Незгодниот „сириски мираз“ на Доналд Трамп за Владимир Путин | Свет | DW | 18.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Незгодниот „сириски мираз“ на Доналд Трамп за Владимир Путин

Критичарите го сметаат повлекувањето на трупите на САД од Сирија за „подарок за Русија“. Но, се чини дека „подарокот“ може да се покаже компликуван и незгоден, анализира Константин Егерт.

Руските трупи во Сирија во вторникот влегоа во базата Манџиб, еден ден откако американските сили ја напуштија по наредба на претседателот Доналд Трамп. Брет МекГурк, поранешен специјален претставник на Вашингтон во групата на меѓународната коалиција која се бори против Исламската држава, напиша на Твитер дека одлуката за воено повлекување на САД од Сирија е „подарок за Русија, Иран и ИД."

Современата интервенција на Русија на Блискиот Исток

Во одредена смисла, МекГурк, кој си даде оставка поради несогласување со Белата куќа, е во право – барем што се однесува до Кремљ. Кога Владимир Путин влезе во  Сирија во септември 2015 година, спасување на режимот на Башар ел Асад не беше негова единствена цел. Главна цел на Путин беше да докаже дека тој може да го запре она што тој го нарекува глобална американска политика за промена на режимите, што тој не ја сака. Сѐ друго – обезбедување на руско воено присуство на источниот Медитеран, тестирање на нови системи за оружје, докажување на неколкуте сојузници на Кремљ дека може да се потпрат на него – беше второстепено.

Во однос на Сирија, Путин не се бореше толку против непријателите на Асад, колку со Вашингтон. Релативната неподготвеност на Барак Обама директно да се вклучи во конфликтот му помогна на рускиот лидер да се наметне како медијатор на Блискиот Исток без голем напор. Тој ја „вметна“ Русија во регионот по повеќе од две децении отсуство со цел да „се турка со рака“ со  Вашингтон за други прашања – Украина, нуклеарно оружје или проширување на НАТО. Од една страна,  повлекувањето на американските сили од северот на Сирија е победа за Путин.  Но од друга, присуството на САД на Кремљ му обезбеди надворешен партнер да разговара во регионот во кој сите се против сите. Но, не повеќе.

Компликувана мрежа пријатели

Иранскиот режим – официјално најблискиот сојузник на Москва во Сирија – ги продлабочи сомнежите за официјална Русија. На Техеран не му се допаѓаат блиските врски на Путин со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху – еден од ретките западни политичари со кој редовно комуницира. Иранските сомнежи, секако според мене, се дека доколку Израел реши со воено да се конфронтира, Кремљ нема да застане на патот. На Техеран исто така не му се допаѓа фактот дека со Путин во Сирија, доколку сака, Асад може да одржува одредена дистанца од Иран.

von Eggert Konstantin Kommentarbild App

Константин Егерт

Израелците пак се претпазливи во однос на блиските врски на Москва со Иран, вклучително и договорите за оружје, бенигниот став кон иранската нуклеарна програма како и нивната одбрана на Иран на меѓународен план, како на пример, во ОН. Поголемиот дел од израелската јавност смета дека Путин е еден од главните меѓународни поддржувачи на Иран. Израел исто така има голема политичка и дипломатска поддршка во Вашингтон, на која Путин никогаш нема да може да и` парира.

Саудијците кои неодамна го забавуваа рускиот лидер во Ријад, сметаат дека новонастанатите редовни контакти со Кремљ се корисно средство за олабавување на нивната зависност од Вашингтон. Но засега Саудиска Арабија останува силно зависна од САД во однос на одбраната, а во сојузништвото на Русија со Иран Саудијците гледаат смртен непријател. Дел од „привлекувањето“ на престолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман, за Путин е обид да се ослабат врските на релација Москва – Техеран. На рускиот претседател му се допаѓа овој пристап. Му го зајакнува престижот. Тој исто така е заинтересиран за соработка со Ријад поради неговото клучно влијание во ОПЕК. Но, не му се допаѓа идејата да прави избор меѓу Саудијците и Иранците, доколку тие се судрат.

Реџеп Таип Ердоган останува најсигурниот регионален партнер на Русија.  На Путин му се допаѓа фактот дека под негово лидерство, Турција стана она што многумина го сметаат за најслаба карика во НАТО. Во шемата на Кремљ, една од најважните цели е ослабување на Алијансата. Во јули, Ердоган остана на одлуката да го купи противракетниот систем С-400 од Русија, и покрај противењето на Вашингтон. Тој исто така несомнено го цени премолчувањето на Путин во однос на актуелната акција против Курдите. Но, дали Москва ќе застане до него во случај САД (особено Конгресот) да изврши сериозен притисок врз Турција? Се сомневам.

Повлекувањето може да биде тешко

На крајот, сограѓаните на Путин се изморени од неговите авантури на надворешно политички план. Особено поради фактот дека руските приходи продолжуваат да паѓаат петта последователна година по ред, а 55% сакаат операцијата во Сирија да заврши што е можно поскоро, според анкетата на центарот Левада. Путин е прилагодлив на промените на јавното мислење. Тој се подготвува за неизвесна политичка транзиција кога ќе му истече четвртиот мандат во 2024 година, или можеби и порано. Во вакви околности, да се прогласи победа и да се напушти Сирија звучи како подобра идеја отколку да се жонглира со неколку „погодни сојузи“ полни со сериозни ризици. Но, дали Асад ќе преживее без руска поддршка? Што ќе се случи со руската поморска база ако регионот влезе во војна? Со своето лесно инволвирање на Блискиот Исток пред четири години, за Путин можеби ќе биде потешко да се повлече а да ги задржи придобивките. „Подарокот“ од Трамп може да се покаже сепак како компликуван и незгоден.

 

Поврзана содржина

Реклама