Москва под притисок: Политиката на Џо Бајден кон Русија | Свет | DW | 29.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Москва под притисок: Политиката на Џо Бајден кон Русија

Владимир Путин демонстрира опуштеност. Но, новиот претседател во Белата куќа наскоро би можел да му го загорчи животот. Притоа, и Џо Бајден веќе има направено неколку грешки, смета Миодраг Шориќ.

Кон крајот на 2020 година Русија е во најизолирана позиција од падот на Советскиот сојуз до денес. Москва е раскарана со повеќето европски соседи, со исклучок на белорускиот диктатор Лукашенко. Недовербата на соседите сигурно е историски условена, но повеќе е реакција на надворешната политика на Москва која идниот министер за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен ја опишува како „агресивна”, „непостојана” и „авантуристичка”. И сака да бара одговорност од Кремљ за „опасните постапки”: ангажманот на руските сили во Украина, или поддршката на режимот на Асад во Сирија.

Москва се' уште реагира опуштено на таквите најави. Тоа ќе се смени кога Вашингтон ќе ги заостри санкциите, што може да се случи во 2021. Вашингтон, на пример, уште нема наметнато санкции во врска со труењето на рускиот опозиционер Навални. И ќе сака да врши дополнителен притисок за да го спречи довршувањето на гасоводот Северен тек 2.

Во Вашингтон не се почетници

Повеќето членови на новата американска администрација не се почетници, односно веќе работеле во времето на Обама. Тие имаат веќе искуство со Владимир Путин, исто како и идниот претседател Џо Бајден. Вашингтон одбива светот - како во време на Студената војна - да го дели во сфери на влијание. Тоа значи: ако мнозинството на белоруското население сака да се ослободи од диктаторот, Москва нема што да се меша таму.

Soric Miodrag Kommentarbild App

Миодраг Шориќ

Истото важи и за можно членство на Грузија во НАТО. САД секаде каде што е можно ќе го потиснуваат влијанието на Русија. Русија со годините станува сѐ послаба. Кремљ ги прокоцка изминатите години без да ги искористи. Некогашната од Путин најавена модернизација на економијата, тапка во место. Добивките на руските банки и други компании се „топат”. Земјата и натаму живее единствено од извоз на суровини. Добро обучените стручни кадри се иселуваат. Реалната вредност на платите со години паѓа, милијарди и милијарди капитал се излеваат од земјата. Истовремено се намалуваат странските инвестиции во земјата. За обичниот граѓанин воените интервенции во Украина, Сирија или Либија се слаба утеха. Со патриотската пропаганда на медиумите контролирани од државниот апарат Иван Иванович не може да плаќа сметки.

Кремљ ќе го смени своето однесување само ако мора. Вашингтон и Европа се подготвуваат за години на конфронтација.Сепак има и теми за кои Западот ќе соработува со Москва: во борбата против меѓународниот тероризам, повторното воспоставување на договор со Иран, или за климатски прашања. Но, основниот став - Русија да се доживува како противник - ќе остане.

На Москва ѝ е потребен Пекинг

А, што ќе преземе Русија? Ќе мора уште повеќе да се потпре на Кина, во најмала рака од економски причини. Но, улогите се јасно поделени: од една страна е економскиот гигант Кина, наспроти заслабениот помлад партнер Русија.

Дури и воената моќ на Москва малку може да стори во однос на овие основни надворешнополитички поставености. НАТО е повеќекратно посилен. Особено сега, кога Бајден и Европејците повторно засилено ќе соработуваат во однос на надворешната политика.

Москва е изолирана, но ситуацијата си ја претставува како добра, е впечатокот од годишната прес-конференција на Путин. Се чини дека тој веќе подолго време има изгубено допир со реалноста.

Бајден досега се сметаше за „јастреб“ во политиката

Во современиот модерен свет моќта се дефинира пред сѐ економски. И тука се гледа руската беда. Секако, и Западот страда од пандемијата. Но, кога таа ќе заврши ќе следи голем раст. САД дотогаш може да си печатат долари и Европа евра колку што сакаат, но довербата на глобално ниво во нивната економска моќ и понатаму останува силна.

За волја на вистината и Џо Бајден како сенатор и потпретседател учествувал во носењето погрешни одлуки – да се потсетиме само на американската интервенција во Либија или во Ирак. Интерно, во Демократската партија, секогаш важел за еден од „јастребите“ на надворешната политика. За неколку недели ќе стапи на претседателската функција. Тогаш ќе има шанса да извлече поука од грешките од минатото.

Реклама