Светот дава сѐ повеќе пари за оружје | Свет | DW | 29.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Светот дава сѐ повеќе пари за оружје

САД, Кина, Саудиска Арабија и Франција заедно трошат повеќе пари на вооружување отколку сите останати земји заедно, вели Меѓународниот институт за истражување на мирот СИПРИ.

Тешко е да се замисли сума од 1822 милијарди американски долари. Толку многу пари во 2018 година во светот се вложени во вооружување. Тоа е за 2,6% повеќе од претходната година. Ова стои во најновиот извештај на Меѓународниот институт за истражување на мирот од Стокхолм, СИПРИ.

Најголем „придонес“ за ваквата статистика имаат САД кои значитечно ги зголемија издатоците за војската. Од сите земји во светот тие издвојуваат најмногу пари за вооружување – во 2018 речиси колку што потрошиле вкупно земјите од второ до деветто место на листата. „Овогодишниот пораст на трошоците од 4,6% е првото зголемување во последниве седум години“, вели за ДВ Нан Тијан, проектен раководител во СИПРИ. „САД започнаа со спроведување на сеопфатна програма за модернизација на армијата. Зборуваме за сума од 1,8 билиони долари кои во следните 20 години треба да се дадат за конвенционално и нуклеарно оружје."

Според извештајот на СИПРИ, најмногу пари за воени издатоци издвојуваат САД, Кина, Саудиска Арабија и Индија. Франција е на петтото место, а по неа следи Русија, која за првпат по 2006 година е на шестото место. Тијан објаснува дека тоа не значи оти Русија во 2018 година потрошила помалку пари за вооружување, туку дека СИПРИ ги пресметува сумите во американски долари. „Падот на руските трошоци за вооружување од 3,5% лежи во инфлацијата. Инаку во рубљи сумата е иста како и во 2017 година."

Источна Европа загрижена

Европските земји, соседи на Русија, се загрижени поради големата сума која ја вложува Москва во вооружување, вели извештајот на СИПРИ. Конфликтот помеѓу Русија и Украина придонесува за напнатата ситуација и за зголемување на воените трошоци. Украина изминатата година потрошила 4,8 милијарди долари за вооружување, што е зголемување од 21% во однос на претходната година. И земји како Бугарија, Летонија, Литванија, Романија и Полска значително ги зголемиле воените расходи за да се спротивстават на потенцијалната закана од нивниот сосед.

Франција, Германија и Велика Британија се земјите од Западна Европа кои издвојуваат најмногу пари за вооружување и се меѓу првите десет на листата. И Германија ги зголемила воените издатоци, бидејќи владата планира до 2025 година да го зголеми воениот буџет на 1,5% од БДП. Засега ова е околу 1,2%, а НАТО партнерот САД бара тоа да се зголеми на 2%.

Infografik Miliätrausgaben Länder 2018 BIP EN

Воени издатоци во одделни земји (извор: СИПРИ)

Големата Кина

Народна Република Кина е на неприкосновеното второ место по купување оружје. Оваа земја дала 250 милијарди долари за оружје и модернизација на војската – во изминатата деценија трошоците за одбраната ѝ се зголемени за неверојатни 83%. Според СИПРИ-експертот, од една страна ова се должи на фактот што Кина го проширува своето влијание во регионот. „Кина не сака да дозволи САД да се приближат во регионот и кај соседните земји. Има големи тензии меѓу најголемите играчи“, вели тој. Од друга страна, модернизацијата на американската војска сигурно игра улога, како за Кина, така и за Русија.

„Не би ја нарекол светска трка во вооружување, но сепак овие земји даваат сѐ повеќе пари за вооружување и се опремуваат со ново подобро и помоќно оружје, кое често е многу скапо."

Новиот воен арсенал вкучува роботско оружје, како и сајбер и биолошко оружје. На една конференција во Берлин СИПРИ неодамна предупреди од екстремно брзиот развој на нови технологии за биолошко оружје.

Продолжува испораката на оружје во Саудиска Арабија

И покрај намалената цена на нафтата и кратење од 6,5%, воените расходи на Саудиска Арабија во измината година сепак останале високи, со што оваа земја е на третото место на листата на СИПРИ. Оваа држава богата со нафта со 67,6 милијарди долари е најголемиот увозник на оружје во светот и омилен гостин кај меѓународните компании за оружје. Германската влада уште во коалицискиот договор одлучи да се запре извозот на оружје за Саудиска Арабиа поради нејзината вклученост во конфликтот во Јемен. По убиството на антивладиниот новинар Џамал Кашоги, германската влада во ноември побара стопирање на извозот на оружје за Саудиска Арабија, иако тоа тешко се спроведува во пракса. Голем дел од оружјето германските производители го изработуваат во други земји во соработка со партнерски фирми, на кои сојузната влада не може да им наметне забрана за извоз.

Повеќе: 

Нов Зеланд: Никогаш повеќе полуавтоматско оружје!

ДВ истражување: Германско оружје за војната во Јемен

Турција и натаму се вооружува

И со Турција ситуацијата за германската влада станува сѐ потешка кога се работи за извозот на оружје. Отпорот расте заради повреда на човекови права во Турција и големата воена офанзива против Курдите во Сирија, а со тоа и критиката за испорачување оружје од страна на Германија. Но Турција, од друга страна, незауздано се вооружува. Минатата година нејзините издатоци за оружје се зголемија за 24 проценти и Турција се искачи на 15 место во светот.

„Турција троши сѐ повеќе пари за да финансира систем за брза испорака на оружје. Земјата набавува големи количества оружје", коментира Нан Тијан од СИПРИ. „Турција ја проширува и воената офанзива против курдските групи во Сирија и тоа чини многу пари."

Крвните непријатели Индија и Пакистан

Индија петта година по ред ги зголемува трошоците за оружје и е на четврто место на листата на СИПРИ. Индија троши 66,5 милијарди американски долари, односно шест пати повеќе од соседот и крвен непријател Пакистан. Двете атомски сили продолжуваат со вооружувањето и ситуацијата во Кашмир останува непредвидлива и ризична за целиот регион.

Генерално погледнато во Азија се трошат сѐ повеќе пари на оружје. Според СИПРИ, таквиот тренд трае непрекинато веќе 30 години, при што Кина, Индија, Јапонија и Јужна Кореја се меѓу првите десет земји и уште повеќе го нагласуваат таквиот тренд.

Африка: Нафта за оружје

Африка може како континент да биде горда што според овогодинешниот извештај трошела помалку пари за оружје. Таквиот тренд трае веќе 4 години и во 2018 паѓа в очи тоа што четирите земји во Северна Африка трошеле повеќе пари за оружје отколку 45-те јужно од Сахара. Трошоците на Судан се намалени за 49 проценти, на Ангола за 18. Но, според Тијан од СИПРИ, таквите бројки треба да се третираат со доза на воздржаност. „Има сериозни индиции дека Судан троши многу пари кои не се од буџетот и кои заради тоа не можеме да ги опфатиме во извештајот. Има програми преку кои нафтата директно се користи за војската, но ние како граѓанско општество немаме увид и не можеме тоа да докажеме."

СИПРИ во ноември 2018 објави студија за растечката транспарентност на трошоците на војската во Африка. Сепак, Судан не е единствената земја во Африка која не ги пријавува сите трошоци за оружје. „Има извештаи и обвинувања дека во повеќе земји од Африка се случува истото, особено во Јужен Судан, Судан и Ангола. Тоа е прашање и на корупција и кој од тоа профитира", вели Тијан.

Symbolbild - Afrikanische Miliz (Getty Images/AFP/A. Pungovschi)

Африка како континент трошела помалку пари за оружје

239 долари по глава за оружје

Во извештајот на СИПРИ не се содржани тајните договори. Извештајот и базата со податоци се потпира исклучиво на слободно достапните извори и официјалните податоци. Мора да се претпостави дека фактичките трошоци за вооружување се повисоки од 1822 милијарди американски долари кои СИПРИ ги пресмета. Без разлика дали е дете, маж, жена, богат или сиромав човек - за оружје по глава на жител на земјава се трошат по 239 американски долари. Тие пари од буџетот недостигаат за други нешта: „Ако човек размисли колку луѓе живеат под границата на сиромаштија со по еден или два долари на ден, тоа се повеќе од 60 проценти од годишните примања на тие луѓе", нагласува Нан Тијан од СИПРИ, кој го води проектот „Светски трошоци за оружје“. "Тоа е значителна сума која се фрла на војската."

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама