1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Будимпешта „марш“ за Груевски, во Скопје може фанфари

15 април 2026

Велигденското воскресение на најголемиот политички „маченик“ на македонската десница, како што го нарекуваат неговите поддржувачи, ќе предизвика неизвесност во ВМРО-ДПМНЕ.

https://p.dw.com/p/5CAlG
Син плакат со ликот на поранешниот македонски премиер Никола Груевски на кој пишува „ВИП мигрантот на Орбан“
Дали ВИП мигрантот на Орбан (како што пишува на овој плакат во Будимпешта во 2018 година) после сѐ, ќе се врати во Македонија откако Унгарија му го откажа гостопримствотоФотографија: Hungarian Democratic Coalition

Груевски ги пакува куферите но никој не знае за каде. Тоа би било сумирањето на веста која дојде од Будимпешта по ненадејното спомнување на избеганиот македонски екс-премиер од страна на победникот на изборите и иден премиер на Унгарија, Петер Маѓар. Отровните стрели на Маѓар кон „кралот на корупцијата" кој се најде и на црната листа на САД, беа големо изненадување. Никој не очекуваше дека на првиот ден по изборната победа, наследникот на Орбан ќе го спомне Груевски на прес-конференција, велејќи ни помалку ни повеќе туку дека „поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, е меѓународен криминалец и не треба да биде во Унгарија".

Тоа според првите анализи може да значи само едно: идниот премиер на Унгарија кој ја заработи етикетата пулен на неговиот претходник, почувствува потреба уште на старт да направи јасна дистинкција. Не ги сака криминалните пријатели на Орбан, сака да ги врати корумпираните унгарски бегалци од странство, и вели дека нема прв да им се јави на Путин и на Трамп. Со еден збор тој сакаше да порача - Јас не сум Орбан.

Но тоа се работи кои кај нас ќе се анализираат подоцна. Сега пак, е вистинско време овде да се позанимаваме со темата што значи велигденското воскресение на најголемиот политички „маченик“ на македонската конзервативна десница, како што го нарекуваат неговите приврзаници, Никола Груевски. Дали Груевски, после сѐ, ќе се врати во Македонија откако Унгарија му го откажа гостопримството.

Во Македонија досега има три пресуди за него. За една веќе е издаден упатен акт за служење на затворска казна од две години. Има правосилна пресуда, донесена во отсуство, од девет години затвор и за перење пари во случајот „Плацеви на Водно“. Дополнително има година и половина затвор за делото „Шлаканици во Центар“, кога беше организирана група која требаше насилно да го спречи укинувањето на урбанистичкиот план за изградба на објекти на неговите „Плацеви на Водно“.

Беше суден и во предметите „ТНТ“, „Талир 1“, „Траекторија“ кои застареа. Активни се уште две судења против него, иако и тие се блиску до застарување.

Груевски над Мицкоски

Има една константна која го следи избеганиот екс премиер сите овие години. Неговата популарност меѓу конзервативната десница и нејзините симпатизери, не се намали. Има 236 илјади следбеници на Фејсбук, а актуелниот премиер и негов наследник Христијан Мицкоски, 164 илјади. Анализата на последните неколку објави на социјалната мрежа исто така покажуваат поголема популарност на Груевски. Вообичаено објавите на Фејсбук на Мицкоски собираат меѓу илјада до две и пол илјади реакции на поддршка додека кај Груевски меѓу две и пол и три и пол илјади. Објавата за прославата на Бадник на актуелниот премиер достигна 32 илјади реакции на поддршка, но честитката за Велигден на Груевски на пример беше поддржана од 11 и пол илјади следбеници, додека кај Мицкоски нешто помалку од пет илјади. Груевски собра 16 и пол илјади „лајкови“ на честитката за Стара нова година и 17 илјади за Нова година, 19 илјади за Водици, за Божик 23 илјади, за Рамазан 15 илјади, додека видео честитката на премиерот за Нова година помина со 4000 реакции а за дочекот на плоштад 5000.

Ова се можеби здодевни бројки за читање но сликата што ја даваат е јасна. Враќањето на Груевски, ако не најде резервна дестинација, ќе го стави во тесно Мицкоски. Доколку актуелниот премиер опстои на изјавата од вторникот (14.04.) за одење на Груевски в затвор, тој ќе си навлече гнев од членството и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ кои во Груевски гледаат партиска икона. Доколку, пак, проработат врските и Груевски остане на слобода, може да ја подели или дури и да ја преземе партијата, но преку други луѓе затоа што самиот веќе бил три мандати (2003-2017) и нема статутарно право да биде на кормилото.

Кој ќе му каже добредојде?

Оттука веста што пристигна од Будимпешта за Груевски, е силна причина за вознемиреност во врвот на неговата некогашна партија. Во декември 2022 анкета на ИРИ покажа дека избеганиот премиер е најпопуларен политичар во Македонија со рејтинг нешто повисок и од тој на Мицкоски. Иако горниот праг беше 7 проценти, што не говори за некоја висока популарност, самиот факт што носител на тие 7 проценти беше Груевски а сите други беа зад него, говори дека тој не е заборавен дома иако спомените од неговото владеење се лоши. Периодот додека беше на чело на владата (2006-2016) остави горчливи искуства и кај неговите најблиски соработници Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески кои заглавија во затвор, а многу други беа судени додека тој ја посматраше ситуацијата на безбедна далечина од Будимпешта.

Се чини сега е дојдено времето за наплата. Некогашната клика од соработници кои платија цех за неговото владеење, нема да му каже добредојде на Груевски. А ниту и оние што беа судени за насилството на 27 април 2017. Актуелниот премиер исто така недвосмислено се изјасни дека неговиот претходник кој силно лобираше за Мицкоски да го наследи, денес е вишок во неговата орбита. Едно е сигурно, ако се врати Груевски се затвора досието на едно турбулентно време кое ја тресеше нашата држава повеќе од една деценија при што беше принудена да интервенира и меѓународната заедница. Но ако маршот од Будимпешта се претвори во фанфари во Скопје, се чини дека сѐ било попусто.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар