ЕУ и Борел посрамотени во Москва | Свет | DW | 08.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

ЕУ и Борел посрамотени во Москва

Односите меѓу Русија и ЕУ по минатонеделните случувања паднаа на најниско ниво. Откако Борел беше посрамотен во Москва, нови санкции се неизбежни. Со нив односите одат кон дното, коментира Кристијан Трипе.

Обидот да се вратат во нормала односите на ЕУ со Руската федерација засега можат да се сметаат за траен неуспех. Резултатите од разговорите на претставникот на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го покажаа токму тоа.

Конференцијата за печат на двајцата дипломати се претвори во лекција за дрскост и неуспех. Борел делуваше како учениче, турнат в ќош, лошо подготвен, додека Лавров, веќе познат по тоа што ништо не им подарува на своите преговарачки партнери, овојпат дури и на Борел му го одзема политичкото достоинство: ЕУ е „недоверлива“. Членките на ЕУ како Германија и Франција се однесуваат „арогантно“ кон Русија и одбиваат да споделат важни информации за разјаснување на случајот Навални, додека во Шпанија постојат политички мотивирани судски пресуди против каталонските сепаратисти.

Ова се само дел од обвинувањата и лагите кои Лавров му ги фрли в лице на Борел. Борел, пак, од друга страна, одговори со молчење. Таму каде што, евентуално, само контролираниот излив на бес можеше да го запре бесот на Лавров, Борел се обиде да одговори со љубезност.

Патот на Борел во пеколот

Додека тие двајца ја изведуваа оваа тажна театарска претстава на отворената сцена на конференцијата за печат, руското МНР, на чело со Лавров, го доврши нападот. Тројца дипломати од земјите на ЕУ беа протерани од Русија бидејќи наводно учествувале во протестите против затворањето и осудата на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални. Трите погодени држави- Германија, Полска и Шведска- ги отфрлаат таквите обвинувања, додека Борел својот протест го упати по писмен пат.
Уште во петокот се знаеше дека мисијата на Борел не успеа. Но, главниот дипломат на ЕУ имаше уште неколку часа во Москва за да стори нешто. Било што. Можеше да се состане со претставниците на Навални или да се обиде да ја коригира ситуацијата со јавен настап во Москва. Дури и ненадејно заминување ќе беше некаков сигнал.

Дури и пред патот во пеколот, многумина се прашуваа која е логиката на тоа патување и дали пресудата против Навални не беше доволна причина за откажување на посетата? Загрижените набљудувачи потсетуваа дека Кремљ има подобра преговарачка позиција, а дека Борел воопшто нема никаква и дека поради тоа постојат шанси за неуспех.

За жал, сето тоа се покажа точно. ЕУ сега се соочува со можеби најголемиот неуспех во својата, се' уште млада, историја на дипломатијата.

Натамошните санкции се неизбежни

Тоа не може и нема да остане без последици, доколку ЕУ за неколку недели сака темелно да ја разгледа својата стратегија кон Русија. Во секој случај, Кремљ очигледно не сака никакви односи со ЕУ, а ЕУ ќе мора да се ограничи на она што е неспорно и што обете страни го сакаат: трговија, снабдување со енергија, контрола на пандемијата, контакти меѓу организациите на цивилното општество. Тоа не е занемарливо, но е секако далеку помалку од она што е можно.

Москва ја одби испружената рака на Борел. Некои влади во ЕУ досега пружаа отпор кога се разговараше за воведување нови санкции поради неправдата кон Навални. Сега, кога Борел се врати од Москва со празни раце и извалкан образ, натамошните санкции се неизбежни. Дното е се' поблиску.

DW.COM