Загатката за руските загуби во Сирија | Свет | DW | 15.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Загатката за руските загуби во Сирија

Можна е најголемата конфронтација меѓу САД и Русија во изминативе децении. Американски напад во Сирија во кој загинале многубројни Руси е во секој поглед експлозивна вест.

Што точно се случило пред една недела во местото Кушам на истокот на Сирија? Дали при напад од американската војска загинале стотици руски платеници како што со денови се шпекулира во Русија? Или вестите се само кампања за дезинформирање, како што случајот го прикажува официјална Москва? Од одговорот зависи дали и бездруго  тензичните релации меѓу САД и Русија  се пред нов тежок тест со непредвидливи последици. Да се најде вистината е особено тешко бидејќи нема сигурни информации околу настанот.

Русија била информирана за американскиот напад

Според информациите на американската војска, нештата стојат вака: во ноќта од 7-ми кон 8-ми февруари било нападнато седиштето на Сириските демократски сили во местото Кушам на истокот на Сирија од страна на борци верни на сирискиот претседател Башар Ал Асад. Сириските демократски сили се алијанса во која учествуваат и борци на Курдите и таа е поддржана од анти-ИСИС коалицијата на чело со САД. Во нападнатото седиште се наоѓале и американски воени советници.
Кога напаѓачите со тешко вооружување, меѓу другото и тенкови, дошле на околу 500 метри од седиштето, заради „самоодбрана" коалициските сили возвратиле со артилерија и воздушен напад, се вели од Пентагон. Билансот се повеќе од 100 загинати борци. „Пред, за време и по нападот" преку црвениот телефон бил одржуван контакт со руската војска. Од таму тврделе дека не се вклучени во нападот на седиштето.

Putin und Assad (Getty Images/AFP/M. Klimentyev)

Сирискиот претседател Башар ал-Асад и рускиот претседател Владимир Путин, Сочи 2017. година

Жртви во рускиот „Блеквотер"

Неколку дена по настанот проструија информации на руските социјални мрежи дека имало големи загуби на руски платеници во Сирија. Податоците за бројот на мртвите драстично се разликуваат. Досега различни извори ја потврдиле смртта на петмина Руси, други јавуваат за повеќе од 200. Во оптек се снимки од наводни разговори со Руси кои го преживеале нападот. Дали се веродостојни и кој ги снимил е нејасно. Јазикот и појаснувањата оставаат автентичен впечаток и се поклопуваат во неколку детали со други извори. Според овие телефонски снимки, целта на нападот во Кушам била да се заземе рафинерија за нафта.
Најголемиот дел жртви на руска страна наводно се борци на приватна воена фирма, т.н. „Вагнерова група" која го носи името на предводникот. Според информации на руските медиуми, се работи за платеници, поранешни борци на руската армија по примерот на американската група „Блеквотер“(„Blackwater"), која всушност делува илегално. Во Русија засега не постои закон за приватни воени фирми.

Повеќе на темата: 

Слободниот пад на „Слободната сириска армија“

Турска инвазија во Сирија: Напад врз најсилното оружје против ИД

Преку Источна Украина до Сирија

Во изминатите години во руските медиуми повеќепати се споменува учеството на „Вагнеровата група" во војната во Источна Украина на страната на проруските сепаратисти. Очигледно многу руски борци оттаму се префрлиле во Сирија, како 38-годишниот Станислав Матвејев од малото гратче Азбест. Само малку имиња од загинати руски платеници досега беа обелоденети во руските медиуми. Вдовицата на Станислав, Елена, раскажува во интервју за порталот Знак дека на 9-ти февруари дознала за смртта на сопругот. Ѝ се јавил локален предводник на борците кој пак веста ја добил од трет човек од Источна Украина. Таа вели, се обидела да го спречи сопругот да оди во Сирија. Сега сакала руската влада „да се одмазди" за смртта на платениците.

Москва официјално негира дека имала учество во случајот во Кушам. Вестите за стотици мртви Руси се „класична дезинформација", цитира новинската агенција Интерфакс еден анонимен извор од Министерството за надворешни работи на Русија. „Ние во Кремљ немаме детални информации за да можеме да извлекуваме заклучоци", изјави портпаролот на претседателот Владимир Путин, Димитриј Песков. „Не може да се исклучи дека на сириска територија се наоѓаат и руски државјани. Но, тие не се дел од руската армија."

Syrien Abschuss Russischer Kampfjet Suchoi Su-25 in der Provinz Idlib (Getty Images/AFP/O. Hajkadour)

На почетокот на февруари во Сирија беше соборен руски воен авион

Жртви меѓу руската армија

Но, и руската војска, чие делумно повлекување од Сирија Путин го најави уште минатиот декември, сѐ почесто бележи загуби во своите редови. Само неколку дена пред нападот во Кушам, беше урнат руски воен авион. Пилотот загинал во битка на копното. Во новогодишната ноќ беше нападната воздухопловната база во Хмејмим при што загинаа најмалку двајца руски војници.

 

DW.COM

Реклама