Мојата Европа: Зајаци пред змија | Свет | DW | 03.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мојата Европа: Зајаци пред змија

Во светот се во тек промени. Европа ја потресуваат различни кризи. Кармен-Франческа Банчиу поставува многу прашања, на кои нема одговор. Таа се надева на силата на креативноста во Европа.

Годинава е пред крај. Треба ли да ја наречам негативно - револуционерна? Оваа година донесе темелни промени во Велика Британија, во САД, во ЕУ, во светот. Светот ќе биде поинаков без Британците во ЕУ, без претседател во Белата куќа. Мислам на претседател кој најрадо сака да владее од својата сопствена палата, од својот личен, со злато украсен, престол. Претседател кој уште пред вистински да го јавне коњот, уште пред да положи заклетва, го стави светот во вџашеност, страв и трепет. 

Какви уште настани можат да нѐ снајдат до крајот на годината? Фала му на бога, претседателските избори во Франција се дури вгодина! Исто така и парламентарните избори во Германија. А нив сите ги очекуваат со напрегнатост.

Прашања без крај

Оваа година многу патував. Од Грција до САД. Од Велика Британија до Романија. И секогаш одново се враќав во Германија, во Берлин, во мојот дом. ЕУ исто така е мој дом, јас не сум турист во неа. Јас сум вработен човек кој службено патува низ светот, во бројни земји и надвор од ЕУ. Кој е свесен што значи живот без слобода, што истовремено вклучува и слобода на движење.

Сеедно дали овде или надвор од континентот, постојано морам да мислам на Европа, на ЕУ и на последиците од зачестените застрашувачките вести. Прашањата не запираат. Што ќе се случи со ЕУ по Брегзит? Дали и други земји ќе го следат примерот? Или ќе се случи сплотување? Ќе има ли реформа на ЕУ? Ќе има ли исчекор в десно во Европа и светот? Ќе ги задржи ли Европа своите вредности и ќе може ли да ги одбрани? Или ќе дојде до расцеп во Европа, до распад? Ќе биде ли ограничена нашата слобода? Дали е загрозен животот на нашите деца?

Колкава е одговорноста на секој поединечно? Колкава е слободата на поединецот во влијанието врз работите, врз новото позиционирање, реорганизацијата? Колкава одговорност ние како граѓани треба да им препуштиме на институциите на ЕУ? Колкава сигурност и контрола ни е потребна вистински? Во колкава мерка треба да се плашиме од глобализацијата, од ЦЕТА и ТТИП?

ЕУ ја запоставува суштината

Не сум единствената која си ги поставува овие прашања. Во Борнвил, предградие на Бирмингем, влегов во разговор со сопственикот на една месарница. Секогаш сум љубопитна како живеат луѓето во една земја, што јадат, како размислуваат. Човекот ме праша што сакам. Сакам прво да разгледам, одговорив. За тоа не наплаќаме, ми рече тој, на што двајцата се насмеавме. Така ја искористив приликата да го поставам моето горливо прашање: што мисли тој за ЕУ? Ние сме надвор, многу сум задоволен, рече тој. Прашав зошто, а тој одговори: зашто самите подобро ќе успееме. ЕУ сака да ни пропише како да живееме, а ние не го сакаме тоа.

Во Клифтон сакав да го видам висечкиот мост и случајно наидов на продавницата од еден сестрано информиран трговец со антиквитети. Одговорот е сличен. Надвор! ЕУ премногу се грижи за неважни ситници. Притоа го пренебрегнува суштинското.

Младите луѓе, кои преку стипендијата Еразмус поминале една година на студии во странство, одговараат поинаку. Но и младиот келнер во Бристол вели: Стравувам дека ќе загубам некои права. Човечки права. Крај на работата во Европа! Не, во никој случај не сакав такво нешто.

Влегувам во разговор со луѓето. На улица, во автобус, во такси возило, во кафуле, во стоковна куќа, во продавница за зеленчук, во киоск. Некои во Англија веруваат дека дел од егзистенцијалните проблеми подобро можат да ги совладаат сами отколку во европската заедница. Побројни се отколку што се верува. Ваквиот став не е изненадувачки. Изненадувачки е што ваквите гласови не беа порано сериозно сфатени. Изненадувачки е што институциите на ЕУ, нејзините тела, како и влади, се далеку од реалноста и зависни од носење норми.

Беспомошни теоретичари

Растечкиот јаз меѓу богатите и сиромашните не е единствениот. Постои растечки јаз и меѓу политичките претставници и граѓаните. Политичките претставници често остануваат затворени во своја апстрактна реалност и го губат контактот со луѓето, чие секојдневие сакаат да го креираат.

Во моето повеќемесечно патување низ САД од моите пријатели и колеги, од универзитетски професори и бројни интелектуалци слушав, тие не познаваат никого кој би гласал за Трамп. Се чудеа што имав толку многу да раскажувам за луѓето во нивната сопствена земја. Во Њујорк нема речиси никого кој јавно би се определил за Трамп, ме уверуваа.

Во обичното секојдневие среќавав само гласачи на Трамп. Одлучни жени и инаку љубезни луѓе ги ширеа најапсурдните информации за Хилари и Обама. Без и најмал сомнеж дека мора да ја спасат земјата и да гласаат за Доналд Трамп.

Неодамна за време на една дебата под наслов „Крај на заедништвото? Шансите и ризиците на флексибилноста во ЕУ“ ги слушав излагањата на германски, полски и француски претставнички од политиката и науката. Целта беше наоѓање излезни предлози. Целата дебата остана на апстрактно, теоретско рамниште. И подоцна, на неформални, поопуштени средби покрај чаша вино, немаше ниеден конкретен предлог за реализирање на теориите. Само што стравот од репризирање на Брегзит беше сѐ појасен. Како теоретичарите и претставниците да се мали зајаци хипнотизирани од змијата пред себе.

Кармен-Франческа Банчиу е романска и германска писателка и доцент. Од 1990 година живее во Берлин и како слободен автор води семинари за креативно пишување. Од 1996 година пишува и на германски јазик. Нејзини последни издадени дела се книгите „Лесно ветре во рајот“ и „Берлин е мојот Париз - приказни од престолнината“. 

 

DW.COM

Реклама