Принципите на непринципиелните коалиции | Северна Македонија | DW | 19.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Принципите на непринципиелните коалиции

Кризата е завршена. Синдромите на кризата остануваат нечепнати. Претстои соочување со болната реалност на враќање во минато определено несвршено време. Колумна на Арсим Зеколи.

Кризата во Македонија заврши. Факт, без трунка сарказам и пародија.

Единствената, последна непознаница е околу тоа кога точно започна овој кризен циклус. За политичарите тоа е симболично календарско заокружување на „црниот Божик 24/12”, за новинарите е упадот во А1, за граѓаните се бомбиците на Заев и.т.н. Рождеството на оваа криза има многу бабици. За разлика од нејзиното упокоение, за кое имаме и точен датум и конкретни потписи. Кризата е завршена неделава, со изјавите на Меркел (упатена кон граѓаните) и на Жбогар (кон коруптократијата).

Изјавата на словенечкиот ЕУ-претставник дојде како новогодишна честитна амнестија за здружениот натпартиски синдикат на криминал, корупција и клиентелизам, чија колективна воздишка на олеснување одекна низ нивните медиумски покајанија. Проследена со утешение-за-плачење елаборација кон граѓаните дека не треба да се грижиме, бидејќи сега, ете, еве, аха, ЕУ ќе ни подготви гланц-нова воајерска мисија за набљудување на сите високо криминални процеси. Очекувано, по објавата на амнестијата на Жбогар, следуваше поплава написи од тендер-грант-кредит амнестиолози, кои со уважување ќе утврдат дека „ваистину, не е време за ветинг“. Терцирано со загриженост за „импактот на ветингот по стабилноста на државата во пресудниот час” на исчекување на датум за преговори од Париз. Истиот Париз кој инсистира на конкретни реформи, коишто не е возможно да се спроведат без ветинг!

Сумблимирано, пораката на Жбогар растоварена од банални квази-дипломатски лупинзи е дека „сте толку корумпирани што нема кој да спроведе ветинг, па затоа, за да не станете како Албанија по ветинг, останете си како Албанија пред ветинг“. Брисел потклекна пред метастазата на криминал, корупција, непотизам и елитна анархија. И затоа, кризата на страв од одговорност, која ги тресеше водечките партии во земјата, е ефективно завршена. Со компромис на простување на нивните криминали во име на посветла европска иднина. Одбивањето на ветингот како алатка на разрешување на оваа состојба е не само пораз за реформските надежи, туку и обесмислување на либерал-граѓанската опција базирана врз принципите на еднаквост, одговорност и правичност. Со својата изјава, Жбогар ја обезвредни и логиката на добивање датум за преговори и ги потврди сомнежите на Франција за нивната смисла. 

Неколку часа по амнестијата на Жбогар, следеше добрата вест од Меркел со која се потврди дека иднината на следните наши генерации е однапред обезбедена од потребата на Германија за свежа работна сила. Вест која за илјадници млади прозвучи како јерихонска труба за бегство кон слобода од партиските зандани на библиска Македонија. И тоа, сосема искрено кажано, е добра вест за младите и децата, кои барем во оваа можност ќе најдат мотив за усовршување и образование кое ќе се вреднува некаде и секаде каде што трите партии немаат влијание. Со надеж дека ќе бидат поштедени од жалопојките и „загриженостите” на пропагаторите на Жбогар кои нарачано ќе пропуштат да ја согледаат причинско-последичната логика на амнестијата за криминалот на привилегираните и егзодусот на обичните смртници. Без пардон, секоја нивна поддршка за тоа дека „не е сега часот за ветинг” е соучесништво во бркањето на младите и иднината од оваа земја.

Часот отчукува

Кризата е завршена. Синдромите на кризата остануваат нечепнати. Завршувањето на овој циклус на криза неминовно нѐ враќа во периодот пред нејзината ерупција, во која етничката манипулација на ВМРО и ДУИ  беше надмината со споделен социјален и надетнички консезус на општеството. Тековната игранка на етнички манипулации од страна на водечките политички партии е симболичен крај на мимикријата на социјалниот консензус злоупотребен за сосема несоцијални теми (споровите со соседите, НАТО, ЕУ). Беше само прашање на време кога избраниците на западните амбасади за глумење на нови надежи на социјалната кохезија ќе бидат демаскирани како клиентелистички мекотели за еднократна употреба. Тој час отчукува сега.

Невозможноста за расчистување со криминалот, корупцијата, непотизмот и клиентелизмот (демонстрирана преку изјавите на Жбогар и поведенијата на неговите колеги) не се должи на неспремноста на општеството да се соочи со овие зла. Сплотеноста на граѓаните од периодот 2014-2016 го докажа спротивното. Но поведението на СДСМ и западната дипломатија во периодот по 2016. прецизно илустрира дека причината за невозможноста лежи во Бермудскиот триаголник на меѓуетничките односи помеѓу етничките Македонци, етничките Албанци и етничките дипломати од меѓународната заедница. Затоа, крајот на кризата е всушност крај на партиски и дипломатски киднапираната приказна за социјалната еднаквост. Друга приказна е што во нивниот лажен триумф на „граѓанската опција” веќе тлее семето на следните меѓуетнички тензии.

Лепезата на корупциски и криминални афери поврзани со СДСМ, СЈО, 1ТВ, Рекет, се демонстрација за лажната нарација на Заев, неговите пропагатори и западни поддржувачи, кои во него сакаат да наметнат наводен обединител на заедниците во Македонија. Иако во реалноста, апсолутната доминација на етно-македонски имиња во распределбата на коруптивните и тендерски колачи го докажува токму спротивното. Дека за Заев и неговите поддржувачи и западни спонзори „конечно решените меѓуетнички односи” не се ништо повеќе од провидна, паралажна пропаганда за фаворизирање и чистење на сопствените крим-коруптивни недела. Старата мантра, така често користена од западните дипломати, дека нивото на соработка помеѓу подземјата од спротивставените етнички заедници е индикатор за лицемерието во меѓуетничките односи, денес и овде може да се користи во спротивна насока. Имено, за првпат, таа лакмус-тест соработка е прекината токму во времето на Заев, сведена на таков финансов етно-македонски моноетницизам на про-СДСМ кампусот, што денес дружбата Мијалков-Муса безмалку наликува на златно доба на братство-единство. Ексклузивноста на македонски имиња во Рекет и во хонорар-хоророт на Јанева е прецизен индикатор за лицемерието на западот во однос кон СДСМ и нивната визија и аргументација за „решени меѓуетнички односи”. Денес, овде и утре, таа ексклузивност е живиот и конкретен доказ дека СДСМ ја менува само пропагандата. Но никогаш природата на рекламирај меѓуетнички, профитирај моноетнички. 

Други колумни од авторот:

Сонце над глечерот

„Наше дете” не чека виза

Грчка тактика, француска стратегија

Имитации и обланди

Не зачудува затоа што тековната унисона кампања на медиумските перјаници од ВМРО, СДСМ и етно-македонските „граѓански организации” вперена кон ДУИ неминовно потсетува на идентичните „надетнички загрижености” демонстрирани против ПДП во деведесеттите години. И тогаш, како и денес, принципот на „правичен гнев против националистите од ПДП/ДУИ” беше закрила на непринципилената коалиција СДСМ-ВМРО во прикривање на сопствените финансови криминали со превез на „одбрана од албанската опасност по унитарноста”. Не случајно кој било ретро-календарски осврт кон која било економска криза е симптоматично поклопена со ист календарски датум на координиран гнев кон албанската партија на власт и Албанците воопшто. И обратно, секој етнички инцидент е речиси пост-ит маркер за некоја финансова кражба во режија и по интерес на тековната македонска партија на власт. Поведението на Заев, Мицкоски и западните амбасадори не е исклучок, туку правило кое ја потврдува и сегашната хипокризија на „заштита на унитарноста” на сметка на албанскиот јазик и финансова кражба по мерка на „македонската уникатност”. Бидејќи, во ова „општество за сите” според замислата на Бејли, Жбогар и Заев, реката пари сѐ уште тече кон СДСМ, тендер-канализацијата кон ВМРО, а поточињата кон ДУИ. Останатите – како риби на суво.

Непринципиелната коалиција на ВМРО и СДСМ во однос кон ДУИ не подразбира под никоја форма, суштина или смисла дека партијата на Али Ахмети делува принципиелно поради патриотски мотиви, високо морални побуди или искрен однос кон Албанците, Македонците или самата земја. Нејзината определба да се изгради во етно-албанска doppelganger имитација на временски актуелната македонска партија на власт не е ништо повеќе од упростено дневно политичко итроманство со кое ја компромитира албанската нарација за грст лични профити. Дури и повикот на Ахмети за непринципиелна коалиција за „обединување на албанската опозиција” е само перфидна „солидарна” обланда во која се крие калкулираниот ефект на однапред инсталираното алтернативистичко семе на раздор. Интегративците во обидот да останат „најсилната албанска партија” преку албанско имитирање на интригите и злобите на македонските партии успеаја да ги преземат и нивните квази-патриотски формули и поведенија кон сопствениот етникум.  

СДСМ, ДУИ и западната дипломатија имаа можност (дадена од граѓаните) да направат исчекор од калта на меѓуетничките тензии во кои лежерно се кријат сомовите на социјалните неправди. Во изборот помеѓу реалното, болно соочување со проблемите и пропагандистичко премачкување на реалноста, се определија за втората опција на самозадоволен kunst und schlamperei базиран врз менливи популистички ликови наместо врз константата на владеење на правото. На крај, ним ќе им преостанат ловориките за картагенски надминатата криза. На сите други им претстои соочување со болната реалност на враќање во минато определено несвршено време.     

Реклама