1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали израелскиот премиер би бил уапсен во Германија?

24 мај 2024

На израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му се заканува налог за апсење од Меѓународниот кривичен суд. А Германија е растргната помеѓу сопствениот државен резон и меѓународното право.

https://p.dw.com/p/4gEfW
Германскиот канцелар Олаф Шолц и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Германскиот канцелар Олаф Шолц и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Токму тоа беа насловите кои германската влада сакаше да ги спречи по секоја цена: „Портпаролот на Шолц е јасен: Германија би го уапсила Нетанјаху“, беше насловот на најтиражниот таблоид во земјата, „Билд" во средата навечер. А „Велт“ напиша вака: „Германија би го екстрадирала Нетанјаху, сугерира владиниот портпарол“.

Лидерот на ЦДУ тоа го смета за скандал

Дали е тоа навистина замисливо? Германија да го уапси, па дури и да го екстрадира политичкиот водач на израелската држава, доколку би постоел соодветен  налог за апсење од Меѓународен кривичен суд  против премиерот Бенјамин Нетанјаху?

За лидерот на најсилната опозициска партија, претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, самата помисла е апсурдна: „Молкот на сојузната влада, вклучително и сугестијата на владиниот портпарол дека Нетанјаху може да биде уапсен на германската територија сега навистина станува скандал“, изјави Мерц за „Билд".

Барање за обвинение против Нетанјаху и министерот Галант

Што се случи? Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд, британскиот адвокат Карим Кан, во понеделникот поднесе барање за издавање налог за апсење на Нетанјаху и неговиот министер за одбрана Јоав Галант, како и против тројца водачи на радикалната исламска палестинска организација Хамас за наводни злосторства против човештвото и воени злосторства.

Кан Јунис Газа
Палестинци спасуваат предмети од уништените куќи во Кан Јунис по израелски нападФотографија: dpa/picture alliance

Односно, поради големите страдања на луѓето во Појасот Газа откако Израел жестоко одговори на терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври минатата година.

Кан конкретно ги обвинува Нетанјаху и неговиот министер дека го користат изгладнувањето на луѓето во Појасот Газа како воено оружје.

Израелски политичари и претставници на Хамас во ист кош?

Станува значи збор за барања за издавање налози за апсење и на лидерите на Израел и на Хамас, организација која многу западни земји, вклучително и Германија, ја класифицираат како терористичка организација.

Кан ги спомна тие барања заедно, кои Судот сега треба да ги испита и да одлучи за нив. Дали тој така во ист кош ги стави  шефот на израелската влада  и тројцата лидери на Хамас?

Тоа е она што особено го вознемири Мерц: „Барањето за налог за апсење истовремено против премиерот Нетанјаху и против водачот на Хамас, Синвар е апсурдно превртување на улогите на сторител и жртва“, вели тој.

Напнатост во германската влада

На прес-конференцијата што оваа среда ја одржа Штефен Хебештрајт, портпаролот на канцеларот Олаф Шолц, беше јасно колку е тешко за германската влада да заземе јасен став во овој случај.

Видно напнат, портпаролот прво мораше да се спротивстави на гласините дека Шолц е „шокиран“ од најавата на јавниот обвинител. Хебештрајт рече: „Не можам да пријавам шок или лутина. Многу јасно ставивме до знаење дека на тоа изедначување гледаме многу критички. И ние укажавме на разликите кога станува збор за уставот на државата Израел и нејзиното независно судство“.

Дали налогот за апсење на Нетанјаху воопшто би бил легален?

Значи, обвинувањата што ги изнесе Хашкиот суд треба различно да се вреднуваат, бидејќи во едниот случај на мета е уставна држава, а во другиот не?

Всушност, експертите за меѓународно право се сомневаат дали Кан воопшто требало да поднесе тужба против Нетанјаху. Според експертот за меѓународно право, Константин Ганс, кој ја презентираше својата оценка за берлински „Тагесшпигел“, едно од утврдените правила на судот е дека тој може да преземе мерки само доколку земјата за која станува збор не сака или не може да спроведе сопствена истрага. Тоа важи за диктатурите - но тешко дека е точно за демократски Израел, вели Ганс.

Германија и Меѓународниот кривичен суд

Дилемата на владата во Берлин е во следново: Германија е еден од главните поддржувачи на Меѓународниот кривичен суд, кој од 2002 година истражува и донесува пресуди за случаи како геноцид и воени злосторства. И тоа против поединци, не против држави. Само во 2023 година германската влада на тој суд му плати 20 милиони долари.

Судот, кој не е дел од Обединетите нации, е поддржан од 123 земји - но не и од големи држави како САД или Израел.

Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд, британскиот адвокат Карим Кан
Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд, британскиот адвокат Карим КанФотографија: Chepa Beltran/LongVisual via ZUMA Press/picture alliance

Германија и нејзиниот посебен однос со Израел

Од друга страна, за Германија, поддршката за Израел е т.н  државен резон, кој, меѓу другото, е резултат на најтемниот период од германската историја кога за време на нацистичката диктатура, беа убиени милиони Евреи.

Дали ова важи и за премиерот Нетанјаху лично? Портпаролот на Шолц Хебештрајт рече: „Во основа, ние сме поддржувачи на Меѓународниот кривичен суд - и така и ќе остане. Ние ги почитуваме законите".

Но, Хебештрајт, исто така, ги критикуваше постапките на обвинителот: „Тоа што главниот обвинител избра да објави во истиот здив во интервју за Си-Ен-Ен дека поднесува барање за налог за апсење против тројцата водачи на Хамас и против израелскиот премиер и министерот за одбрана, е изедначување".

Реакции во други земји

Некои други земји се поконкретни  на прашањето дали ќе го уапсат Нетанјаху. Унгарија, на пример, вели - не. Земјата го поддржува Меѓународниот кривичен суд, но државниот министер Ѓерѓели Гуљаш изјави дека израелскиот премиер не треба да очекува апсење доколку ја посети Унгарија.

А пред неколку дена американскиот претседател Џо Бајден оцени дека барањето од Хаг е „нечуено“. Но, САД никогаш не го поддржаа тој суд.

Во Германија работите се поинакви - и затоа многу покомплицирани.