Кинеската мрежа на Балканот | Северна Македонија | DW | 12.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Кинеската мрежа на Балканот

Преку три точки се одвива процесот на кинеските инвестиции на Балканот - замката на лесните кредити кои создаваат должничко ропство, ниските еколошки стандарди и постојаната корупција. Пишува Љупчо Поповски

Обраќањето на Вес Мичел, донеодамнешен висок функционер во Стејт департментот, на конференцијата на „Економист“ во Скопје во кое прилично прецизно елаборираше за заканите од руската индустрија од лажни вести и за опасноста од ширењето на кинеските инвестиции на Балканот, беше само претходница на она што поробусно го кажа државниот секретар Мајк Помпео во Охрид. Помпео го одбра Охрид како средишна точка на патот од Подгорица до Атина за да има еднаква резонанца и кон другите метрополи.

Кој и да му го напишал на Помпео она што го кажуваше тоа делуваше ораторски прилично убедливо и со јасна и чиста порака: „Ние сакаме Северна Македонија да успее, не да се бори со корупција и долгови. Срцата и умовите на граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат земјата напред, а не од руските ботови и тролови на социјалните мрежи“. И да го каже она што во овој момент изгледа поважно за американската администрација влезена во трговска војна со Кина: „Како што го направив тоа насекаде на моите патувања во Европа, јас исто така предупредив на ризикот од кинеските инвестиции во чувствителни технологии и стратегијата со голема корупција да се обезбедат инфраструктурни зделки“.

Европската Унија во повеќе наврати предупредуваше на кинескиот инвестициски пробив на Балканот со големи кредити за изградба на инфраструктурни проекти, но тоа главно беше со дипломатски јазик. Американците во дипломатијата знаат да бидат груби и јавно, а не само на затворените состаноци. Оваа груба интервенција на Помпео беше дел од таа политика.

На одреден начин Помпео сакаше да им ги отвори очите на многуте политичари на Балканот кои преку фантастични заеми што потоа преминуваат во своевидно должничко ропство сакаат да покажат успех во политиката, па и остварување на некои нивни фантазии. Се разбира, шлагот на овие зделки секогаш е во корупцијата.

Познатиот бугарски аналитичар Димитар Бечев неодамна на многу пластичен начин го опиша влегувањето на Кина на Балканот. Тој го напиша ова:

„Во октомври 2009 година малиот град во централна Бугарија наречен Ловеч пречека висок кинески функционер за кој малкумина во земјата имаа чуено. Ши Џинпинг, тогаш потпретседател на Кина, беше на европска турнеја собирајќи искуства од надворешната политика на неговиот пат кон врвот. Во Ловеч тој бешесведок на потпишувањето на заедничката зделка меѓу бугарскиот холдинг ’Литекс‘ и ’Мотори Големиот ѕид‘, водечки кинески производител на автомобили. Политичарот потоа одлета за Букурешт.

Производните погони во Ловеч беа затворени во 2017 година, но гладта за кинески инвестиции остана. Десет години подоцна балканските лидери се тие кои одат во Пекинг, желни да го сретнат Ши Џинпинг“.

Bulgarien Sofia Li Keqiang und Bojko Borissow (Getty Images/AFP/N. Doychinov)

Кинеска иницијатива 16 + 1: кинескиот премиер Ли Кечианг и бугарскиот премиер Бојко Борисов, 2018 година во Софија

Потоа работите се многу попознати. Во 2012 година, една година пред Ши да стане претседател, Кина ја лансираше „Иницијативата 16+1“, со која ги стави на иста маса 11 земји членки на Европската Унија и уште пет држави од Западен Балкан. Годинава на оваа група и се приклучи и Грција. Оттогаш почна масовното инвестирање на Кина во инфраструктурни проекти на Балканот за да го искористи регионот за влезот на нејзините стоки во Европа. Студијата на Европската инвестициска банка покажа дека од 2007 до 2017 година Пекинг даде заеми во градежни проекти во петте балкански земји во вредност од 12 милијарди долари. Третина од нив заминаа во Србија, 21 отсто во Босна и Херцеговина, седум отсто во Црна Гора. Во оваа кредитна мрежеа влезе и Македонија за изградбата на двата автопата.

Раката што дава кредити

Балканските земји, изморени од чекањето за влез во ЕУ, радо ја прифатија раката што дава кредити (но речиси никогаш грантови) и не прашува за ништо – ниту за демократија, ниту за човекови слободи, ниту за слободните медиуми, ниту за опасноста од големо загадување, а е подготвена да даде мито.

Почетната точка од која требаше да се гради кинеската мрежа на Балканот беше грчкото пристаниште Пиреја. Од ова пристаниште Кина го извезува најголемиот број свои стоки кон Европа преку Западен Балкан. Кога таа откупи 51 отсто од акциите за 280 милиони евра, проектот можеше да премине во наредната фаза. Кина ја трансформира Пиреја во второ најголемо пристаниште на Медитеранот.

Има три точки според кои се одвива процесот на кинеските инвестиции на Балканот и преку кои се зголемува политичкото влијание: замката во која влегуваат државите преку кредити, ниските еколошки стандарди и постојаната корупција. Малите и неразвиени балкански економии лекомислено влегуваат во дипломатска замка на долгот за да инвестираат големи пари во инфраструктурни проекти за кои ќе им требаат децении да ги отплатат. А потоа стануваат многу ранливи и на политичко влијание.

Wen Jiabao und Nikola Gruevski in Peking (MIA)

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски со тогашниот кинески премиер Вен Џиабао во 2012 година - и Македонија се одлучи за кинески инвестиции

Во таква замка влезе и Македонија кога владата на Никола Груевски се одлучи да ги гради двата автопати Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип со кредити од кинеската државна Ексим банка. За Кинезите немаше проблем да дадат кредити во износ од 580 милиони евра, иако за поголемиот зафат, автопатот кон Охрид имаше проект со многу пропусти. Кредитите се на 20 години. Бидејќи беше јасно дека со 282 милиони евра не може да се заврши автопатот кон Охрид, сегашнававлада чукна уште еднаш на вратата на Ексим банка да побара дополнителни 187 милиони евра. Тоа сега се вкупно 767 милиони евра кредит од само една банка – Македонија нема таков долг кон никого и тоа е своевидно должничко ропство кон една земја. Во таа зделка корупцијата беше природна работа, па преку „бомбите“ дознавме дека Груевски и тогашниот министер за транспорт, Миле Јанакиески договараат провизија од 25 милиони евра од „Синохидро“, компанијата што ги гради автопатите.

Иако овие пари се многу големи, ситуацијата во која се најде Црна Гора е уште подраматична. Тоа е најдобриот пример за должничката дипломатија. Црногорските власти уште пред независноста на државата имаа мастер план за изградба на автопат од Белград до пристаништето Бар. Секогаш се знаеше дека тој пат поради комплицираниот терен и малиот број очекувани возила ќе биде неисплатлив. Црна Гора се обиде да најде европски извори за финансирање на автопатот, за чија изградба треба да се потрошат 1,3 милијарди евра и тоа за 160 километри низ државата. Другиот дел во Србија треба да го изгради тамошната влада. Две консултантски куќи направија проценка за оправданоста на проектот и двете дојдоа до заклучок дека е неисплатлив. Црногорската влада никогаш не ги обелодени јавно тие наоди. Кога поради тоа не можеа да се најдат европски пари, Подгорица се сврте кон Пекинг (се разбира, кон Ексим банка) и оттаму без проблем стигна кредитот. За првата фаза од 41 километар, каде има 20 моста и 16 тунели, беа потрошени 800 милиони евра.

Овој кредит драматично ја крена задолженоста на Црна Гора на 80 отсто од БДП. ММФ пресмета дека ако не се градеше овој пат, задолженоста на Црна Гора во 2019 година ќе паднеше на 59 отсто од 63 отсто во 2012. Во клаузулата уште стои дека доколку Црна Гора не може да го исплаќа кредитот, Кина ќе може да презема имоти во државата, а за сите спорови надлежен е суд во Пекинг. Црногорската влада и покрај тоа што проектот го забави развојот на државата го брани со сите сили затоа што нема ни начин како да излезе од него. Како и ние во Македонија.

Податоците велат дека 40 отсто од долгот на Црна Гора отпаѓа на Кина, во Македонија тоа е 20 отсто, во Босна и Херцеговина 14 отсто, а во Србија 12 проценти.

Коридор за кинеските стоки

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во март за „Фајненшел тајмс“ изјави дека „можеби ние ја преценуваме Русија, а ја потценуваме Кина кога станува збор за Балканот“. Тој има право. Русија настојува да ги привлече во својата сфера балканските земји со приказнатата за словенското братство, додека Кина ги носи подалеку во Азија со лесните пари.

Мрежата на кинески иневстиции на Балканот е проширена и на пруги, железарници и термоцентрали. Кина во Босна почна да гради термоцентрала во Тузла со кредит од 777 милиони долари од Ексим банка. Трите ентитети кои се караат за сенешто беа единствени во одлуката оваа пролет да се дозволи влегувањето на Кинезите. И покрај тоа што Кинезите велат дека оваа термоцентрала ќе загадува многу помалку од старата што е таму, стандардите се далеку под европските нивоа. Хан ги предупреди Босанците дека тоа ќе има влијание врз мислењето во нивниот процес кон приближување во ЕУ.

Други колумни од авторот: 

Одмаздата и казната во ЕУ... и Македонија

За што се одговорни новинарите

Изморени од кризата

Унгарска рака над Балканот

Хрватска реши да ја довери изградбата на мостот од 2,4 километри кој ќе го поврзе полуостровот Пелјешац и со тоа да се заобиколи босанската енклава Неум, на кинески конзорциум. Мостот во голема мерка е граден со фондови од ЕУ, од кои 396 милиони долари се грант од Брисел, па сепак изградбата им беше доделена на Кинезите.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски

Кинеската група ХБИС ја купи и железарата во Смедерево, Србија, во 2014 година за 46 милиони евра. Купопродажбата во Србија беше дочекана триумфално, затоа што две години претходно американската компанија „Ју Ес стил“ и ја продаде железарата на владата на Србија заедно со долговите за симболична цена од еден долар. Сега производството расте, а приходите на компанијата лани пораснале за 37 отсто. Кина во Србија инвестира и во изградбата на железничката пруга од Белград до Будимпешта. Но тој проект е забавен затоа што Унгарците се повлекоа во голема мерка поради притисокот од ЕУ. Српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика кинеските компании да инвестираат и во технолошкиот сектор, па дури побара од  Србија да ја направат извозник на „летечки автомобили“.

Интересно е што во регионов нема некоја позначајна јавна дебата за мотивот на кинеските инвестиции. Политичарите велат дека вакви инвестиции немало за последниве 30-40 години и при тоа ги премолчуваат милијардите долари грантови од ЕУ и САД. Далечното членство во ЕУ е најплодната почва во која расте семето на кинеските кредити, па колку чини нека чини. Во овој момент Кина не сака да остави силен политички печат во овдешниве општества, иако позитивната перцепција за нејзиниот еднопартиски капиталистички социјализам добива се поголема поддршка, на пример во Србија. Кина не се занимава со регионалната безбедност. Неа не ја интересираат хоризонтите на иднината на овие држави. Таа сака само да обезбеди инфраструкурен коридор за своите стоки од Пиреја до Будимпешта. Еднставено, сака да биде гео-економска сила и во овој регион. На авторитарните лидери им треба само тоа – да имаат од кого да позајмуваат пари, а тој да не прашува за ништо. Барем засега.

 

DW.COM

Реклама