1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоИзраел

МКС: Различни реакции за бараните налози за апсење

Лусиа Шултен
22 мај 2024

Одлуката на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд да побара потерници против Бенјамин Нетанјаху и тројца лидери на Хамас наиде на многу критики - но и пофалби.

https://p.dw.com/p/4g83I
Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Ден Хаг, Холандија
Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Ден Хаг, ХоландијаФотографија: Peter Dejong/AP/dpa/picture alliance

Карим Кан, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), поднесе  барање за налог за апсење  поради ситуацијата во Појасот Газа.

Според обвинението, постои „основано сомневање“ за сторени злосторства против човештвото и воени злосторства од страна на водачот на  милитантниот исламистички Хамас  во Појасот Газа, Јахја ал-Синвар, како и неговиот заменик Мохамед Деиф и шефот во странство, Исмаил Ханија. Тие се особено поврзани со терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. Главниот обвинител Кан, против нив ги наведува делата истребување, намерно убивање или земање заложници.

Во терористичкиот напад на Хамас, околу 1.200 луѓе беа убиени во израелската погранична област, а повеќе од 250 беа киднапирани како заложници и одведени во Појасот Газа. Според здравствените власти контролирани од Хамас, повеќе од 35.500 луѓе загинале во контраофанзивата на Израел. Израел се повикува на своето право на самоодбрана во воените напади.

Барања за издавање потерници и против Нетанјаху и Галант

Истовремено, Кан побара  налог за апсење против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху  и министерот за одбрана Јоав Галант. И ним им се префрла извршување наводни воени злосторства и наводни злосторства против човештвото. Се наведуваат злосторства на изгладнување како воено оружје или намерен напад врз цивилното население.

Канцеларијата на главниот обвинител собра докази кои покажуваат дека „Израел намерно и систематски ги лишува  цивилите во сите делови на Појасот Газа  од нешта неопходни за човечки опстанок ", изјави Кан.

Карим Кан, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС)
Карим Кан, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), поднесе барање за налози за апсење поради војната во Појасот ГазаФотографија: Peter Dejong/REUTERS

Двете страни ја критикуваа одлуката на главниот обвинител на МКС. Израелскиот премиер Нетанјаху оцени дека станува збор за „морален скандал од историски размери“ и „жестоко отфрли каква било споредба“ меѓу демократски избраното раководство на Израел и Хамас.

Германија против „изедначувањето"  преку налозите за апсење

Земјите од ЕУ, кои - за разлика од Израел - се земји договорнички на МКС, различно реагираа на оваа најава. Германија нагласува дека ја почитува независноста на Меѓународниот кривичен суд, но го критикуваше истовременото барање за налози за апсење против раководството на Хамас и израелските претставници. На овој начин се создава „неточен впечаток на израмнување ".

Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи изјави дека МКС сега треба да процени многу различни фактички состојби. Германија, исто така, потсетува на правото на Израел на самоодбрана во согласност со меѓународното хуманитарно право.

Австрискиот канцелар Карл Нехамер на X (поранешен Твитер) напиша дека е „неразбирливо“ што Хамас се споменува во ист здив заедно со демократски избраните претставници на Израел. Чешкиот премиер Фиала, исто така, го нарече овој пристап „ужасен и целосно неприфатлив“.

САД го критикуваат Кан

Јасна критика за одлуката на Кан стигна и од Вашингтон. Американскиот претседател бил „огорчен“ од одлуката, пренесува новинската агенција АФП. Говорејќи во американскиот Конгрес, американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја опиша одлуката на Кан како „длабоко погрешна“. Тоа може да ги загрози тековните напори за постигнување договор за прекин на огнот во Газа, истакна Блинкен. Неговиот портпарол ја дополни неговата изјава истакнувајќи дека Хамас се охрабрува на овој начин и тоа е главната пречка за постигнување договор.

За време на претходната администрација на Доналд Трамп, САД воведоа санкции за поранешната главна обвинителка Фату Бенсуда поради нејзините истраги во Авганистан. Тие беа запрени во 2021 година.

Поддршка за налозите за апсење од Франција и Белгија

Но, не сите држави се согласуваат со оваа критика. Франција изјави дека ќе го поддржи МКС и неговата независност, како и неговата „борба против неказнивоста во сите ситуации“. Земјата нагласува дека веќе неколку месеци инсистира на почитување на меѓународното хуманитарно право во Појасот Газа.  Белгиското Министерство за надворешни работи на X напиша дека ова е „важен чекор во истрагата“ и го увери МКС за своја поддршка.

Активистите за човекови права го поздравуваат потегот против неказнивоста

Организациите за човекови права ја поздравуваат одлуката на Карим Кан да поднесе барање за налог за апсење. „Жртвите на сериозни злоупотреби во Израел и Палестина се соочуваат со ѕид на неказнивост со децении“, истакна Балкис Јарах, заменик директорка во одделот за меѓународна правда во Хјуман рајтс воч.

Потегот на главниот обвинител ги отвора вратите за оние кои се одговорни за злосторствата во последните неколку месеци, да одгвараат за нив преку правично судење.

Кристијан Мир, заменик генерален секретар на Амнести Интернешнл во Германија, исто така гледа „шанса да се прекине повеќедеценискиот циклус на неказнивост во Израел и окупираните палестински територии“. Потегот на главниот обвинител испраќа „важна порака“, смета тој.

Главниот обвинител на МКС, Кан не подлегнува на влијанија

Уште на почетокот на мај, кога медиумите објавија евентуална потерница против израелскиот премиер, Кан беше жестоко критикуван.Тогаш Кан изјави дека попречувањето, заплашувањето или влијанието врз вработен во Судот може да биде казниво.  Кан сега го повтори барањето  таквите обиди веднаш да бидат прекинати.

Заменик-шефот на Амнести за Германија, Кристијан Мир ги повика сите држави да ја признаат легитимноста на судот. Тој, исто така, експлицитно ѝ се обрати на германската сојузна влада со барање таа да се воздржи од обиди за заплашување или притисок врз Судот.

Како следен чекор, во претходна постапка МКС ќе ги испита барањата за налози за апсење. Донесувањето на одлуката може да потрае неколку недели.