Победа на Маѓар во Унгарија - олеснување во Берлин и Брисел
13 април 2026
Јасната победа на опозицијата на парламентарните избори во Унгарија предизвика олеснување кај многу германски и европски политичари. Германскиот канцелар Фридрих Мерц веднаш му честиташе на Петер Маѓар и неговата партија Тиса: „Се радувам на соработката за силна, безбедна и пред сè обединета Европа“, напиша тој на платформата X.
И германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул ја поздрави победата на унгарската опозиција. „Луѓето во Унгарија гласаа. Тие се одлучија за политичка промена“, напиша Вадефул исто така на X. „Се надевам дека земјата сега повторно ќе ги искористи своите големи шанси во и со Европа.“
Олеснување и во Брисел
И во Брисел е големо олеснувањето по поразот на ноторниот критичар на Европа, Виктор Орбан. Дури и претседателката на Европската Комисија, која инаку е воздржана при национални избори, Урсула фон дер Лајен, ја изрази својата радост: „Вечерва срцето на Европа во Унгарија чука посилно“, напиша таа на X, кратко откако Орбан вчеравечер (12.04) го призна својот изборен пораз.
Претседателот на пратеничката група на конзервативната ЕПП во Европскиот парламент, Манфред Вебер, зборуваше за „јасна победа за демократијата во Унгарија и за Европа“. Тематски ориентираната кампања на Маѓар покажала „како можеме да ги победиме десните популисти“.
Копретседателот на левичарската пратеничка група во Европскиот парламент, Мартин Ширдеван, побара „сосема поинаква политика“ од Маѓар.
Претседателката на либералната пратеничка група „Обнова на Европа“, Валери Аје, изјави дека со Орбан, американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и деснопопулистичката француска партија „Национален собир“ (РН) „го губат својот најважен сојузник во Европа“.
Брисел полага големи надежи во Маѓар, кој беше избран во Европскиот парламент во 2024 година. Се очекува новата власт во Унгарија да се откаже од политиката на блокади на претходната влада – особено во однос на исплатата на одобрениот заем од ЕУ за Украина во висина од 90 милијарди евра.
Зеленски: „Огромна победа“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му честиташе на Маѓар на неговата „огромна победа“. Важно е да преовладува конструктивен пристап, напиша Зеленски на платформата X. Украина, според него, отсекогаш се стремела кон добри соседски односи со сите европски држави и е подготвена да ја продлабочи соработката со Унгарија.
Францускиот претседател Емануел Макрон исто така ја поздрави „поврзаноста на унгарскиот народ со вредностите на Европската унија“. Шпанскиот премиер Педро Санчез го нарече изборниот резултат во Унгарија победа за „европските вредности“. Британскиот премиер Кир Стармер ја смета победата на Маѓар за историска за демократијата во Европа. „Ова е историски момент, не само за Унгарија, туку и за европската демократија“, напиша Стармер на X. Тој, како што вели, со нетрпение очекува да работи со Маѓар „за безбедноста и просперитетот на нашите две земји“.