1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Игри со граници на Балканот

Самир Хусеиновиќ
9 јануари 2019

„Бришење“ граници на Балканот заради создавање „големи“ држави не е можно без судири, предупредуваат аналитичарите, коментирајќи ги несогласувањата помеѓу Белград и Приштина и споредувањето на Косово со Република Српска.

https://p.dw.com/p/3B87X
Dodik Balkan Karte
Милорад Додик во интервју за ДВ ги нацрта границите на Балканот според своја замислаФотографија: DW

Србија остро реагираше на изјавата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај дека границата помеѓу Косово и Албанија е „избришана врз основа на шенгенските принципи“. Министерот за одбрана Александар Вулин во тоа гледа обид за создавање „Голема Албанија“ која „не може да биде создадена без судири на целиот Балкан, не само во Србија“. Српската премиерка Ана Брнабиќ ја обвини Приштина дека ја загрозува регионалната стабилност користејќи прилика да го спореди Косово и босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска (РС). „Очигледно границите се на маса и сега за некои може да бидат, а за Република Српска не можат“, рече Брнабиќ.

Очекувано, следуваа реакции од Сараево. Членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, порача дека „границите на БиХ никако не можат да бидат доведени во прашање, независно од тоа што се случува на границата помеѓу Албанија и Косово“. „Зошто мислат дека политиката на деведесеттите ќе дава поинакви резултати денес? Наместо да се завртат кон соработка, евроатлантски интеграции и стабилизација на регионот, упорно се обидуваат да повлекуваат небулозни паралели помеѓу делови од БиХ и Косово“, изјави Комшиќ. Бошњачкот член на државното претседателство Шефик Џаферовиќ нагласи дека каков било обид на нарушување на територијалниот интегритет или прекројување граници, нема да ја доведе во прашање БиХ, „но би можел да го загрози мирот и стабилноста на целиот регион, како и да означи крај на Дејтонскиот договор, а со тоа и на ентитетските внатрешни структури на БиХ.“

Харадинај за ДВ: „Играта со граници на Балкан е опасна“

Американците се „дебело вмешани“

Коментирајќи ги за Дојче веле новите приказни за бришење и прекројување на границите на Балканот, копретседателот на Игманската иницијатива за Србија, Александар Попов, потсетува на тезата на поранешниот британски дипломат и геополитичар Тимоти Лес дека без национални држави - „Голема Србија“, „Голема Албанија“ и „Голема Хрватска“, нема да има мир на Балканот, па предупредува на погубноста од такво сценарио кое, како што истакнува, не е можно без нови судири. „Кога станува збор за односите на Албанија и Косово, мислам дека Американците тука се дебело вмешани и дека од нив и е потекната таа идеја за бришење на границите. Доколку таквата идеја навистина се реализира, тогаш регионот би бил во голема неволја, зашто приказната не би завршила тука. Србија веднаш би инсистирала истиот принцип да се примени за РС, по што и 'Херцег-Босна' би отишла во рацете на Хрватска. Тогаш од БиХ, ваква каква што е денес, не би останал ниту камен на камен. Такви територијални 'претумбации' никогаш не се случувале на мирен начин, туку тие обично следувале на мировни конференции по војни“, вели Попов.

Додик црта нови карти на Балканот

Aleksandar Popov Politologe aus Serbien
Александар ПоповФотографија: DW/D.Gruhonjić

Насилниот процес на промена на граници на Балканот е започнат во деведесеттите години, а запрен со Дејтонскиот договор и фомирањето на РС, потсетува соговорникот на ДВ. „Продолжувањето на тој процес е можен само во вооружена варијатна, со тоа што судирите денес би зафатиле многу поголем простор, вклучувајќи територии на Црна Гора, Македонија и грција. Тоа се балкански воени игри без граници. Војните од 1990-те се запрени во границите на поранешните југословенски републики. Нови судири заради повторно прекројување или бришење граници и создавање 'големи' држави на Балканот, би предизвикале пожар кој овојпат би зафатил многу поголеми подрачја“, предупредува Попов.

Дестабилизацијата на Балканот ја загрозува ЕУ

Попов е уверен дека постојат сили надвор од стариот континент кои со дестабилизација на Балканот сакаа да ја загрозат ЕУ. „Непредвидливиот американски претседател Доналд Трамп веќе презеде низа чекори кои ја дестабилизираат ЕУ и тоа во момент кога Европа е многу ранлива, зашто и во рамките на ЕУ постојат големи противречности. Се плашам дека тоа би можело да го доведе во прашање и опстанокот на ЕУ“, вели Алакесандар Попов.

Almir Terzic, Politologe Bosnien und Herzegowina
Алмир ТерзиќФотографија: DW/S. Huseinović

Политичкиот аналитичар од Сараево, Алмир Терзиќ, смета дека споредувањето на Косово и Босна и Херцеговина, односно Република Српска како дел на БиХ и Косово, е обид на српските лидери да ги убедат своите граѓани дека Србија не е најголем територијален губитник на Балканот и дека Белград сѐ уште има што да каже и надвор од потесна Србија. „Со оглед на натамошните европски процеси кои неминовно следат, таквата политика најмногу би можела да му се удри од глава токму на Белград. Освен тоа, Србија и за време на владеењето на Александар Вучиќ инсистира на потпишување на договор за границата со БиХ, со кој реката Дрина е дефинирана и призната како граница помеѓу двете држави востановена и по распадот на поранешна Југославија и тука приказната се завршува“, истакнува Терзиќ.

Повеќе: 

Нова поделба на границите на Балканот- лоша идеја

За границите на Балканот и гаранциите на Балтикот

Меркел: нема промена на границите на Западниот Балкан

Реакција на „пиромански проект“

Тој ги критикува и косовските власти кои „не се во функција на јакнење на стабилноста во регионот“. „Приштина мора да се натера на почитување на постоечкиот договор, а на властите во Белград, на прво место на премиерката Брнабиќ, би им било подобро да се фокусираат на проблемите во Војводина и Санџак, за да не се соочат со нови неволји кои не би биле добри ни за Србија, ни за регионот, но ни за Европа. Времето на поделби, хушкање, подметнување, а посебно на закани со нови војни и прекројување граници мора и треба да биде зад сите нас. Време е за обединување на Балканот низ ЕУ“, вели Терзиќ.

Промените, односно „корекциите“ на границите на Балканот од крајот на војните во 1990-те немаа поддршка ниту од ЕУ ниту од САД, иако некои критичари велат дека Вашингтон бил подготвен да поддржи принцип на корекција на границите во рамки на нормализацијата на односите помеѓу Белград и Приштина. Мнозинството челнки на ЕУ, меѓутоа, смета дека промените на границите врз етнички принцип би можеле да предизвикаат нови насилства. Експертите тврдат дека такви промени на границите би биле „пиромански проект“ со „неконтролирана ланчена реакција“.