1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Тројанскиот коњ на Ангел Димитров

Ерол Ризаов
15 март 2022

Копретседавачот на историската комисија Димитров испука силна пропагандна ракета кон Скопје, Вашингтон, Брисел и еден проектил до својот премиер Кирил Петков, колку за опомена да внимава што работи. Пишува Ерол Ризаов

https://www.dw.com/mk/%D1%82%D1%80%D0%BE%D1%98%D0%B0%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%B8%D0%BE%D1%82-%D0%BA%D0%BE%D1%9A-%D0%BD%D0%B0-%D0%B0%D0%BD%D0%B3%D0%B5%D0%BB-%D0%B4%D0%B8%D0%BC%D0%B8%D1%82%D1%80%D0%BE%D0%B2/a-61125125

Ангел Димитров, копретседател на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за образовни и историски прашања на Бугарија и на Македонија, во екот на руската инвазија врз Украина испука една силна пропагандна ракета кон Скопје, Вашингтон, Брисел и еден проектил на пристојна одалеченост од својот премиер Кирил Петков, колку за опомена да внимава што работи.

Димитров, во колумна добро темпирана во актуелен момент, објавена во бугарските медиуми, ги предупреди Америка, ЕУ, НАТО сојузниците и својата влада. Сите посочени се повикани да бидат внимателни, оти според неговите научни и историски проценки Македонија може да биде рускиот тројански коњ ако биде примена во ЕУ без да бидат прифатени бугарските ултиматуми за историското минато. Оти, како што напиша, „нема светла иднина без јасно минато и не може до бескрај да има нови почетоци“.

Еве ја силно мотивираната закана на Димитров од неговата историска перспектива: „...дали Европската Унија и САД разбираат дека упатувајќи критики само кон Бугарија, тие всушност ја рехабилитираат Коминтерната, руските и српските интереси, Сталин и Тито и тоа идеолошко наследство кое е апсурдно далеку од научна прецизност, политичка коректност и европски вредности? И дека држава која е генетски поврзана со Србија и со Русија не може и не сака да им го сврти грбот? Во овој контекст, апсурдни се навестувањата дека позицијата на Бугарија им е на услуга, бидејќи Бугарија силно ја поддржа евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија за да ѝ помогне да излезе од старата југословенска комунистичка орбита. Инаку, Москва нема ништо против евроинтеграциите на Белград и Скопје, бидејќи – со оглед на нивното политичко наследство – тие ќе бидат толку потребните 'тројански коњи' во Европската унија“. 

Кога историчар станува гаталец 

Да нема недоразбирања - ова не го кажува претседателот на Русија, Владимир Путин, обземен со историја за Украина. Ова го кажува Англел Димитров, бугарски историчар, згора на тоа и копретседател на историската комисија. Му недостасува уште полкот на поранешниот министер за одбрана на Бугарија, Красимир  Каракачанов и да ја почне инвазијата на Македонија со уривање на спомениците кои ги означувале не само злоделата на бугарскиот фашистичкиот окупатор, туку и оние кои симболизираат иредентизам, односно припојување на целата географска област Македонија кон Република Северна Македонија, иако тоа прашање е решено со Грција, ама добро е и конјуктурно да се истакне и во оваа прилика, оти не е решено и со Бугарија на ист начин, бидејќи Гоце Делчев и Даме Груев јаваат коњи со костуми на скопскиот плоштад, а нема напис дека се Бугари. 

Предвидувањата на Димитров како гаталец, упатени кон Америка, ЕУ и НАТО сојузниците, за опасноста од Македонија да биде руски тројански коњ и тоа како идна членка на ЕУ, ги надминува сите небулози и глупости искажани и напишани откако падна бугарското вето и ги затвори вратите на Македонија за отпочнување на преговорите со ЕУ. За да биде поуверлив во своите предвидувања Димитров ја смести Македонија заедно со Србија како руски вазали.

Ете, така конечно разбравме дека Македонија, ставена на листата на непријателски земји на Русија, е само разузнавачки трик, бидејќи, во суштина, таа штом влезе во ЕУ, ќе биде рускиот преставник во Брисел. Да беше во прашање некој од редовните бугарски македономрсци, човек може само да одмавне со рака на ваквите јасновидци ала баба Ванѓа, но за јавен настап на еден копретседател на заедничка историска комисија морало да има силен повод, бидејќи за вака груба закана и клевета на соседна држава, изнесена како претпоставка од човек што многу сакал да ја види Македонија како членка на ЕУ, морало да има голема причина и силни мотиви дотаму да се изгуби здравиот разум и да се урне она малку што е изградено во Комисијата која пишува историја за почетници.

Добро е што Димитров и Бугарија, како што вели, многу сакале да ја видат Македонија како редовна членка на ЕУ. Замислете да не го сакаат тоа како што Русија не сака да ја види Украина во НАТО и ЕУ! Таа добронамерност поради преголемата љубов на Бугарија е поради сојузништвото во НАТО. Можете да претпоставите што би се случило ако и македонскиот копретседател, или некој од членовите на истата историска комисија се јави со колумна во која ќе ги предупреди Америка и ЕУ дека најверниот сојузник на Советскиот сојуз и поранешната членка на Варшавскиот пакт, Бугарија никогаш не претстанала да биде рускиот човек во ЕУ и во НАТО. Се разбира, ваква бесмислица ни еден релеватен политичар не изговорил во Македонија. 

- повеќе од авторот: Послушните ќе го уништат светот

Шпионскиот трилер стана пародија 

Вознемиреноста на Димитров не доаѓа поради тврдиот став на Македонија во преговорите со Бугарија за идентитетските посебности и македонскиот јазик, ниту поради поддршката на членките на ЕУ и на НАТО да не се прават ревизии на историјата и поради обземеноста со историјата. Тоа се веќе познати работи и во тоа нема ништо ново, туку поради тоа што се случува во неговата земја каде почнува да се топи големата санта мраз во полза на прагматичната политика на премиерот Кирил Петков и сѐ поголемиот број здраворазумски предупредувања и јавни настапи на повеќе тамошни интелектуалци, спротивставени на политиките на Бугарија да биде најголемиот кочничар кој ја блокира европската иднина на својот сосед, задскриена под превезот дека најмногу таа сака Македонија што побргу да биде демократска држава по урнекот на западна Европа, демек како што е Бугарија.

- повеќе од авторот: Зошто немаме дописници од војната и страдањата во Украина

Кога не проаѓаат и никаде во слободниот свет не се прифатливи ревизиите на историјата, во сенката на руската инвазија на Украина, се исфрли новата доктрина за опасноста од проруска и просрпска Македонија ако еден ден стане членка на ЕУ. Ваков шпионски трилер тешко може да режира и Холивуд. Многу плитка и лесно читлива пародија за способноста на македонските политичари и разузнавачки служби да направат таен договор со Русија за да ѝ наштетат на Европската унија, Америка и НАТО. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Македонија знаме

Македонскиот руски круг

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница