Македонија на чекор до неславниот рекорд на Холандија | Македонија | DW | 22.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија на чекор до неславниот рекорд на Холандија

Со оценка од ЕК за „заробена држава“ и нефункционална пазарна економија, Македонија тешко ќе може да се справи со предизвиците без нова влада. На тоа укажуваат домашни економисти, но и сите пораки од официјален Брисел.

Ако во Македонија наскоро не се избере претседател на Собранието и не се формира нова влада, земјата ќе достигне некои од неславните лични рекорди на земји кои подолг период останале без извршна власт. Меѓу нив е Холандија, каде во 1977 година заради „тесни“ изборни резултати, долгите преговори за коалицирање ја оставиле земјата без влада 208 дена. Во Ирак без влада останале 289 дена, во Камбоџа 351. Во регионот рекордот го држи Босна и Херцеговина со околу 450 дена без влада, а во ЕУ- Белгија со 589 дена (2010 и 2011 година), податок кој влезе и во Гинисовата книга на рекорди. Во податокот за Белгија е пресметано времето од распишувањето на изборите и уште 541 ден од преговорите за составување на новата влада. Ако се примени ваквата Гинисова методологија за пресметка, тогаш Македонија е на дофат на холандскиот рекорд. Од 11-ти декември 2016 година, кога се одржаа парламентарните избори, до денес поминаа 132 дена, а од нивното распишување на 18-ти октомври - 186 дена, или половина година.

Може ли политичките лидери да си дозволат „луксуз“ и натаму да го пролонгираат тој процес?И според политиколози, но и според досегашните пораки од официјален Брисел, „Македонија веќе нема време за губење“. Ако земјите со зрели демократии и функционални институции полесно можат да надминат подолг период без влада, Македонија, која во извештајот на ЕК доби оценка на „заробена држава“ со партизирани институции и нефункционална пазарна економија, тешко ќе може да се справи со подолга блокада на институциите.

Исцрпени потенцијалите за раст

На ова веќе подолг период предупредуваат и домашни економисти, посочувајќи на неколку индикатори кои укажуваат дека економијата во Македонија може да влезе во рецесија: трговијата на мало во јануари и февруари годинава има пад од 2,5% во однос на истиот период во 2016 година, индустриското производство во тие два месеца бележи пад од 1,9%, а градежништвото, кое досега се сметаше за генератор на растот, во јануари 2017 година има намалување за 24% година во однос на истиот месец лани! Економистите се едногласни во ставот дека времетраењето на политичката и институционална криза ги еродира економските потенцијали.

Mazedonien Immobilien in Skopje (K. Delimitov)

Градежништвото, кое досега се сметаше за генератор на растот, во јануари 2017 година има намалување за 24% година во однос на истиот месец лани

„Трендовите во Македонија во последните неколку години ги исцрпија сите потенцијали за да се генерира економски раст“, вели Предраг Трпески, професор на Економскиот факултет при УКИМ.

„Проекциите на релевантните меѓународни институции, ММФ и Светска банка, се направени врз претпоставка дека политичката криза ќе заврши сега или најдоцна до крајот на првата половина од годинава, односно дека ќе се деблокираат институциите и дека претпријатијата ќе може да функционираат. Јавниот долг веќе е на алармантно високо ниво, брутонадворешниот долг е над 70 %, па со овој промет во наредните неколку месеци под знак прашање ќе биде фискалната издржливост“, вели Трпески.

Излезот го гледа во брзо формирање влада.

„Во овој момент, институциите се толку оштетени (законите се толку често менувани што веќе се искривиколчени) што сами по себе се пречка за економијата.  Се прашувам дали министерот за финансии е свесен за ситуацијата во која се наоѓа земјата? Неговите изјави и информациии од министерството не кореспондираат со реалноста со која се соочуваат бизнисите во државата. Ние сега живееме во еден спин“, потенцира Трпески. 

И тој, но и други економисти го потенцираат прашањето - ако сме во институционална криза, како ќе се извршуваат основните исплати од буџетот - плати, субвенции, средства за градежни фирми ангажирани од владата за одредени проекти. Особено ако се има предвид дека таа институционална криза по 14 мај може да предизвика и целосен колапс на локално ниво, бидејќи на градоначалниците им истекува мандатот. Меѓу другото, за ваквите ризици од продолжената блокада на процесите, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера разговарал со италијанскиот амбасадор во Македонија, Карло Ромео. Заев објаснил дека од сегашната ситуација трпат граѓаните, кои се во сѐ поголема егзистенцијална криза, како и фирмите кои имаат проблеми со исплата на плати. Било констатирано дека е неопходна брза деблокада на демократските процеси, во интерес на граѓаните и стабилноста на земјата.

Mazedonien Proteste in Skopje (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)

Нови избори е барањето на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините поддржувачи кои се декларираат како граѓанска иницијатива „За заедничка Македонија“

Извоз на стабилност

Такви очекувања имаат и во официјален Брисел - што поскоро избор на претседател на парламентот и нова влада, без одложување. Единствено ВМРО-ДПМНЕ бара кризата да се реши со спроведување нови парламентарни избори, а кон ова барање од вчера се приклучија и нејзините поддржувачи кои се декларираат како граѓанска иницијатива „За заедничка Македонија“.

„Бараме свикување на итна собраниска седница со единствена точка на дневен ред - прогласување и распишување на предвремени парламентрани избори во Република Македонија!“, порачаа од иницијативата.

Европратеници кои се целосно запознати со генезата на кризата во Македонија и вложуваат лични напори за нејзино надминување, имаат поинакви очекувања.

„Во наредните месеци очекувам значителен пресврт во политичките случувања во Македонија и во другите балкански земји зафатени од 'трендот' на блокада и на бојкот на клучните институции“, порача европратеникот Едвард Кукан, известувач во сенка за Македонија во Европскиот парламент, во интервју за „Еуропиан Вестерн Балканс“ (European Western Balkans).

Uganda Wahlen Eduard Kukan EU Wahlbeobachter Kampala (Reuters/J. Akena)

Кукан: Во наредните месеци очекувам значителен пресврт

„Се соочуваме со сериозна политичка криза во Македонија и во Албанија. Во другите земји во регионот, на пример, Црна Гора и Косово, се борат со бојкот на парламентите. Се чини дека ова е регионален тренд, кој е контрапродуктивен за демократскиот развој во земјите кои се пред европскиот праг. Тоа создава речиси магичен круг, во кој слабата демократија додава масло во слабите институции - и обратно. Се надевам дека во следните месеци ќе видиме значителен пресврт и спротивен тренд“, изјавил Кукан.

Од Брисел се обидуваат да превенираат натамошни пропусти, кои би можеле дополнително да влијаат врз неповолните резултати во регионот и Македонија.

„Западен Балкан се наоѓа во нашиот 'двор' и политиката на 'извоз на стабилност' во тоа подрачје е особено релевантна, бидејќи таму не ја завршивме работата.

EU - Erweiterungskommissar Johannes Hahn (DW/A. Feilcke)

Хан: На Балканот не ја завршивме работата

Доколку Европската Унија се двоуми во својата посветеност кон Балканот, некој друг може да се 'ангажира' во овој регион и тој некој веќе се обидува“, предупреди еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на Универзитетот Принстон.

Според него, проширувањето на ЕУ со сите услови и критериуми е најдобрата безбедносна политика што ЕУ кога било ја имала, но таа не е „бесплатен ручек“.

„Локалните лидери мора да ја преземат одговорноста и да градат врз веќе постигнатиот напредок. Мораме да видиме политичка волја место политички игри и вистинско спроведување на реформите, не на хартија, туку на терен, особено во клучните области - владеење на правото, конкурентноста и поврзувањето. Тоа може да ги загрози деловните модели на поединци, но стратегиски гледано, не постои алтернатива. Нивните граѓани тоа го знаат“, порача Хан.

DW.COM

Реклама