Мас за ДВ: Вашинтон зборува со јасен јазик во насока на Москва | Свет | DW | 18.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Мас за ДВ: Вашинтон зборува со јасен јазик во насока на Москва

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас смета дека изјавите на американскиот претседател Џо Бајден за шефот на руската држава Владимир Путин се знак на потврд став на САД кон Москва.

Откако Бајден е претседател на САД, „јасно е дека Вашингтон ќе ѝ се обраќа јасно на Москва“, вели во интервју за Дојче Веле германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

„Не е моја задача да коментирам или оценувам изјави на американскиот претседател“, нагласува Мас во интервјуто, но, како што вели, согледал дека САД зборуваат со многу јасен јазик во врска со руските активности, како на пример оние во Сирија, но и кога се работи за влијание врз избори во трети држави.

Од друга страна, додава шефот на германската дипломатија, само неколку дена по стапувањето на функцијата Бајден успеа да го продолжи договорот со Русија за нуклеарно разоружување Нов Старт. Онаму каде што има меѓународен интерес, САД со Бајден се „подготвени за дијалог и се во состојба да постигнат разбирање“, вели Мас за ДВ.

Тензиите помеѓу Москва и Вашингтон вчера доживеаја нов врв, откако Бајден во едно интервју на прашањето дали го смета Путин за „убиец“, одговори потврдно. Како реакција на тоа Русија го повлече својот амбасадор од Вашингтон на консултации. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, оцени дека изјавите на Бајден се „многу лоши“.

Повеќе:

Русија го повлече на консултации својот амбасадор во САД

Американски тајни служби: Путин сакал да му наштети на Бајден на изборите

Москва под притисок: Политиката на Џо Бајден кон Русија

Рускиот претседател Владимир Путин во меѓувреме рече дека идните односи со Вашингтон ќе ги гради врз основа на она што е подобро за Москва. Во однос на вербалниот напад на Бајден, пак, прокоментира: „Во другиот ги гледаме секогаш своите особини и мислиме дека и тој е како нас.“