Исказот на Коми - ден „Д“ за Трамп? | Свет | DW | 08.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Исказот на Коми - ден „Д“ за Трамп?

Екс-шефот на ФБИ Џејмс Коми ќе сведочи пред Сенатската комисија за разузнавање во врска со руската афера. Дали Доналд Трамп вршел притисок врз ФБИ?

Сослушувањата претставуваат политичко секојдневие во американскиот Конгрес, пратениците на тој начин се информираат околу одредени настани или деталите во политички прашања. На пример, тие се интересираат како напредува борбата против Исламска држава; зошто одредени министерства бараат дополнителни средства; ги испрашуваат потенцијалните министри или високи државни службеници заради тестирање на нивните квалификации. Сведочењата во комисиите можат да бидат и политичка борбена арена - тука се судираат различните позиции на демократите и на републиканците, понекогаш јавно, понекогаш зад затворени врати. Интересот за најголем дел од сведочењата пред комисиите кај просечниот Американец е мал, за нив, ако воопшто, известуваат надрегионалните медиуми.

Сосем подруг е случајот со сведочењето на отпуштениот директор на ФБИ, Џејмс Коми, кој денеска попладне пред Сенатската комисија за разузнавање ќе биде испрашуван во врска со руските контакти на претседателот Доналд Трамп. Речиси сите медиуми ќе вршат пренос во живо. Бармените во Вашингтон креираа специјални коктели со вотка, рестораните организираа посебна програма со следење на телевизискиот пренос, новинарите оценуваат дека станува збор за политички мега-настан. Јавното интересирање е огромно, зашто крајно, може да се одлучува политичката судбина на Доналд Трамп.

Без конкретни докази

Во суштина, во фокусот е прашањето: може ли да се докаже дека претседателот се обидел да влијае врз истрагата, дека вршел опструкција на правосудството? Дали може да се докаже дека Трамп побарал од Коми да прекине да ги истражува руските конекции на поранешниот советник за национална безбедност, Мајкл Флин? Ако постојат соодветни докази, тоа може да значи вовед во постапка за отповикување на претседателот. 

Неспорно е дека имало средби во четири очи меѓу Трамп и Коми. Но, како тие течеле, мислењата се разијдуваат. Трамп и неговите советници решително отфрлаат какво било кршење на законите од страна на претседателот. Демократите и претставници на медиумите инсинуираат токму такво нешто.

Досега нема конкретни докази ниту едната, ни другата страна. Оттаму, сведочењето под заклетва на екс-шефот на ФБИ се очекува со нетрпение. Џејмс Коми повеќепати се пожалил поради средбата со претседателот и тоа кај своето најблиско опкружување, како и кај министерот за правда Џеф Сешн.  

USA Washington - Donald Trump und Jeff Sessions (Reuters/K. Lamarque)

Доналд Трамп и Џеф Сешн

Сам со Трамп

Поранешниот директор на ФБИ очигледно ги сметал за неумесни разговорите во четири очи со претседателот, не сакал да биде оставен насамо со шефот на Белата куќа. Наводно, Трамп при една заедничка вечера во Белата куќа, на крајот на јануари, од тогашниот директор на ФБИ побарал лојалност, која Коми не можел да ја вети без да да ја загрози независноста на својата служба. Но, Коми по секоја средба со Трамп составувал записник од водените разговори. На сведочењето тој ќе биде прашан сигурно токму за тие белешки.

Претседателот Трамп се наоѓа под притисок. Многу нешта зборуваат против него, како што пишуваат „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“. Наводно, Трамп го принудувал својот координатор за работата на тајните служби, Ден Коутс да повлијае врз Коми заради стопирање на истрагата околу Русија. Како што јавува ТВ АБЦ, во врска со руската афера дошло дури и до кавга меѓу Трамп и министерот за правда Сешн, кој дури понудил и своја оставка. Притоа, поранешниот сенатор досега се вбројува во најверните политички соработници на претседателот. И тоа зборува против Трамп.

Ќе твитне ли Трамп?

Сведочењето на Коми нема можеби да го доведе во теснец само претседателот, истото важи и за поренешниот шеф на ФБИ. Коми тврди дека Трамп уште во јануари инсистирал тој да ја прекине истрагата за руското влијание врз претседателските избори во САД. Ако е така, зошто Коми чекал со месеци за да излезе во јавност? Како Коми ќе го објасни редовното протекување на информации, очигледно од ФБИ, во медиумите? Дали тој самиот овозможил да протече компромитирачки материјал во врска со претседателот? Во таков случај, и тој самиот може наскоро да се најде на обвинителна клупа.

За напнатоста да биде поголема, телевизиите побараа од Трамп да го коментира сведочењето со свои Твитер-пораки. Стапица, во која претседателот нема да влета, барем според сегашната состојба на нештата. Трамп, изјави неговиот портпарол Шон Спајсер, за денеска има низа термини: околу пладне ќе зборува на една конференција за верата и слободата. Попладне тој има средба со гувернери и градоначалници, со кои ќе дискутира околу инфраструктурни програми. Според медиумски извештаи, неговото опкружување прави сѐ за тој да биде постојано зафатен, за да нема време да го коментира сведочењето преку твитови.Трамп ставил повеќе луѓе под притисок поради истрагата за „руската врска“?

Во меѓувреме администрацијата се труди да го одврати вниманието од сведочењето и со објавувањето на името на новиот шеф на ФБИ: Кристофер Вреј ќе го наследи Џејмс Коми. Сегашниот адвокат во Вашингтон за време на претседателот Џорџ Буш работеше како заменик-министер за правда. Тој се смета за добар стручњак, а со неговиот избор Трамп веројатно сака да сигнализира дека нема што да прикрива.

 

DW.COM

Реклама