1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Силата и слабостите на руската армија

Дарко Јањевиќ
9 април 2018

Руските вооружени сили и даваат на Москва јасна супериорност во пост-советскиот регион, и покрај тоа што тие не се на нивото на целото НАТО. Но Кремљ забрзано ја модернизира својата армија, велат експерти за ДВ.

https://p.dw.com/p/2vhSJ
Russland Militärparade in Moskau
Фотографија: picture-alliance/dpa/Tass/V. Sharifulin

САД, Русија и Кина се сметаат за најмоќни воени држави во светот, иако САД се убедливо водечки во тој поглед. Сепак, Русија има повеќе адути, од кои најголемиот е масивниот нуклеарен арсенал од околу 1,550 распоредени нуклеарни боеви глави.
Нуклеарното оружје настрана, САД имаат огромна предност во конвенционалните сили, вклучително и далеку посилна морнарица и воздухопловство, вели рускиот воен експерти Александр Голтс за ДВ.
Кина, според Голтс, исто така би имале бројчана предност во евентуален конвенционален судир со Русија. Но, во други сегменти, нештата не се толку јасни.
„Руското воздухопловство е далеку посилно од кинеското засега. Прашање е што е со морнарицата, затоа што Кинезите сега започнаа многу амбициозна програма за изградба на бродови и тие се далеку поуспешни со нивната флота од Русите“, вели Голтс.
Сепак, и покрај тоа што руските воени бродови се стари, тие често се опремени со многу модерни крстосувачки ракети, вели експертот.
Сепак, воениот експерт предупредува дека рангирањето на земјите според воената моќ е „повеќе или помалку бескорисно“, затоа што нивната ефективност зависи од целите кои им ги поставуваат националните лидери.

Не знаеме секогаш каде е целта

Со тоа се согласува и рускиот новинар и воен аналитичар Павел Фелгенхауер, кој предупредува дека решавачки во вистински конфликт се многу варијабли, вклучително и географијата и луѓето кои учествуваат.
„Тоа е како да предвидувате фудбалски меч. Да, Бразил би требало да ги победи САД во фудбал, но се случувало и Американците да го победат Бразил. Не можете да го знаете резултатот додека не заврши мечот“, вели Фелгенхауер.
Тој забележува дека Русија заостанува во многу сегменти на модерната воена технологија, вклучително и во дизајнирање и продукција на дронови, електронски компоненти, како и радарско и сателитско набљудување. На пример, Русија произведува дронови за набљудување со израелска лиценца, и целосно ѝ недостасува способност за напаѓачки дронови. Русија работи и на модернизирање на своите командни и контролни центри, преку кои се процесираат информациите од бојното поле.
„Руската армија признава дека поседува оружје, вклучително и оружје со голем дострел, но нејзините набљудувачки способности се послаби од напаѓачките. Оттука тие можат да истрелаат ракета со голем дострел, но не секогаш знаат каде е целта“, вели Фелгенхауер.
Овие проблеми излегоа на виделина по анексијата на Крим во 2014. Дотогаш Русија трошеше околу 500 милиони долари годишно на увоз на опрема од САД, Франција и Германија која може да се користи и во цивилни и во воени цели. Ембаргото го сопре тој увоз и сега Русија мора да бара други начини да го затвори технолошкиот заостаток во однос на Западот.
Оттука сега фокусот е повеќе на развој на старите советски системи и нивна модернизација. Едно такво орудие е воениот авион Су-25, дизајниран за поддршка на копнени трупи.
„Тој им е многу добро познат на сите кои учествуваа во војната во Авганистан (во 1980-те), како мене. Но дизајнерите тврдат дека тој само наликува на стариот Су-25, и тој покажа колку е добар за време на војната во Сирија“.

Syrien Aleppo Russische Soldaten
Руски тенк во Алепо, СиријаФотографија: picture-alliance/dpa/Russian Defense Ministry
Russischer Kampfjet Sukhoi MIG-29
Руски воен авион Сухој Миг-29Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Japaridze

Тенковска надмоќ

Сепак, постои еден сегмент во кој Русија е јасен број еден. Неодамна, Кремљ објави дека Русија има повеќе тенкови од било која друга земја во светот.
„Неофицијално, сум видел бројки од 20 илјади тенкови, што би значело дека Русија има повеќе тенкови од сите НАТО членки заедно“, вели Фелгенхауер.
Повеќето европски држави го намалија бројот на тенкови по крајот на Студената војна, и се фокусираа на асиметрични воени закани. Тоа, според Фелгенхауер, ги става во голем заостаток во случај на копнена војна во Европа.
„Германија сега има само 300 тенкови. Британија, мислам, 250 и исто толку и Франција“.
Во случај на конфликт на европско тло, Русија има и логистичка предност над Западот. Според Фелгенхауер, на НАТО ќе му бидат потребни месеци за целосна мобилизација, а Русија би можела да донесе засилувања далеку побрзо.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема