.

https://p.dw.com/p/5Bw8H
Германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германија започнува преговори со Иран - Мерц сака крај на војнатаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

По воспоставеното примирје на Блискиот Исток, германската сојузна влада најави дека повторно ќе ги обнови разговорите со владата во Иран. Ова го соопшти германскиот канцелар  Фридрих Мерц, нагласувајќи дека процесот ќе се одвива во тесна координација со  Соединетите Американски Држави  и европските партнери.

„Ова го правиме во усогласување со Соединетите Држави и со нашите европски сојузници“, изјави Мерц.

Целта, како што појасни, е  Германија  да придонесе кон успехот на најавените преговори меѓу САД и Иран за прекин на  војната во регионот.  Во тој контекст, Мерц најави дека во текот на денот ќе има телефонски разговор и со пакистанскиот премиер.

„Дипломатскиот исход не е загарантиран“

Германскиот канцелар оцени дека во моментов се отвора временски прозорец за постигнување  преговарачко решение, но предупреди дека состојбата останува исклучително нестабилна. Според него, претстојат тешки и сложени преговори доколку се сака траен мир со Иран.

„Дипломатскиот успех во никој случај не е загарантиран“, нагласи Мерц, осврнувајќи се на разговорите меѓу САД и Иран што се планирани за сабота во пакистанската престолнина Исламабад.

Тој додаде дека само настаните во последните 24 часа покажале колку е кревко примирјето во регионот, колку е нејасна состојбата во Ормускиот Теснец и  колку се оддалечени ставовите на вклучените страни.

Сè уште нема одлука за Ормускиот Теснец

Канцеларот Мерц изјави дека германската влада сè уште нема донесено одлука за можна вклученост во мисија за  обезбедување на слободната пловидба во Ормускиот Теснец.  Тој потврди дека во телефонски разговор со американскиот претседател  Доналд Трамп  во средата уште еднаш јасно ставил до знаење дека Германија е подготвена да помогне, но само под одредени услови.

„Му потврдив на американскиот претседател дека Германија по постигнување мир ќе помогне во обезбедувањето на слободна пловидба во Ормускиот Теснец“, рече Мерц.

Како предуслови, тој наведе постоење на одржлив концепт, меѓународен мандат – по можност од Советот за безбедност на ОН – и одлука од Бундестагот.

„Претседателот на САД е свесен за овие услови и знае дека во следните неколку дена од нас не може да се очекуваат брзи одлуки. Ова мора внимателно да се подготви“, истакна канцеларот.

Тој додаде и дека Трамп ја почитува специфичната германска процедура кога станува збор за воени ангажмани надвор од територијата на НАТО.

Остра критика за израелските напади во Либан

Фридрих Мерц јавно ја критикуваше и израелската воена офанзива во Либан. Според него, состојбата во целиот регион е загрижувачка, но ситуацијата во јужен Либан особено предизвикува сериозна вознемиреност.

„Жестината со која  Израел таму ја води војната може целосно да го загрози мировниот процес, а тоа не смее да се случи“, нагласи Мерц.

Тој откри дека во текот на вчерашниот ден, заедно со други шефови на држави и влади, апелирал до израелската влада да ги запре дополнително заострените воени напади.

И покрај примирјето во конфликтот со Иран, Израел во средата изврши низа бомбардирања врз позиции на милитантната група Хезболах во Либан, вклучително и цели во главниот град Бејрут. Според податоците на либанското Министерство за здравство, во нападите биле убиени повеќе од 200 лица.