Флин признава, Трамп останува | Свет | DW | 02.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Флин признава, Трамп останува

Признанието на екс американскиот советник за национална безбедност Мајкл Флин дека лажел околу своите контакти со Русија, го зголемува енормно притисокот врз Доналд Трамп. Дали тоа значи и почеток на крајот за Трамп?

Зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џеред Кушнер, е повторно под притиск во аферата со Русија. „Вашингтон Пост“ и порталот „Базфид“ информираат дека Кушнер му дал упатство на поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин (на насловната фотографија) за контакт со рускиот амбасадор. Флин претходно пред суд призна дека лажел за своите руски контакти. Тој наведе дека бил инструиран да ја контактира Русија од страна на „многу висок“ соработник во тимот на Трамп.

Какво е значењето на признанието на Флин?

Признанието е од големо значење, зашто Флин беше не само член на изборниот тим на Трамп, туку и висок претставник на владата. Флин не е кој било соработник. Тој долго време се сметаше за еден од најважните, ако не и најважниот надворешнополитички советник на подоцнежниот претседател. Благодарение на тоа што Трамп го ценеше, Флин беше назначен на местото советник за национална безбедност, и покрај тоа што голем број експерти не се согласуваа со тоа.

Признанието на вината од страна на Флин е сигурен знак за тоа дека тој му дал важни информации на тимот на специјалниот иследник Роберт Милер.

„Тоа е она што е навистина важно во целата работа - тоа дека Флин бил подготвен да соработува со Милер, ако за возврат добие поблаги услови“, оценува Џими Гуруле, поранешен заменик главен обвинител во американското Министерство за правда и професор по право на универзитетот Нотрдам. Гуруле и самиот има склучено голем број „дилови“ со обвинети лица. „Не склучуваш 'дил' во една кривична постапка, ако обвинителот не е апсолутно сигурен дека можниот сведок има многу веродостојни докази, кои би овозможиле да се стигне до високи по ранг лица во една криминално дејство.“

USA - Ermittlungen zur Russland-Affäre - Robert Mueller (Getty Images/A. Wong)

Истрагата на специјалниот иследник Роберт Милер добива динамика

Кој е уште во визирот на иследникот Милер?

Стратегијата на специјалниот иследник Милер е преку „помалите риби“ да стигне до „поголемите риби“. Најгоре на листата на „поголеми риби“ е зетот на Трамп, Џеред Кушнер.

Експертката по кривично право, Керн Грифин, вели дека „Мајкл Флин и Џеред Кушнер соработувале за време на кампањата на многу начини, па затоа треба во секој случај да се претпостави дека Мајкл Флин има информации кои се отповарувачки за Џеред Кушнер“.

Дали е ова почеток на крајот за Трамп?

Иако признанието на вината од страна на Флин на социјалните медиуми се толкува и како почеток на крајот на претседателот Трамп, за вакви заклучоци е прерано. За правните експерти е тоа само уште еден, иако важен чекор, во истрагата на Милер. Точно е дека обвиненијата се приближуваат сѐ повеќе до Претседателот, но Трамп лично досега не е предмет на истрага. Освен тоа, уставноправно е исклучително контроверзно дали еден актуелен претседател може воопшто да биде обвинет. Професорката Грифин смета дека е едноставно нереално да се очекува заминување на Претседателот, барем не во овој момент. Според нејзино мислење, прашањето за иднината на Трамп и онака веројатно нема да се одговара правно, туку политички - на Midterm elections (избори кои се одржуваат на половина од мандатот на претседателот, кога се гласа за една третина од сенаторите, како и за дел од гувернерите и составот на парламентите во дел од сојузните држави, н.з.) наредната година.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама