Кој ќе биде последната жртва на груевизмот | Северна Македонија | DW | 04.02.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кој ќе биде последната жртва на груевизмот

Од исходот на квази партиската стручна дебата зависи кој ќе биде последната жртва на груевизмот: ВМРО-ДПМНЕ, или Македонија. Колумна на Ерол Ризаов.

Расправата за новиот закон за јавно обвинителство и политичко експертското пазарење како да се постави само еден од столбовите на владеење на правото, во суштина е војна зад која се крие конечниот пораз, или победа на груевизмот. Од исходот, на оваа, повеќе партиска, отколку стручна дебата, зависи кој ќе биде последната жртва: ВМРО-ДПМНЕ, или Македонија. 

Ако единствената легална револуционерна партија со такво име во Европа и натаму цврсто стои на груевистичката агенда со анахрониот метод на управување со државата без контрола, криејќи се зад лажниот патриотизам, тогаш ваквото ВМРО-ДПМНЕ  и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, поставен како аманет од Никола Груевски, ќе бидат последните жртви на груевизмот.  Победата пак на компромитираните политичари со ослободување на криминалците и злосторничките здруженија со озаконето оневозможување на судската правда ќе означи збогување на Македонија од главниот предуслов за изградба на современо, демократско европско општество.

Срамен чин на пазарење со правдата

Ваквите констатации можат да изгледаат пренагласени, но трагичните историски искуства во блиското минато алармантно  предупредуваат дека распадот на државите почнува со нарушување на владеење на правото што е темел на демократијата и стабилноста. Не само правната наука, која е строга и децидна, туку и целокупниот општествено политички, економски и културен развој на една земја зависи од тоа дали најенергични мерки ќе се преземат против појавите и дејствијата што грубо го поткопуваат владеењето на правото и кои го попречуваат неговото што подоследно остварување. Или пак, ќе се забошотат сите обиди за праведни судски разврски.

Во Македонија се случи еден таков катастрофален процес на грубо попречување на функционирањето на правната држава  повеќе од цела деценија. Тој процес се трансформира во инструмент на присила, репресија и тиранија. По поразот на режимот на Никола Груевски, попречувањето на владеењето на правото продолжи и натаму со жестокост на војна на живот и на смрт. Во тек е последниот чин од добро осмислениот поход за компромитација на сите обиди за делењето на правдата според законите, за правосудниот систем да стане независен од политиката.  

Можен е уште потежок удар од сите досегашни врз правдата и државата, каков што можат да направат само големите криминалци во спрега со политиката. Овој срамен чин на преговори за нешто што никаде во светот не се преговара, се одвива во парламентот и надвор од него, со опасност пазарлакот да ни донесе нов правен монструм, кој во суштина ќе прогласи дека и де факто и де јуре Македонија е држава на криминалците и на легалната корупција, земја каде ризикот да се бавите со криминал  е исплатлива работа, дури и ако бидете откриени, па и осудени. Тоа воопшто не значи дека ќе лежите во затвор, или дека ќе ви биде одземен незаконски стекнатиот имот. 

Кај и да пипнете - гнило

Неказнивоста на таканаречениот висок криминал на политичкиот врв  е доведена до совршенство, затоа што тие што треба да ги гонат носителите на овие најголеми зла на македонското општество и самите завршуваат како криминалци  кои очекуваат слобода во политичките нагодби и во долгите судски постапки кои умираат од старост. Застаруваат. Ете и ова се случува на очиглед на целата јавност и во сите инстанци на правосудниот систем и во редовното и специјалното обвинителство, во судството - почнувајќи од судовите за прекршоци до тие што треба да судат за тешки кривични дела за организиран криминал, до Врховниот суд и до управните судови, па сѐ  до Уставниот суд, владата и комплетниот состав на парламентот. 

Кај и да пипнете - гнило. Прокиснува. Се пазарат за тоа политичари и експерти како да се гони организираниот криминал и корупција, луѓе кои се одамна компромитирани баш поради своите замешателства во криминал и корупција. Од тоа, се разбира, не може да испадне ништо добро. 

Други колумни од авторот:

Последната офанзива за спасување на криминалците

А да ги заклучиме сите во Парламентот?!

Македонија ќе се распадне ако не влезе во ЕУ

Амандманите ги откриваат намерите

Еве го најсилниот доказ за едно вакво тврдење. Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кои се изверзираа за подготовка на повеќе илјади амандмани на кој било закон, овојпат смислија стратегија на експертска дебата, по која без учество на ВМРО-ДПМНЕ, владата и експертите би составиле амандмани на новиот закон за јавно обвинителство. Каква великодушност, толеранција и демократичност. Во што се состои партиската стратегија? Ако ВМРО-ДПМНЕ самата поднесе амандмани, како досега за сите закони, лесно се препознаваат мотивите за укинување на предметите од судските постапки покренати од Специјалното обвинителство кои се водат против челниците на оваа партија. Ако тоа го направат експертите и владата, тогаш,  според Мицкоски, тоа е владеење на правото без негово силување. 

Навистина добро смислено, со перфидна уцена, која игра на картата да се загуби на време за да се оневозможи преговорите со ЕУ да почнат пред избори. Најавите дека преговорите со ЕУ можат да почнат и без донесување на законот за јавно обвинителство во суштина е дезинформација. Не за тоа дали навистина можат да почнат преговорите уште наредниот месец, во март, туку затоа што тоа е од насушна потреба за спасување на Македонија од стегите на криминалот и коруцијата. Без владеење на правото, со озаконување на неказнивоста на криминалците од страна на владата и партиските експерти,  Македонија не може да мрдне ни еден чекор кон Европа. Тоа е еден од најважните предуслови и за Брисел, но уште повеќе за Македонија, која ако и во оваа прилика не расчисти со отстранување на сите пречки за независен правосуден систем, нема што да бара ниту од Европа, ниту пак дома од своите граѓани. Тука би можел да се одреди почетокот на опасна дестабилизација и распаѓање на државата. Таков партнер никој не сака, ни во комшии, ни во светот, ни во сопствената куќа. 

Криењето зад експерти е валкана игра

Каде е излезот, дали е можно решение и меѓупартиски договор кој ќе овозможи со потребната законска регулатива и со  самостојноста на судските институции да започне вистинскиот процес за воспоставување на владеење на правото? Велиме почеток на процесот, бидејќи светското право и искуства одамна дошле до сознанија дека не се доволни само законските регулативи и прогласи за независно судство, туку дека тоа зреење на државноста со демократски вредности бара многу поголема критичка определба на граѓаните кон почитување на законите, кое оди паралелно со нивото на општата култура, образованието, слободни медиуми и прифаќање на нови повисоки стандарди за тоа што е вистински патриотизам и љубов кон татковината. 

Ова е само првата фаза - со донесување на нов закон за јавно обвнителство да почнат реформите во судството кои ќе траат колку и преговорите со ЕУ, бидејќи тоа поглавје последно се затвора, а сега, со новата методологија, ќе може и да се повторува годината, што велиме да се „понавља“. Тоа значи дека инсталирање на владеење на правото во Македонија во најдобар случај може да потрае седум, осум години, ако реформите и преговорите течат во најдобар ред, време во кое ќе има уште неколку циклуси на избори и промени. Многу работа за повеќе влади, премиери и парламенти.

Зошто тогаш толкава нервоза? Ништо друго, освен обиди за спасување на криминалците од врвот на властите и моќта. Ова сознание треба да превладее во јавноста пред 12 април, што е единствен начин да се спаси Македонија. Ако тоа се случи сега, сите следни влади и сите што ќе се определуваат да  влезат во политиката ќе мора да калкулираат со тоа дека криминалот е неисплатлива инвестиција и дека изгледите да бидеш откриен се многу поголеми, отколку да се провлечеш неказнето, а уште помалку без да лежиш затвор и без да го платиш гревот со одземање на имотот стекнат незаконски. Затоа криењето на политичка партија и влада зад експерти е глупава и лесно препознатлива валкана игра.

Реклама