Лазаревски: Ја запревме разулавената машина која патуваше без компас | Северна Македонија | DW | 20.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Лазаревски: Ја запревме разулавената машина која патуваше без компас

Горд сум што се создаде критична маса за промени во заробеното општество, вели Ѓорѓи Лазаревски, еден од двајцата „свиркачи“, кои ги обезбедија доказите за масовното незаконско прислушување во Македонија.

Ќе беа ли можни промени и реформи во Македонија, ако не беше откриен најголемиот скандал од независноста на земјата, со кој најдиректно се демаскираше и соголи начинот на кој една недемократска врхушка владееше 11 години? Одговорот го знае демократската јавност, онаа која со денови протестираше откако ја слушна содржината на „бомбите“. Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија, деновиве повторно ги врати во фокусот лицата кои обезбедија докази за масовното незаконско прислушување и без кои не ќе беше можен почетокот на крајот на таквото владеење. Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, некогаш вработени во МВР, денес се сметаат за многу повеќе од „свиркачи“ - херои на битката против узурпираните и заробени институции. На 8 февруари 2015 година двајцата беа уапсени и притворени со обвинението од „Пуч“. Во тој период Лазаревски веќе 16 месеци е надвор од МВР, откако под притисок на закани си дал оставка, но Костовски сѐ уште работи таму и врз него паѓа поголемиот товар на обвиненијата. Еден ден по нивното притворање, опозицискиот СДСМ ги објави првите „бомби“. Оттогаш до денес Македонија помина три бурни политички години на патот од „заробена држава“ до земја со реална европска перспектива.

Лазаревски денес со задоволство ги споделува впечатоците од ваквиот извонреден пресврт.

„Оценките во Извештајот на Европската Комисија се голем ден за секој што искрено ја сака Македонија, бидејќи Европската Унија нѐ извести дека конечно се вративме во шините на вистинскиот колосек, од којшто бевме испаднати“, ги споделува Лазаревски првите впечатоци по надежта што ја отворија оценките од Брисел.

„Важно е дека најтешкото помина. Сега перспективите за земјата и за граѓаните постојат и да се надеваме дека вакви хаварии никогаш веќе нема да се случат. За жал траеше предолго, отидовме предалеку, а штетите кои со години ќе ги трпиме никој не може да ги процени“, вели тој.

Gorgi Lazarevski (Privat)

Лазаревски: Најтешкото помина

Тешки години и тешки одлуки

Во разговорот се враќаме на почетоците, во времето кога малкумина знаеле што се случува зад блиндираните врати во УБК. Тоа е период во кој државата тргнува во најлош можен правец, а за Лазаревски почнуваат најтешките лични и професионални моменти и предизвици.  

„Имаше многу тешки моменти, но никогаш не почуствував дека сум во безизлезна ситуација. Најтешко беше кога не знаев каква одлука да донесам, па одолговлекував или се колебав. Колку и да си сигурен дека тоа што го правиш е исправно, не можеш да избегаш од логичниот заклучок дека единствено нешто што сигурно те очекува е неизвесност! Секоја одлука која ја носев имаше импликации кон туѓи судбини. Од друга страна, индивидуалната судбина не смее да има предност пред колективната. За среќа, ниедно индивидуално страдање не достигна фатални размери. Засекогаш ќе останат последици, но колективните придобивки се непроценливи. Можам да констатирам дека иако донесов многу одлуки за кои не бев сигурен, крајниот исход е извонреден и не би сменил ниту една од одлуките. По 'црниот понеделник', 24-ти декември 2012 година, многу тешка беше целата 2013 година. Разумот бараше да се откажеме, а срцето бараше да продолжиме. Токму 2013 година ги донесе најважните бомби“, се потсетува Лазаревски.

Mazedonien Zoran Zaev Abhörskandal (Petr Stojanovski)

СДСМ ги објави првите „бомби“ еден ден по притворањето на Лазаревски и Костовски

Вели дека се гордее со тоа што го направиле заедно со Костовски, но и дека не може да побегне од фактот дека судбините на нивните семејства биле ставени на ризик - и во критичниот период на обезбедување докази, и подоцна - по притворањето. 

„Знам дека немав право на тоа. Навистина не знам дали би можел да продолжам да живеам ако некому нешто се случеше. Најмногу ми е жал што ги изложив на чуство дека никогаш нема да се вратам. Во тоа време, под такво обвинување, од таква власт, под таква пропаганда, моето притворање подразбираше и осудување на долгогодишна затворска казна. Да не зборуваме за стравот дека луѓе можат да се удават во кофа вода или да им се случи некоја бизарна несреќа. И медиумската хајка на режимските гласила си одигра своја улога. Семејствата се распаѓаат во такви услови. За среќа моето остана цврсто, но не без лузни“, вели Лазаревски.

Гледај видео 00:55

СЈО преслушува 606.555 аудио фајлови

Една битка е извојувана

По таа голгота, среќен е што Македонија од заробена држава денес чекори кон светли перспективи.

 „Се надевам дека со моите постапки помогнав да се запре разулавената машина која патуваше без компас. Горд сум што учествував во еден процес кој доведе до будење на заспаната граѓанска свест и што се создаде критична маса за верижна реакција која ослободи доволно енергија да се направат позитивни промени во заробеното општество. Прочитав дека претседателот на Франција изјавил дека, по сѐ изгледа, постои европска граѓанска војна меѓу либералната демократија и растечкиот авторитаризам! Ние штотуку извојувавме една битка против авторитаризмот, но не сум сигурен дека го победивме. Исто така не сум сигурен дека сме либерална демократија. Важно е дека во нашето општество граѓаните докажаа дека знаат да расудуваат, знаат да препознаат девијантни појави. Подигнат е прагот за аларм и за бурни реакции кон недолично однесување на поединец или институција“, констатира Лазаревски.

Mazedonien Proteste in Skopje (DW/E. Milosevska)

Архивска фотографија (Протести против владата на Груевски, 23.04.2016)

Имајќи го предвид искуството од минатата деценија и созреаната граѓанска свест, Ѓорѓи потенцира дека никој веќе не смее да ги изневери граѓаните.

„Очекувањата на јавноста се големи, притисокот за резултати е огромен! Јас само се надевам дека нема да се повторат грешките од минатото, да се испорачуваат потемкинови села, неуспесите да се слават како успеси, да се создава лажен впечаток дека нешто се работи, да се замижува пред корупција, да се толерира непотизам, да се создава лажна слика преку пропаганда. Оваа заробена држава ја ослободија граѓаните откако ја дознаа 'Вистината за Македонија'. Граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината независно колку тешко таа може да ги погоди. Но, не смееме веќе да живееме во имагинарниот свет на Баронот Минхаузен“, вели тој.

Повеќе:

Жолтото комбе го доведе Мијалков на суд

„Бомбите“ на Заев сѐ уште без правна завршница

Магистерскиот труд - автобиографски

Во последниов период Лазаревски е посветен на работа врз својот магистерски труд. Насловот открива дека е посветен на тема што добро ја познава.

„Малку е смешно што на 55 години пишувам магистерски труд, но одбрав тема која беше составен дел од мојот живот и имам желба да го завршам. Работен наслов е 'Следењето на комуникациите во Република Македонија'. Ги проучувам последиците од тоа што во првиот Устав на РМ не беше предвидена можност да се следат комуникаците. Потоа давам свои идеи како во практика од технички аспект треба да се спроведе новиот закон за следење комуникации, со акцент на форензичка контрола. Ако го завршам, ова ќе биде магистерски труд кој може да се нарече и автобиографски“, објаснува Лазаревски.

И додека тој е релативно присутен во јавноста со изјави или интервјуа, тоа не е случај и со Звонко Костовски. Ѓорѓи дава објаснување зошто е тоа така.

„Звонко Костовски реши да не се појавува во јавноста сѐ додека има статус на осудено лице. За среќа нема здравствени проблеми и има безрезервна поддршка од семејството. Ако ова општество треба да има благодарност кон некого, тоа е токму Звонко. Не е далеку моментот кога конечно ќе ги добие признанијата кои ги заслужува!“, дециден е неговиот колега и пријател.

Bundespolizeiinspektion (Symbolbild) (picture-alliance/dpa/C. Charisius)

Работен наслов на магистерскиот труд на Лазаревски - „Следењето на комуникациите во Република Македонија“

Двајцата неодамна беа добитници на „Награда за слобода на говорот“ што ја доделува Коалицијата за заштита на свиркачите во Југоисточна Европа и Европскиот центар за заштита на правата на свиркачите, која им беше доделена во Приштина, но Костовски не присуствуваше на врачувањето. Изминативе денови од повеќе страни биле мотивирани да конкурираат за наградата на Европскиот Парламент што годинава е посветена на новинарката Дафне Каруана Галиција од Малта, која минатата година беше убиена во експлозија во нејзиниот автомобил. Наградата е наменета за новинари или свиркачи кои биле заплашувани и судени.

„Мислам дека Звонко и јас ги задоволуваме условите да бидеме номинирани, особено како добитници на наградата за слобода на говор. Се надевам дека некое новинарско здружение или невладина организација ќе нѐ номинира. Тоа би било големо признание за нас и афирмација на Република Македонија“, порачува Лазаревски.

DW.COM

Реклама