Путин во Србија: Посрдечно и од руска губернија | Свет | DW | 18.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Путин во Србија: Посрдечно и од руска губернија

Руската делегација беше, може да се каже, првата лига на руската администрација. Со оглед на тоа што ова беше четврта посета на Путин на Србија, се наметнува прашањето: со што малата Србија заслужи толкаво внимание?

Посетата на рускиот претседател Владимир Путин во прв ред потсетуваше на неработен ден или, на пример, на ден за пешаци без автомобили. Со оглед дека повеќето државни фирми беа принудени организирано да ги испраќаат вработените на разни пунктови во градот за да претставуваат спонтано собрани граѓани, атмосферата во секој случај беше неработна и карневалска.

Со оглед дека поради високите мерки на безбедност, сообраќајот во текот на денот беше во прекин, непрегледни колони пешаци ги преплавија белградските улици обидувајќи се некако да стигнат до своите куќи. Во текот на целиот ден во Белград можеа да се видат групи луѓе кои, опремени со руски и српски знамиња, дојдоа во главниот град од внатрешноста. Секако дека имаше и такви кои самоиницијативно сакаа во текот на вечерта да го видат Путин во живо пред храмот Свети Сава, но забележливо беше дека на многумина тоа им беше работна обврска.

Околу 120 илјади луѓе, колку што според официјалните податоци дошле на платото пред Свети Сава, на крајот на посетата од Путин добија реченица на српски: Ви благодарам на пријателството. Слободен ден, сендвич, сок и 1.500 динари, екскурзија во Белград, орден за Вучиќ и благодарноста на Путин - секој на свој начин ќе ја запамети посетата на рускиот претседател.

Заемна корист

Руската делегација беше, може да се каже, првата лига на руската администрација. Со оглед на тоа што ова беше четврта посета на Владимир Путин на Србија, се наметнува прашањето: со што малата Србија заслужи толкаво внимание? Надворешнополитичкиот коментатор Бошко Јакшиќ смета дека за оваа посета Вучиќ и Путин имале заемен интерес: „Интересот на Путин е да биде сигурен дека каков било договор кој ќе го потпишат Србија и Косово, а кој би го пишувале Вашингтон и Брисел, ќе ја сочува Србија под руско влијание. Србија и Република Српска во моментов се главната потпора на руските интереси на Западниот Балкан.

Serbien Staatsbesuch russischer Präsident Wladimir Putin in Belgrad (Reuters/K. Coombs)

Улиците во центарот на Белград беа празни поради посетата на Владимир Путин

Вучиќ од друга страна сака да слушне како Путин реагира на можниот договор меѓу Белград и Приштина. Притоа им испрати порака, пред сѐ на оние кои се против договорот, дека го има Путин на своја страна“, вели Јакшиќ.

Соговорниците на ДВ забележуваат дека Путин и нема многу адреси во Европа на кои може да отпатува. Во таа смисла и Владан Марјановиќ, новинар на неделникот НИН, забележува дека „на Путин не може да му штети, во една европска земја која е и кандидат за членство во ЕУ, да биде дочекан посрдечно одошто деновиве би бил дочекан во некоја руска губернија на крајот на светот. Посебно по неодамнешното подигање на старосната граница за одење во пензија во Русија, што веднаш негативно се одрази и врз популарноста на Путин“.

Марјановиќ додава дека по поразот на руската политика во Црна Гора и Македонија, на Путин добро му доаѓа да демонстрира дека сѐ уште држи некои позиции во овој дел од Европа. „Дополнителен бенефит е нелагодноста која оваа посета ќе ја предизвика во рамките на ЕУ“, вели Марјановиќ.

Русија не го дава Косово?!

Судејќи според изјавите на Вучиќ и Путин, проблемот на Косово било една од главните теми на посетата. Путин го повтори познатиот став дека решението треба да се бара низ „заемно прифатливо решение и почитување на Резолуцијата 1244 на ОН“, додека Вучиќ нагласи дека „без Русија нема да има никакво решение на косовското прашање“.

Wladimir Putin in Serbien (picture-alliance/Pixsell/S. Ilic)

Според официјални податоци, околу 120 илјади луѓе го поздравиле Путин пред храмот на Свети Сава

Аналитичарите сметаат дека во ставот на Москва се крие и нешто друго.

„Мислам дека Русија се крие зад стандардните изјави дека ќе го прифати она што ќе го договорат Белград и Приштина. Се чини дека Русија за таквиот потег би очекувала гаранции од Србија дека нема да отплови по патот на Македонија и Црна Гора. А од друга страна, сигурно би очекувала и некакви отстапки од Вашингтон и Брисел. Русија може да каже - нема да ставиме вето на договорот меѓу Белград и Приштина, но тоа има своја цена“, вели Бошко Јакшиќ.

Пишувањето на руските медиуми на некој начин ги потврдува таквите гледишта. Според нивните оценки, прифаќањето на поделбата или разграничувањето на Косово и Србија би отворило простор за признавање на Косово. Тоа дефинитивно би го зацврстило Косово како протекторат на НАТО, а во Москва се стравува дека Вучиќ потоа би можел да ја одведе земјата кон НАТО. На таков развој на настаните предупредува и српската опозиција која смета дека, по признавањето на Косово, заради зачувување на власта Вучиќ би се свртел кон нов проект - членство во НАТО.

Според Јакшиќ, тоа е многу веројатно сценарио. „Русија значително го прошири своето влијание на Балканот поради косовското прашање. Било какво конечно решение би значело затворање на тој драгоцен канал на руско влијание. А тоа никако не е во руски интерес“.

DW.COM

Реклама