Aко не важат владините уредби, виси и мандатот на ДИК | Северна Македонија | DW | 15.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Aко не важат владините уредби, виси и мандатот на ДИК

Дали претседателот на ДИК заборава дека со владина уредба е продолжен и мандатот на Државната изборна комисија?

Кога претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, вели дека по завршувањето на вонредната состојба повеќе не важат владините Уредби за прашања за изборите, дали „заборава“ дека со иста таква уредба е продолжен и мандатот на Државната изборна комисија? Ова е прашањето што се наметна вчера, еден ден по завршувањето на вонредната состојба, кога ДИК имаше обврска да го ревидира изборниот роковник, за да продолжат дејствата за избори на 5-ти јули. Тие дејства со владина уредба беа прекинати на 21-ви март, и со тоа беа одложени изборите закажани за 12 -ти април. Иако вчера членови на ДИК испратија иницијатива до претседателот и потпретседателката на Комисијата да свикаат седница, и двајцата не одговорија на таа законска обврска. Дерковски вчера преку МИА го објасни неговиот став.

„Од денеска сме во редовна состојба во државата и важи Изборниот законик, а не некои уредби што ги донесе Владата за време на вонредната состојба. Четворицата членови на ДИК од СДСМ и Беса ми пуштија пред два часа барање за свикување на седница. Согласно деловникот имаат право да побараат, меѓутоа во барањето се повикуваат на уредбите, а според мене и според многумина во државата и експертска и друга јавност и Уставниот суд уредбите важат само додека трае вонредната состојба. Немам рок за одговор, но ќе им одговорам дали ќе закажам или не седница. Им оставам сами да одлучат како ќе постапуваат, а јас нема да учествувам во незаконити дејствија“, изјави Дерковски.

И мандатот на ДИК е продолжен со уредба

Министерката за правда, Рената Дескоска, објасни дека уредбите со законска сила може да регулираат и дејствија и мерки кои би се презеле во рокови и по завршувањето на вонредната состојба. Министерката потсети дека тоа се однесува и на мандатот на ДИК.

„Укажувам дека Уставниот суд веќе се изјасни за времетраењето на уредбите со законска сила. Одлучувајќи да ја отфрли иницијативата за Уредбата со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, Уставниот суд оправдано прифати дека не е неуставно уредбите со законска сила да може да регулираат и дејствија кои би се презеле во рокови и по завршувањето на вонредната состојба, односно да регулираат мерки кои ќе имаат правно дејство и по завршување на вонредната состојба", напиша Дескоска на Фејсбук. 

Повеќе:

-Изборите во политичка и правна кармакаша

-До последниот повик

-Датум за избори не е договорен, комуникацијата продолжува

 

Таа потенцира дека ваквиот став на Уставниот суд е особено значаен за многу од мерките кои беа преземени за справување, особено со економските последици од епидемијата со Ковид-19, бидејќи е јасно дека е неопходно тие да имаат правно дејство и по завршување на вонредната состојба се до свикување на Собранието, кое ќе може овие прашања да ги регулира со свои акти.

Дескоска потсетува и дека со Решението У.бр42/2020, Уставниот суд веќе се изјасни и во однос на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, и одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста.

„Уставниот суд вели: очигледно е дека продолжувањето на мандатот на членовите на Државната изборна комисија се протега на период по завршување на вонредната состојба, но тоа е во согласност со целта заради која е донесена оваа мерка - непречено спроведување на предвремените избори за пратеници по престанокот на вонредната состојба, поради што има свое оправдување кое нема основ уставно-правно да се проблематизира", посочи министерката за правда.

Таа објаснува дека продолженото времетраење на правното дејство на уредбите со законска сила и по завршувањето на вонредната состојба, е во случаи кога со тие акти се уредува материја која е тесно поврзана со причината која предизвикала настанување на вонредната состојба. Согласно со тоа, Дескоска потенцира: „Мандатот на ДИК продолжува, матурантите може да бидат мирни - врз основа на уредбата ќе се запишат во септември на факултет без матурски испит, а оние кои примаат парична помош врз основа на уредба – ќе продолжат да ја примаат и понатаму".

Почнува кампањата

По завршувањето на вонредната состојба продолжуваат да течат изборните дејства, што значи денеска треба да почне изборната кампања. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, веќе се изјасни дека не прифаќа избори на петти јули.

„Да изработиме протоколи со кои што ќе го заштитиме здравјето на граѓаните, и втората работа да имаме фер, демократски, инклузивни избори во оваа држава. Што значи тоа? Тоа значи дека првиот ден кога набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР ќе бидат во Македонија, веднаш по одржаната нивна прва прес конференција, следниот ден нека биде првиот ден од нашата кампања и од тој прв ден да го утврдиме датумот кога ќе бидат одржани овие избори. Првата возможна дата е средината на месец јули“, рече Мицкоски.

Повеќе:

-Нови 162 заразени од Ковид-19 и 9 починати пациенти

-Ковид-19: Скопското жариште не стивнува

Во однос на здравствената заштита, претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџоски, изјави дека Комисијата веќе направила протокол кој важи кога и да се одржат изборите.

„Комисијата изготви протокол и тој е доставен до ДИК. Но, ние кажавме дека не можеме да проектираме во кој период може да има избори. Кажавме кои критериуми треба да се задоволат за да се спроведат. И во соседството се подготвуваат за избори. Никој, никаде не го прекинал изборниот процес поради Ковид-19. Никој нема да се зарази ако ги почитува мерките за заштита, за дистанца, ако носи маска или ако се дезинфицира. Значи, направивме протокол кој важи кога и да се одржат изборите“, изјави Караџоски.

Премиерот Оливер Спасовски вчера на Фејсбук објави дека за Владата датумот за избори е „завршена тема“.

„Датумот за изборите е завршена тема за Владата. Неодговорно е државата да ја оставиме без парламент, со преодна Влада и со опозиција која е настроена деструктивно и само гледа да заработи некаков политички поен на сметка на кризата и на ризиците на кои се изложени граѓаните", напиша Спасовски.

И додека од најголемите партии си испраќаат пораки околу датумот на избори, коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива соопшти дека денеска ја започнува кампањата за предверемните парламентарни избори, под мотото „Сега е време“.

„Сега е време за промена кај Албанците! Сега е време за еднакви права! Сега е време за еднакви инвестиции! Сега е време за правда која не ги бира граѓаните според етничка, политичка и верска припадност! Сега е време за квалитетно образование! Сега е време за квалитетно здравје! Сега е време за држава за сите!“, се вели во во соопштението.

 

 

Реклама