Помирување или победување | Северна Македонија | DW | 16.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Помирување или победување

Промените кои се неопходни за да фатиме чекор со европските стандарди се толку длабоки и сеопфатни, би рекол дури драматични, што бараат широк национален консензус на поддршка и ефикасен систем за менаџирање на процесот.

На прва, изгледа дека прозападниот наратив во Македонија да победи. Супер... ама сега, „шу праиме” понатаму? Како што заврши првата фаза од овој мега проект за геостратешко преместување на трасата по која се движи Македонија, така на површина исплива сознанието дека за да оформиме здраво, напредно, и стабилно општество, далеку од доволно е да ги отстраниме само меѓународните пречки за напредок кон евроинтеграциите. Домашната задача и интерните пречки, иако во моментов запоставени (можеби зашто ги третираме лаконски) се всушност поважната варијабла во равенката која ќе дефинира дали на крајот во Македонија ќе владее правото, дали ќе успееме да ја победиме ендемската корупција и клиентелизам, и да ги замениме со меритократија. Со други зборови, ние дадовме одговор на прашањето дали сакаме да влеземе во НАТО и ЕУ.  Дали можеме да влеземе, дали ќе направиме здраво и нормално општество со сопствената домашна задача, тоа допрва останува да видиме.

Оттаму, од ова сознание, се појавува главната дилема во наредната фаза, а таа е како да изградиме ефикасен систем за промените кои треба да следат. Ефикасен и во смисла на обезбедување политичка поддршка, и во смисла на имплементација. Промените кои се неопходни за да фатиме чекор со европските стандарди се толку длабоки и сеопфатни, би рекол дури драматични, што бараат широк национален консензус на поддршка и ефикасен систем за менаџирање на процесот. Притоа, за работата да биде уште покомплицирана, истите реформи мораат да бидат брзи, зашто инаку нема да го фатиме ЕУ-возот, а мораат да бидат и неповратни, за да не може да се случи „мак-егзит” во иднина. 

Ако ова не е доволно, паралелно со ова мора да се случи и драматичен „ресет” на манирот на владеење, на начинот на градење национална поддршка за проектите и менаџирање на процесот – не можам ни да замислам како би изгледало македонското собрание во наредните две години (кога треба да се случат најголемиот дел од овие реформи) со вакво постојано пазарење и уцени на кои сме сведоци во последните неколку месеци. 

Други колумни од авторот:

Помеѓу Руска салата и Кока Кола

95-0-0

Три опции

За да се обезбеди таков брз, ефикасен и неповратен систем, неопходно е да се направи широк политички фронт на поддршка. За таков фронт постојат, според мене, три опции. 

Првата е возможна доколку власта и опозицијата најдат заеднички јазик за стратегијата за наредните неколку години, се обединат околу некоја консензуална платформа и тргнат заедно во овој процес (преку широка влада, експертска или сеедно).

Втората опција е доколку власта успее да обезбеди ефикасна политичка поддршка за овој процес без опозицијата, т.н. „на парче”. 

Третата опција би била да се направат нови избори, па со нов политички легитимитет да се тргне во втората, домашна, фаза на овој процес.

Првата опција, за национален консензус со овој политички распоред, изгледа невозможна со ова ВМРО-ДПМНЕ. Не можам да замислам сценарио во кое сегашното раководство на партијата би се вклучило во каков било прозападен проект. Вакво сценарио е возможно ако, и само ако, во таа партија има драстични промени на стратегијата и елитите. 

Втората опција по малку ме плаши – таа подразбира или пазарење и компромиси во недоглед, или многу поавторитарно и моќно СДСМ, кое со сите средства обезбедува процесот да се движи напред. Не дека една „метла” во нивните редови не е препорачлива, но толку силен државен (владеачки) апарат е токму она против кое се боревме, нели? 

Третата опција, онаа која во периодов е актуелна, за предвремени избори, исто така е комплицирана. Иако не е нелегитимно да се бара нов политички капитал и легитимитет по вакви крупни одлуки (како проблемот со името), таквиот маневар би дошол во најлошо време за државата, кога се чека стабилизација на политиката, економијата се чека да „пркне” по ратификацијата на протоколите, а ЕУ од нас очекува одлучни и брзи реформи за да не се загрози датумот за почеток на преговорите. Во таква ситуација, единствено оправдување за предвремени парламентарни избори би било доколку со нив овие процеси би течеле побрзо и поефикасно одошто без нив. Со олку расцепкан и пазарџиски парламент, не е незамисливо дека дури и пресметувајќи го изгубеното време за избори, повторно, вкупно, процесот ќе биде најбрз со нова распределба на политички легитимитет. Зашто алтернативата е вакви компромиси наредните две години.  Сепак, за оваа проценка - дека реформите би биле побрзи со нови избори - да се исполни, потребно е да проектираме дека новиот состав на парламентот би имал поголема поддршка за оваа агенда одошто сегашниот. Тоа во превод би значело полесно до 80 пратеници. Имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ новите листи би ги правело со основен принцип на лојалност, власта не може да се надева на нови „пребегнати” пратеници, па така, при нов избори, единствена реална шанса за 80 пратеници би биле широки предизборни коалиции со заеднички листи. Тоа помеѓу ДУИ и СДСМ ќе биде полесно, зашто таков еден процес веќе би имале поминато со консензуалниот претседателски кандидат, но другите партии внатре ќе бидат потешки.  Не знам дали тоа е возможно во времето кое стои на располагање.

Прво да победиме...

На крајот, основната дилема е дали при вака поделено општество, воопшто постои можност за суштински консензус за натпартиски и национални интереси, кој ние нагалено го нарекуваме помирување, во која било од трите опции. Дали вака дијаметрално спротивставените позиции на главните македонски партии имаат најмал заеднички содржател, па со тоа и пресек на наративите, или, како што би рекле - прво мора да ги победиме, па потоа ќе им се смириме. Одговорот на тоа прашање е директно врзан во веројатноста за парламентарни избори оваа година.

DW.COM

Реклама