Пресвртот почна: ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби и последната карта | Македонија | DW | 02.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Пресвртот почна: ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби и последната карта

Последните настани во Собранието се климакс на кризата и пресвртница, велат аналитичари. Во ретерирањето на Иванов препознаваат молба до САД за своја заштита, да може да го додели мандатот на парламентарното мнозинство

Почнува вториот работен ден за новиот претседател на Собранието, Талат Џафери. Првиот веќе го помина во парламентот каде што имаше официјална средба со Хојт Брајан Ји, заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот.На главниот влез Џафери беше пречекан од собраниските служби, по што со нив направи обиколка низ законодавниот дом. Бројни оштетувања во ентериерот сѐ уште сведочеа за насилството во минатиот четврток, а Џафери на службите им даде сугестии што да преземат за да може Собранието да започне со нормална работа. Но, најважниот процес започнува од моментот кога претседателот на парламентот официјално ќе го информира шефот на државата дека е формирано парламентарно мнозинство. Тогаш почнува да тече уставниот рок од 10 дена во кој Иванов треба да го даде мандатот за состав на влада.

„Ако претседателот Иванов не го даде мандатот на парламентарното мнозинство - тој ќе направи кривично дело. Тој тоа мора да го направи бидејќи Уставот и законите не познаваат такво непостапување“, изјави вчера Џафери за хрватската радиотелевизија, ХРТ. На прашањето дали тиранската декларација го урива суверенитетот на Македонија, Џафери рече дека не се работи за никаква декларација, туку за договор меѓу партиите за постизборна соработка.

„Хаосот во Македонија е политички мотивиран поради неподготвеност да се предаде власта“, рече Џафери во интервјуто, снимено во Собранието.

Трајко Вељаноски, поранешниот претседавач со конститутивната седница претходно изјави дека не го признава изборот на Џафери и дека тој лично ќе закаже седница кога ќе оцени дека има услови за тоа. Можна ли е денеска „блиска средба“ на бившиот претседавач и новиот спикер пред кабинетот? Според аналитичари, Вељаноски не би требало да си го дозволи тоа, бидејќи непотребно ќе предизвика нови тензии во време кога согласно со процедурата веќе е избран нов спикер, признат и од меѓународната заедница.   

Gorge Ivanov und Hoyt Brian Yee 27.01.2014 in Skopje (MIA)

Ѓорге Иванов и Хојт Брајан Ји

Иванов бара помош од САД

Засега е неизвесно како претседателот Иванов ќеодговори во уставниот рок.Но, во неговото соопштение по средбата со Хојт Ји, аналитичарите препознаваат големо ретерирање од досегашните позиции.  

Претседателот Иванов често искажува ставови од кои потоа самиот ретерира под меѓународен притисок или под притисок од партијата што го кандидираше за претседател. Во неговото соопштение има три моменти кои одат на таа линија“, вели Андреја Стојковски од Центарот за европски стратегии - Евротинк.

„Претседателот вчера за прв пат излезе со осуда за насилството. Во обраќањето од 27 април, само неколку часа по насилните акти, тој не ги ни спомна насилствата, ниту пак изрече некаква осуда за нив. Второ, во соопштението ги осуди и сопствените прекршувања на Уставот нарекувајќи ги „преседани со кои се воведува практика“, а за кои вели дека се нелегални, но и дека пречките за кои зборувал претходно, а се однесуваат на новата влада, би можеле да бидат надминати. Конечно, ретерира и од неговиот клучен став дека нема да дозволи никој од надвор да се вмеша во решавање на кризата и лично ги повика САД да помогнат, со една интересна фраза: 'Македонскиот претседател побара од САД, како стратегиски партнери на Република Македонија, да помогнат за пречките да се отстранат и да се овозможи парламентарното мнозинство да го добие мандатот'“, укажува Стојковски.

Според него, тоа може да се толкува на два начина: како молба од Иванов САД да му помогнат да се спаси од тешката состојба во која се наоѓа, кога практично е уценет да го прави она што го прави; и како барање од Иванов, САД да се јават како гарант на унитарноста на Македонија, осудувајќи ја т.н. тиранска платформа.

„Ми се чини дека апелот повеќе одговара на првата теза - дека претседателот Иванов бара своја заштита, да може да го додели мандатот на кандидатот на парламентарното мнозинство, Зоран Заев“, оценува Стојковски.

ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби и последна карта

Дали ова е почеток за излез од кризата и на долгочекуваниот трансфер на власта?
„Последните настани во Собранието се дефинитивен климакс на политичката криза во државата, и независно од тоа колку беа стравични и непријатни, претставуваат пресвртница“, вели политологот Ненад Марковиќ.

„ВМРО-ДПМНЕ направи огромна грешка со активирањето на последната карта што ја имаа во рака. Ако ситуацијата ја гледате низ призма на теорија на игра, на ВМРО-ДПМНЕ насилието не му беше аргумент, туку ЗАКАНАТА од насилието кое на нивна 'иницијатива' би можело да биде извршено. Еднаш кога насилието ќе се реализира, особено на ваков нечовечки и крајно дегутантен начин, вие веќе немате карти во ракавот.Оној кој трпи насилство од вакви размери секогаш e морален победник и политички печали, а реализаторот на насилството секогаш губи. Она што ВМРО-ДПМНЕ можеби го стекна како рејтинг по опонирањето на албанската платформа веројатно e изгубено преку ноќ, и како резултат на оградување на дел од македонските гласачи кои ја поддржувале десницата, но не поддржуваат вакви методи, и како резултат на гневот кај албанските гласачи кои веројатно уште помасовно ќе гласаат за СДСМ на некои следни избори. Во ваквиот развој сесрдно помага и отсуството на 'Беса' во критичните моменти во Собранието, но и отсуството на Ахмети, кој како лидер на ДУИ мораше да биде покрај своите пратеници. Со вакво поведение, веројатно брзо ќе се преиспита неговата лидерска улога во ДУИ“, оценува Марковиќ.

По вчерашната средба со Хојт Ји, раководството на ВМРО-ДПМНЕ не даде изјава, а преку соопштение беа изнесени веќе познатите партиски ставови, кои му биле кажани и на американскиот функционер: „ВМРО-ДПМНЕ не поддржува физичко насилство, но во исто време го осудува и политичкото насилство што го направи СДСМ врз институциите, деловникот, законите и Уставот“. Сето тоа заврши со нелегален обид за избор на претседател на Собранието. Политичкото насилство од страна на СДС предизвика гнев (...) ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со наметнување на тиранската платформа која има многу спорни делови, опасни за понатамошното функционирање на државата (...) Најдобар начин да се излезе од кризата се предвремени парламентарни избори заедно со локалните“.

Според Марковиќ, видливо е ретерирање на реториката на ВМРО-ДПМНЕ, но само пред претставниците на меѓународната заедница, што јасно укажува на тоа кој е интервентниот фактор во целата приказна.

„На внатрешен план, почна и ќе продолжи обидот да се прикаже СДСМ како единствен виновник за кризата (реториката е многу поблага кон албанските партии), што во ваква клима може да се покаже и како лоша стратегија. Се чини дека најновите изјави одат во правец да се направи конечен договор во кој би се предала власта, а за возврат би се 'скротила' тиранската платформа, веројатно проследено со лични концесии кон одредени политичари. Дали јавно или тајно, предавањето на власта ќе мора да се договори, но не пред да се утврди дали продолжувањето со јавниот притисок би дало некаков дополнителен резултат. Мислам дека протестите нема да стивнат, барем не додека предавањето на власта не биде финално. Но, насилството сериозно го наруши легитимитетот на иницијативата, и со тоа ја делегитимираше и онаа популација која можеби искрено смета дека протестира за зачувување на унитарноста. Дел од овие луѓе веројатно ќе се откажат од протестирање, а прашање е и дали по настаните во Собранието има воопшто смисла да се продолжи со ваквата стратегија“, вели Марковиќ.

Најавен протест и „битка до крај“

Од иницијативата „За заедничка Македонија“ сметаат дека има смисла. Тие најавија дека се „подготвени во оваа битка да одат до крај, до финалната победа“.

„Никакви заплашувања, закани и обиди за деморализирање на луѓето нема да им пројдат. Напротив, ни даваат уште поголема енергија, волја и мотивација да продолжиме уште похрабро. Никој нема право и нема да му биде дозволено да го крши Уставот и да замислува дека незаконски ќе избира претседател на Собрание како да бира претседател на Куќен совет. Бараме институциите да поведат постапка за сите кои се обидоа да извршат државен удар. Нелегитимниот Џафери заедно со квислинзите од тиранската коалиција никогаш нема да ги признаеме. Продолжуваме понатаму. Вторник, 17 часот пред Владата и плус низ целата држава. Кој мисли поинаку, нека се обиде да не’ спречи. Како и секогаш, ќе биде поразен. Тие мора да изгубат, за Македонија да победи“, се вели во повикот.

 

DW.COM

Реклама