1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Македонскиот претседател Стево Пендаровски учествуваше на 58-та Минхенска безбедносна конференција
Македонскиот претседател Стево Пендаровски учествуваше на 58-та Минхенска безбедносна конференцијаФотографија: President of North Macedonia

Пендаровски: Поради Украина, можни се тензии и на Балканот

Катерина Блажевска
21 февруари 2022

Но, постојат различни проценки и сценарија околу тоа каков би бил интензитетот на таа воена интервенција и околу нејзината географска дистрибуција, вели македонскиот претседател.

https://www.dw.com/mk/%D0%BF%D0%B5%D0%BD%D0%B4%D0%B0%D1%80%D0%BE%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B8-%D0%B7%D0%B0-%D0%B4%D0%B2-%D0%B7%D0%B0%D0%BF%D0%B0%D0%B4%D0%BD%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%BF%D0%B0%D1%80%D1%82%D0%BD%D0%B5%D1%80%D0%B8-%D0%BF%D1%80%D0%BE%D1%86%D0%B5%D0%BD%D1%83%D0%B2%D0%B0%D0%B0%D1%82-%D0%B4%D0%B5%D0%BA%D0%B0-%D1%80%D1%83%D1%81%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D1%9C%D0%B5-%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D0%B7%D0%B2%D0%B8%D0%BA%D0%B0-%D0%BA%D0%BE%D0%BD%D1%84%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D1%82-%D0%B2%D0%BE-%D1%83%D0%BA%D1%80%D0%B0%D0%B8%D0%BD%D0%B0/a-60852419

Македонскиот претседател Стево Пендаровски од 18-ти до 20-ти февруари присуствуваше на тродневната Минхенска безбедносна конференција, на која оствари повеќе билатерални средби со политичари, директори на безбедносни агенции и тинк-тенк организации. Тајмингот на конференција се совпадна со периодот на кулминација на кризата меѓу Русија и Украина и обидите да се најде решение преку моќта на дипломатијата, а не на оружјето. Со претседателот разговаравме за проценките на неговите соговорници околу ова прашање, но и за дел од актуелните предизвици на македонското општество. 

ДВ: Вчера се вративте од Минхенската безбедносна конференција, на која беше присутна светската политичка и безбедносна елита. Какви се проценките во однос на најактуелно прашање, кризата Русија-Украина? Дали состојбата е се поблиску до конфликт или сѐ уште има можност за дипломатско решение? 

Пендаровски: Наспроти пандемијата и акутната безбедноста криза во Европа со која е преокупиран целиот свет, и според нивото на гостите, и според квалитетот на дебатите, Минхенската конференција го задржа своето реноме на премиерен настан во областа на безбедноста на глобално ниво. Но, да одговарам на вашето прашање, во кое е практично содржан и одговорот: состојбата е сѐ поблиску до конфликт, но, сѐ уште има простор и за дипломатско решение. Последниве недели се активни четири линии на комуникација помеѓу западната Алијанса и Русија: прво, дијалогот на највисоко ниво меѓу Вашингтон и Москва, потоа во рамките на ОБСЕ и во Советот НАТО – Русија и т.н. Нормандија-формат кој е од неодамна ревитализиран, и секоја од нив придонесува кон етаблирање на дијалогот како начин за смирување на тензиите, иако звукот на оружјето, за жал, е сѐ погласен. Генерална проценка на нашите западни партнери во моментов е дека Русија ќе предизвика воен конфликт во Украина, но, постојат различни проценки и сценарија околу тоа каков би бил интензитетот на таа воена интервенција и околу нејзината географска дистрибуција.          

Во Минхен имавте одвоени средби со првите луѓе на едни од најмоќните разузнавачки агенции - германската БНД, британската МИ 6, француската ДГСЕ. Според нивни видувања, кои се најголемите безбедносни предизвици во овој момент глобално, на европско и регионално тло? 

Политичарите од помалите земји ретко добиваат прилика во два дена да се сретнат со директорите на трите најмоќни служби во Европа, како и со првите луѓе на двата највлијателни тинк-тенк институти во Европа - Кралскиот институт за надворешни работи од Лондон и Францускиот институт за меѓународни студии. Имено, тоа се системите кои преку своите информации и анализи практично ја создаваат подлогата за одлуките на политичарите.

Deutschland MSC 2022 | Stevo Pendarovski und Bruno Kahl
Шефот на БНД, Бруно Кал и македонскиот претседател Стево Пендаровски во Минхен. Фотографија: President of R. North Macedonia

Украина беше топ тема на сите дебати и разговори и споменатите личности не ја криеја својата загриженост дека агресијата на Русија врз Украина, особено од поголеми размери може да ја поремети безбедносната инфраструктура во Европа создадена по падот на комунизмот. Иако Западниот Балкан е навидум доволно далеку од тој крај на светот, не може да се исклучи дека во случај на таков развој на настаните е можно зголемување на тензиите и во нашиот регион. 

Со зачленувањето на земјава во НАТО, и Агенцијата за разузнавање која е под ваша надлежност, стана рамноправен партнер во пристапот до информации. Колку се подигнати безбедносните стандарди, колку е зголемена ефикасноста? 

Самиот факт што директорите на тие служби се согласија да се сретнат со мене е знак дека ги почитуваат напорите кои нашата земја ги направи за да влезе во НАТО, и секако е израз на почит и за работата на Агенцијата за разузнавање која помина низ значајни трансформации и реформи од периодот кога во времето на претходната власт беше партиски злоупотребувана за политички цели, што кулминираше со нејзината улога во трагичните настани од 27-ми април 2017 година. 

Румен Радев не беше во Минхен, но, таму се сретнавте со бугарскиот премиер Кирил Петков. Каков е вашиот впечаток - ќе биде ли поважен успехот на работните групи за пробив на европската агенда или на крај повторно ќе натежнат историските прашања

Независно што двете влади ги водат преговорите, јас сакав, уште еднаш, да ги кажам моите ставови за некои прашања и аспекти од преговорите кои македонската јавност ги знае, а за кои, со бугарскиот премиер зборуваме уште за време на неговата посета на Скопје. Средбата со Петков беше отворена и конструктивна, при што дадов поддршка на новиот пристап во решавање на проблемот со формирањето на петте комисии и заедничките седници на владата. Инаку, мојата теза која ја имам јавно кажано уште пред две и пол години, а времето ја потврди е: ако двете држави се фокусираат на историските теми и за нивна сметка ги маргинализираат разговорите за економијата, енергетската поврзаност, инфраструктурата, контактите меѓу луѓето и достапноста на националните медиуми врз реципрочна основа, договор многу тешко ќе биде постигнат.      

Најавивте дека наскоро ќе се сретнете со бугарскиот претседател, договорена ли е средбата? 

Во однос на средбата со претседателот Радев, постои редовна комуникација меѓу двата кабинети, но, заеднички заклучивме дека во овој период треба да им се даде шанса на разговорите меѓу двете влади и министерствата за надворешни работи.

Претседателите Пендаровски и Радев, последен пат се сретнаа во Скопје на 26 мај минатата година
Претседателите Пендаровски и Радев, последен пат се сретнаа во Скопје на 26 мај минатата годинаФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Дали вашите европски соговорници ги имаат предвид потенцијалните ризици, доколку и новиот пристап во разговорите не резултира со деблокада на бугарското вето. Што би значело тоа за нас, за регионот? 

Да бидеме на јасно, ако во догледно време не биде тргната бугарската блокада, за нас не постојат никакви безбедносни ризици. Се разбира, ние посакуваме брза деблокада затоа што преговорите за членство се многу пати потврдени како корисен инструмент за реформи и прогрес во клучните области: економија, владеење на правото, професионална администрација, независно судство, борба против корупцијата, но, територијалниот интегритет е надвор од дискусија при каков било развој на настаните. Инаку, негативните ефекти од блокадата се веќе видливи кај нас преку поддршката за евроинтеграциите која е опадната за околу 20 проценти во последниве 18 месеци. Индиректно тоа ќе има свое влијание и во регионот: ако не напредува државата која направи тежок компромис со Преспанскиот договор, многу тешко ќе ги убедите државите кои сѐ уште имаат отворени прашања со своите соседи да го следат тој пример. 

Домашната јавност е разочарана што односите со Бугарија долго беа во ќорсокак, но од друга страна, во ќорсокак се и нашите домашни работи: односите власт - опозиција, кавги околу декларацијата за Гоце Делчев, блокирани закони... Вие не сте ограничен на едно обраќање годишно во Собранието. Сметате ли дека и во вакви ситуации треба да го користите тоа право? 

Поделбите помеѓу политичките партии, а, за жал и меѓу граѓаните, станувааат сѐ подлабоки и тој јаз не може да се надмине со едно обраќање повеќе во Собранието или на т.н. лидерски средби. Да беше можно досега ќе имав обраќања секоја недела во законодавниот дом. Иако причините за поделбите се структурни и опстојуваат долги години, тензиите драстично пораснаа кон крајот на минатата година по неуспешниот обид за формирање на ново парламентарно мнозинство и ескалираа, практично, во блокада на парламентот кој со месеци не може да го комплетира составот, на пример, на една од најзначајните институции во секоја држава - Уставниот суд. Потребно е многу повисоко ниво на политичка култура, одговорност и толерантност на политичките лидери едни кон други, затоа што ако ние се однесуваме на таков начин, граѓаните нема да се однесуваат многу поразлично.   

Една непријатна „конзулска епизода“ изминатава недела го актуелизираше прашањето околку непополнетите амбасадорски места. Има ли земјава комодитет и натаму да биде без амбасадори во клучни центри, од кои еден е и Вашингтон? 

Веднаш по изборот на новата влада, со премиерот и со министерот за надворешни работи договоривме во разумен рок од неколку месеци да ги пополниме испразнетите дипломатски позиции, од кои некои заради своето значење или актуелен контекст, не смеат буквално ниту еден ден понатаму да бидат без прв човек, какви што се, на пример, амбасадите во Вашингтон, Пекинг, Анкара или Софија, како и мисиите при Европската Унија во Брисел и Обединетите Нации во Њујорк. Сега првиот потег треба да го повлече Владата и да ми достави листа на кандидати за шефови на мисии, а јас во најбрз можен рок ќе го завршам мојот дел од работата, како и при сите претходни номинации. При тоа, не очекувам повторно да наидеме на опструкции од надлежната комисија во Собранието, затоа што во оваа ситуација државните интереси мораат да бидат над личните и партиските.    

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Ковачевски македонското Собрание

Огнени кочии

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми

Врати се на почетната страница