Надница за страв | Македонија | DW | 13.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Надница за страв

Раководството на ВМРО-ДПМНЕ во потрага по брз пресврт и политички капитал ризикува многу работи во партијата и во земјата играјќи на работ. Само уште не е целосно јасно кој ја поставил крајната цел за патот кон исток

Веројатно го знаете оној легендарен филм на Анри-Жорж Клузо од 1953 година „Надница за страв“ со феноменалниот Ив Монтан. Приказната е класична за трилер – четворица Европејци кои останале без пари на крајот од светот некаде во Мексико се нафаќаат по едно беспаќе да пренесат два камиона полни со нитроглицерин, со кој преку експлозија ќе се затне дупката која гори во едно нафтено поле, сопственост на алчна и безмислосна нафтена компанија. На долгиот пат по планините тие мора да внимаваат на секоја дупка за да не одлетаат во воздух ако експлодира нитроглицеринот. Кавгите, зависта, нетрпението ги доведува односите меѓу овие четворица авантуристи до раб на меѓусебна пресметка. Еден камион лета во воздух, заедно со двајцата возачи во него, другиот некако стигнува до целта со само еден преживеан, но и тој, Ив Монтан, загинува на патот кон гратчето од каде што тргнаа, верувајќи дека богатата парична награда навистина ја заслужил.

Така отприлика изгледа ситуацијата овие недели во патриотските кругови на македонската опозиција по референдумот и драматичната изолација на партијата која ѝ се заканува да ја отцепи од важните европски престолнини поради тоа што одбива да ја погледне големата слика, одбива да размислува за иднината на државата, одбива да ги послуша пријателите, одбива да се држи до демократијата во сопствените редови. Изјавите по референдумот за невидениот притисок што се врши врз видни членови на партијата, па дури и јавното обелоденување на таквите информации од страна на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, полека ја сведува ВМРО-ДПМНЕ на ситуацијата на оние четворица Европејци во Мексико, кои алчни за брза заработувачка ги загубија своите животи. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ во потрага по брз пресврт и политички капитал става во ризик многу работи играјќи на работ. Само уште не е целосно јасно кој ја поставил крајната цел.

„Заробениот“ Мицкоски

Она што во интервју за „Призма“ го кажа претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката Даниела Рангелова, е неверојатно вознемирувачки за една партија која се обидува да се прикаже како демократска. Партијата која зборува дека сака да ја однесе Македонија на некое следно ниво на демократизација. Дали оваа исповед на Рангелова е тоа ново ниво на демократизација: „По гласањето (на референдумот) јас и моите колеги бевме изложени на невиден притисок, омаловажувања, понижувања и закани по животот во јавноста преку социјалните мрежи... Не сакам да помислам дека ваквите закани се оркестрирани од некаков центар на интерес, но останува фактот дека партијата не се огласи со осуда и реакција на ваквиот низок степен на примитивизам... Оваа пратеничка група поминува низ многу премрежија и тоа не по наша вина“.

Кој ги исплаќа овие надници за ширење страв, дали се оркестрирани од некаков центар, како што посредно се прашува Рангелова. И ако има таков центар – кој го раководи. Дали таа моќ ја има новото раководство, чиј генерален секретар дојде како апаратчик од градското сообраќајно претпријатие на Скопје, а претседателот на партијата имаше само кус стаж во нејзиниот врв пред сегашната функција? Дали оние тројки што одамна ги најави Мартин Протуѓер во времето кога беше исклучително моќен, всушност никогаш не биле распуштени и сега добиваат наредби од центар кој формално не ја води партијата, но реално раководи со неа. Или можеби во завршувањето на еден од долгите ноќни долги постови на Фејсбук на Никола Груевски со пораката на Тодор Александров до Александар Протуѓеров (од времето на најкрвавите меѓусебни пресметки во организацијата и убиствата на илјадници Македонци) е посредното навестување за судбината на оние што мислат поинаку. 

Дел од одговорите можат да се најдат во објаснувањата од изворите на Европската народна партија, клучната политичка поддршка за ВМРО-ДПМНЕ сите овие години, кои не можат да го разберат однесувањето на Христијан Мицкоски. МИА објави интересни детали од  разговорот на претседателот на ЕПП, Жозеф Дол, со Мицкоски минатата недела кога Французинот многу грубо го предупредил вмровскиот лидер дека доколку ВМРО-ДПМНЕ не дозволи демократска дебата за Преспанскиот договор партијата „ќе мора целосно да ја сноси одговорноста за сите последици со кои ќе се соочи земјата“. Во тој разговор, според изворите од ЕПП, Мицкоски бил целосно затворен и „длабоко заробен“.

Други колумни од авторот: 

Патетична Македонија

Линија на раздвојување

Елитите и народот – кој кому му е потребен

Кога ќе се допрат границите

Од кого бил „заробен“ Мицкоски? Дали од поранешното раководство кое оди од процес во процес за да одговара за злоделата за кои го товари Специјалното јавно овинителство и кое во хаосот во кој ќе западне Македонија по неуспехот да влезе во НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ ја гледа шансата за свој спас и зачувување на милионите што беа украдени? Некни партијата објаснуваше дека Христијан Мицкоски нема да одел на конференцијата на ЕПП за европската иднина на Западен Балкан идниот вторник затоа што имал поважна работа дома: „За понеделник е најавено одржување на пленарна седница на Собранието за измените на Уставот“ и дека вестите за можно исфрлање на партијата од ЕПП биле шпекулации. Факт е дека исфрлање на една партија од ЕПП е комплицирана процедура и тоа не може да се случи преку ноќ. Како што е факт дека пленарната расправа во Собранието за првата фаза за уставни измени, според Деловникот, може да трае до десет дена. Значи, Христијан Мицкоски може да замине во Брисел, да ја каже посветената определба на партијата за ЕУ и НАТО, но и да мора да ги ислуша острите зборови (а можеби и закани) од партнерите и да ја добие својата надница за страв. А можеби и да вети нешто. Но веројатно е дека во Скопје тој може да испорача и партиска надница за страв за пратениците кои размислуваат поинаку од оној центар за чие постоење се прашува Рангелова.

Голем студен ѕид

Во основа, ова се критичните денови за ВМРО-ДПМНЕ и неговата иднина во Македонија. Не, не е прашање дали тоа ќе престане да постои или ќе се фрагментира, туку дали неговото однесување ќе премине граници од кои нема враќање. Тоа не е само прашање за идолошката ориентација на партијата која драматично се наклонува кон десниот радикализам и ги напушта основните конзервативни вредности на европските десничарски партии на кои се гордее, туку со опседнатоста да се манифестира некакво херојство онаму каде што е потребен деликатен политички баланс и дипломатско знаење таа чекор по чекор се престројува на колосекот којшто води кон исток. Со знаење или поради опортунистички можности – сеедно. Дистанцираниот ментор на партијата во ова постпреспанско време за договорот со Грција, претседателот Ѓорге Иванов, веќе го доби печатот од Москва, кога руското министерство за надворешни работи го глорифицираше неговиот антизападен говор на генералното собрание на ОН. И ВМРО-ДПМНЕ е блиску  да го добие тој печат, со кој што се заверува она што сите го знаат во регионот – дека Москва никогаш ништо позначајно не дава кога ги остварува своите геополитички цели на Балканот.

Еден поголем текст од пред неколку дена во „Њујорк тајмс“ за руската субверзија на референдумот во Македонија дава повеќе одговори за големата вмешаност во овој клучен настан за безбедноста на регионот. Можеби во раководството на ВМРО-ДПМНЕ го прочитале овој текст, можеби не, но деталите што се изнесуваат во него се многу важни за големата слика во која се наоѓа Македонија. А која некои одбиваат да ја погледнат или да размислуваат за неа од различни причини. Затоа е важно беа пренесени најважните делови од овој текст. Според „Њујорк тајмс“ САД во јуни пресретнале разговори на руско-грчкиот милијардер Иван Савидис (кој е сопственик и на фудбалскиот клуб ПАОК) кои покажуваат дека тој бил каналот на Москва да го поткопа договорот меѓу Грција и Македонија, а со тоа и членството на нашата земја во НАТО. Американците веднаш направиле еден неочекуван потег – тие пресретнати разговори му ги доставиле на грчкиот премиер Алексис Ципрас, по што Атина протера двајца руски дипломати и им го забрани влезот на уште двајца. Русија одговори со возвратна мерка. Американскиот весник наведува дека приказната за руското вмешување официјално почнала на конференцијата во Атина три дена по склучувањето на договорот кога Владимир Чизов, амбасадорот на Русија во ЕУ го изјави ова: „Секако, ние нема да фрламе атомски бомби. Но има грешки кои имаат последици“. На истата конференција бил и американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пјат, кој потоа испратил дузина каблограми опишувајќи ја руската намера да го поткопа референдумот. Американски офицер му изјавил на „Њујорк тајмс“ дека во случајот веќе биле вклучени Стејт департментот, ЦИА и Европската команда на Пентагон стационирана во Штутгарт, Германија.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски

Оттогаш противниците на референдумот и на договорот со Грција добија поголема гласност во Македонија. За време на летото се отворија стотици нови веб-сајтови кои повикуваа на бојкот на референдумот ширејќи класични дезинформации.

За да докаже колку е загрижен Пентагон за ситуацијата околу Македонија, во Скопје допатува и министерот за одбрана Џејмс Матис. Тој уште на 11 септември, дваесет дена пред референдумот, изјави дека „Русија практикува измами од Македонија па се до Соединетите Држави“.

Исходот од референдумот донесе едвај воздржано славје во Москва. Во основа треба да се каже дека таа со мрежата лажни информации, на која ѝ се приклучи главната опозициска партија во Македонија, успеа да го етаблира бојкотот. Сега ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже дали е посветено на европските вредности, членството во двата најважни клуба или поради интересите на важни луѓе во партијата, кои очигледно уште управуваат со неа, забрзано се оддалечува од прокламираните цели. Ако Мицкоски е навистина „длабоко заробен“, како што велат од ЕПП, тогаш нему ќе му припадне улогата на извршител на раскинот на врските со европските партнери, она што неговиот претходник не сакаше да го направи по никоја цена. Уште се сеќаваме како Груевски трчаше од еден до друг лидер на конгресот на ЕПП на Малта во март 2017 година, обидувајќи се да ја добие нивната поддршка да го избегне падот што веќе се гледаше. Студениот ѕид околу него беше знак дека неговите денови се избројани.

Големо прашање е дали Мицкоски го гледа овој голем студен ѕид. Ако не може да го види тоа е брутална потврда за неговиот аматеризам во политиката, со огромни последици за партијата, но и за земјата. Така е со аматерите кои искажуваат тешки зборови – наеднаш ќе се удават во нив.        

 

DW.COM