Македонија пред референдумот: Интернетот како бојно поле | Северна Македонија | DW | 18.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонија пред референдумот: Интернетот како бојно поле

Американскиот министер за одбрана Џејмс Матис од Македонија упати предупредување до Русија, пишува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, анализирајќи ги шансите на таборите „за“ и „против“ пред референдумот

Пренесувајќи ги пораките на американскиот министер за одбрана испратени до македонските граѓани и повикот да излезат на „најважното гласање“ во нивната историја, весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ се осврнува особено на изјавите на Џејмс Матис околу Русија и нејзиното влијание во Македонија, и оценува:

„Состојбата пред референдумот е проблематична, иако анкетите се јасни. Според сите анкети, во последната недела од септември ќе има значително мнозинство гласови за договорот со Грција и со тоа за влез во НАТО. Албанската етничка група, која сочинува околу една четвртина од населението, како и другите малцинства, освен српското, веројатно речиси сложно или барем со големо мнозинство ќе гласаат 'за'. Слично ќе биде и со голем дел од словенското мнозинство. За да биде важечки, на референдумот мора да излезат најмалку половината од граѓаните со право на глас. Таа околност би можела да помогне за успех на кампањата за бојкот на опозициската партија ВМРО, како и на различни проруски групи.

(...) Видливи докази за руски интервенции речиси и нема. 'Русите велат: кога ние толку отворено би се залагале за НЕ, како што Западот се залага за ДА, веднаш би се зборувало за руска пропаганда и манипулации', вели еден познавач на состојбите во Скопје. Навистина, Матис, германската канцеларка Ангела Меркел, австрискиот канцелар Себастијан Курц, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и Високата претставничка на ЕУ за надворешна политка, Федерика Могерини деновиве престојуваа во Скопје, но разбирливо - ниту еден руски политичар. Заев и неговиот министер за надворешни работи Никола Димитров, во никој случај не би им пружиле платформа на противниците на својот историски договор со Грција. Поинаку е на недржавно ниво. Во март, кога веќе се наѕираше можноста за постигнување договор меѓу Атина и Скопје, во Скопје притстигна деснорадикалниот руски филозоф на 'крв и земја', Александар Дугин. На покана на внатрешнополитички ирелевантната македонска партија Единствена Македонија, тој, постојано прекинуван со аплаузи и восклици на одобрување, зборуваше пред околу 400 присутни во преполната конгресна сала на еден хотел. 'Кога ви велат дека нема алтернатива за НАТО, тоа претставува уцена, понижување и колонизација', рече Дугин пред публиката која не беше ниту потребно да биде убедувана во такво нешто. Македонија, според изјавите на Дугин во Скопје, би морала да се ослободи од 'англосаксонските шепи' и да ѝ се приклучи на пансловенската унија, каде, по природата не нештата ѝ било и место. Меѓутоа, Русија би можела да помогне само ако е повикана, рече (...) овој мислител, укажувајќи на Башар ал-Асад, кој побара помош од Москва и ја доби. Сѐ додека во Скопје на власт е актуелната прозападна коалиција вакви 'повици за помош' нема да има, поради што противниците на членство на Македонија во НАТО се концентрираат пред сѐ на интернетот како бојно поле. Таму во тек е кампањата 'Бојкотирам', чии приврзаници радо како симбол употребуваат фигура на жаба. Дали нивниот повик до Македонците на 30 септември да бидат жаби за референдумот да пропадне (во германскиот јазик 'немој да бидеш жаба' се употребува во смисла 'немој да бидеш расипувач на играта', н.з.) ќе вроди со плод, останува да се види“, пишува денеска весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

DW.COM

Реклама