1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Vladimir Putin
Фотографија: Mikhail Klimentyev/Kremlin/Sputnik/REUTERS

Трите војни на Путин

Ивор Мицковски
4 март 2022

Путин можеби си верува на својот лажен свет, можеби верува дека ја враќа Империјална Русија, но длабоко греши. Го чека лош крај, затоа што го загрози својот, западниот и опстанокот на цела Русија. Пишува Ивор Мицковски

https://www.dw.com/mk/%D1%82%D1%80%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B2%D0%BE%D1%98%D0%BD%D0%B8-%D0%BD%D0%B0-%D0%BF%D1%83%D1%82%D0%B8%D0%BD/a-61009339

Со бруталната инвазија врз Украина, базирана на три лажни мотивации од Путин, Русија отвори три војни по течението на историската река Дњепар, денес новата граница на поделба помеѓу Истокот и Западот.

Трите лаги на  Путин беа дека ја покрена воената машина заради денацификација на Украина, да го запре „геноцидот“ во Донбас и да го спречи ширењето на НАТО кон Русија. Во реалноста потегот е мотивиран од неговата нарцисоидна аспирација да ги врати стрелките на часовникот и да ја поврати Руската империја.

На тој начин Путин предизвика три војни и три новости кои ќе имаат непредвидливи, но и неизбежно негативни последици по неговото владеење.

Првата војна е онаа традиционалната, базирана на крв, месо и земја како и сите класични конфликти од 20-от век, со Киев и Украинците кои демонстрираат неочекуван и херојски отпор на крвавиот тиранин.

Втората војна е војната на Путин против демократијата и демократиите, кој тој самиот ги сведе на судир со Западот, нешто што се претвора во првата вистинска војна на новиот милениум и која неизбежно ќе произведе тектонски пореметување во светскиот поредок и однос на сили, каде крајната цел е доминација над културната хегемонија на новиот свет.

Третата војна е онаа која последна ќе се манифестира, но која веќе покажува знаци на своја динамика. Тоа е внатрешната војна која неминовно ќе си ја накалеми Путин благодарение на политичко-економската изолација и  санкции и која ќе се преведе во судир со своите генерали, со руската елита од олигарси и силовики, но и со самото руско општество кое од поодамна посакува промени во врвот на кремлинската номенклатура.

Во првиот случај противници се Русија и Украина, во вториот Русија и Западот, а во третиот Путин и  руското општество.

Претходни колумни од авторот: Путин ја добива битката, но најверојатно ќе ја загуби војната!

Путин дефинитивно го потцени украинскиот отпор, како воен така и цивилен, и неговата блицкриг операција потфрли во своите цели. Не случајно, додека си обезбедува можен излез од војната преку преговори, ги интензивира своите воени напади, бомбардирајќи ги украинските градови и претворајќи ги во Грозни. Путин се надеваше дека брзо ќе ја претвори Украина во вазалска земја, ќе го смени политичко-воениот врв, ќе издејствува спектакуларен процес врз „неонацистичките и издрогирани“ лидери, кога наместо тоа се соочува со невиден партизански отпор и потреба од воена ескалација која станува опасна и по неговите војници и по неговата судбина. Путин отвори процес и размрда сили кои повеќе не може да ги контролира. Без разлика дали ќе продолжи кон целосна окупација или поделба на Украина, Путин ќе страда од факторот време, ќе биде заглавен во една конвенционална и герилска војна која сигурно ќе потрае, додека антирускиот бунт и сентимент ќе расте кај популацијата. Украина својата стратегија веќе ја утврди, ќе менува територија за време. Украина не се бори да ја спречи инвазијата, тука да ја направи неодржлива окупацијата и невозможна воената победа за Русија. Најлошото допрва следува, па Путин и воено да ја освои Украина, како ли планира да ја владее, храни и оддржува најголемата држава во Европа со 45 милиони жители кои ја мразат Русија и неговиот режим?!

Ukraine-Russland Krieg Zerstörte Stadt Irpin
Украинскиот град Ирпин уништен од руските бомби Фотографија: Roman Pilipey/EPA-EFE

Стратешка грешка на Путин

Во исто време Путин направи една стратешка грешка по интересите на Русија. Од две братски нации и народи, како украинскиот кој се обидува да го освои, и белорускиот кој веќе го потчини, направи непријатели, од проруски ги направи русофобични, развивајќи силен антируски сентимент, кој само ќе го засили националното чувство во Киев и Минск, додека нивните граѓани својата иднина се повеќе ќе ја бараат на Западот или подалеку од контролата на Москва.

Путин со еден потег политички го ревитализираше НАТО, го обедини Западот и ја турна Европа кон поголема политичка и воена интеграција, како и засилено вооружување. Меѓународно ја изолираше Русија, до тој степен што само Сирија на Асад и Иран на ајатоласите го поддржуваат. Европските партнери кои ги имаше, од Прага до Будимпешта на Орбан инстантно го напуштија, додека дури и турскиот претседател Ердоган, со кој заедно ја поделија Либија, му го сврте грбот без многу размислување. Партнерството кое му останува со Кина е ограничено од внимателноста на Пекинг и Џинпинг, кои веднаш го сфатија ризикот од отворената поддршка за Путин по нивните амбиции да станат лидери на глобалниот свет. Единствен очигледен резултат кој Путин успеа да го постигне е политички да ги врати во живот НАТО и  Џо Бајден.  НАТО, кој до пред некоја година немаше политичка поента да постои и беше прогласуван за „мозочно мртов“, одеднаш е вратен на светската сцена како есенцијална и егзистенцијална институција. Бајден пак е воскреснат како лидер на слободниот свет и зајакнат од способноста на своите разузнавачи да ги антиципира сите потези на Русија, ја искористи војната во Украина за да ја стиши домашната опозиција и да го обедини Конгресот пред клучните мид-терм избори.

Ivor Mickovski
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Да имаше тронка луцидност во резоните на Путин, ќе оставеше Америка сама да се дистанцира од Европа, така остварувајќи ја најголемата советска цел од Студената војна. Да имаше тронка политичка интелигенција и да развиваше партнерски односи со Европа, Украина и Белорусија, ќе ја увидеше огромната економска и дипломатска предност од таквите постапки. Да имаше тронка капацитет за стратешко размислување, ќе оставеше Америка да се префрли во Азија и да го продлабочи својот судир со Кина, нешто што сега ќе остане замрзнато на неопределено време. Путин направи сѐ спротивно од интересите на Русија.

Кралот е гол

Од тие причини, како и поради ударот од економските санкции, ситуацијата и на домашен план ќе станува сѐ потешка за еден ретко кратковиден диктатор како  Путин.  Путин во еден ден изгуби 400 милијарди долари државни резерви кои Западот успеа да му ги замрзне. Тоа е како во еден ден да го изгубиш целиот БДП на една Австрија. Му остануваат 130 милијарди во злато, за кои ниту лесно, ниту брзо ќе може да најде купувачи. Потоа има уште 60 милијарди јуани, кои Кина двапати ќе размисли дали да му ги смени во друга валута. Тоа веднаш ја турна Русија во монетарна, финансиска и криза на ликвидност. За граѓаните на  Русијатоа значи дека ќе следува галопирачка инфлација, влошување на квалитетот на живот и исчезнување на добар дел од нивните заштеди. На долги патеки тоа може да предизивика внатрешен бунт и Путин да заврши дефенестриран. Руските воени лидери веќе знаат дека Путин сѐ повеќе е изолиран, осамен и нелогичен, па со тек на време можеби и ќе соберат храброст да го соборат. Веројатно е дека незадоволството ќе се прошири и во кругот на министри, советници и бизнисмени блиски до Кремљ.

Претходни колумни од авторот: Преговори Запад-Русија: Путин бара нова Јалта

Олигарсите почнаа да откажуваат послушност и поддршка, министрите гулаби како Лавров веќе се на маргините, дури и воените јастреби чудно го гледаат. Ќе биде оставен во сауната како Сталин од Берија. Со таа разлика што Путин е денес поосамен и од Сталин, владее како предсоветски цар изолиран од светот. И таа самотија ќе се сврти против него, оставајќи го без сојузници и без пријатели. Кралот е гол, а под него збунети и уплашени генерали, министри и олигарси. Никој не преживеал на власт, а да биде единствен извор на сите проблеми.

Обединувачкиот фактор на овие три процеси кои сите имаат свое време и свои динамики е демократијата. Демократијата на правата, демократијата на институциите, демократијата на аспирациите за слобода и подобар живот, заедно со владеењето на правото и меѓународниот легитимитет, е пактот кој ги врзува Европа, САД, Јапонија, украинските власти и граѓани, бројни други држави и граѓански движења и во Русија, и која евентуално ќе доведе до крајот на Путиновата тиранија. Демократија која низ годините беше занемарена, мистифицирана, па дури и издадена, но никогаш во целост напуштена од Западот.

Западот згреши што веруваше дека сите ќе ги прифатат демократските вредности како универзални или дека тие можат со оружје да се извезуваат. Но, преку грешки, преку контрадикции, лицемерија и изневерувања, Западот сепак продолжи да верува во демократската несовршеност и комплицираност, без да се предаде на авторитарните импулси и поедноставувања.

Денес преку агресијата на Русија против една независна држава, преку кршењето на меѓународното право, преку негирањето на националниот суверенитет и правото на самопределување, преку рушење на безбедносниот поредок во Европа, Путин одлучи да им објави војна на демократијата, на правото и на легалноста. Затоа и ќе се соочи не со една, не со две, туку со три војни.

Путин можеби си верува на својот лажен свет, можеби си верува дека ја враќа Империјална Русија, но длабоко греши. Го чека лош крај, затоа што го загрози својот, западниот и опстанокот на цела Русија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Fußball EURO 2020 | Ukraine vs. Nord-Mazedonien

Борисов: Соседите не ги разбираат европските вредности

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница