Ерусалим: „Бакнеж на смртта“ | Свет | DW | 09.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ерусалим: „Бакнеж на смртта“

Зошто Ерусалим е толку важен, зошто тој е сржта на мировното решение за две држави, Израел и Палестина, и зошто од неговиот статус зависи и меѓународната безбедност? Колумна на Љупчо Поповски.

Ако се суди според реакцијата на целиот свет, освен на Израел, Доналд Трамп направи епохална грешка со признавањето на Ерусалим за главен град на еврејската држава. „Еј, Трамп! Што сакаш да направиш?Каков пристап е ова?“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара пред да замине во историска посета на Грција. Овие негови зборови се синтетизираното прашање кое го поставуваат сите околу контроверзната одлука на американскиот претседател и можноста Блискиот Исток да го зафати нова војна. Уште попластично одлуката на Трамп ја претстави палестинскиот претставник во Вашингтон, Хусам Зомлот: „Оваа одлука е ’бакнеж на смртта‘ за решението две држави и мир на Блискиот Исток, бидејќи Ерусалим е во сржта на проблемот. Ова ќе има катастрофални последици“.

Одлуката на Трамп не беше неочекувана, тој за неа зборуваше во изборната кампања, тоа им го ветуваше на моќните еврејски и евангелистички донатори кои се најсилните поддржувачи на Израел. Неговата одлука, како да е ЦЕО на некоја компанија, беше лична, без да ги сослуша советите на сопствените министри за надворешни работи и за одбрана, и на специјалниот пратеник за Блискиот Исток, неговиот зет Џеред Кушнер.

Реакциите беа според предвидувањата. Арапските земји добија само уште една потврда на нивните перцепции дека во блискоисточниот мировен процес САД секогаш имаат повеќе разбирање за Израел отколку што се неутрални. Најважните американски сојузници во регионот, Саудиска Арабија, Египет и Јордан, се чувствуваат предадени и измамени; Палестинците и понатаму се сметаат за сирачиња за кои никој не се грижи, лидерот на Хамас повика на нова интифада, ЕУ појаснува дека нејзиниот заеднички став е оти Ерусалим мора да биде главен град и на Израел и на идната палестинска држава, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одлуката ја оквалификува како „историска“. Тоа е стандардот во блискоисточната каша. Речиси е невозможно да се постигне мировно решение 70 години по формирањето на еврејската држава, стотици иницијативи доживеаја колапс, некои порано некои подоцна. Еден израелски премиер (Јицак Рабин) беше убиен поради тоа што склучи мировен договор со Палестинците, друг (Ариел Шарон) предизвика две интифади (востанија) по посетата на светото арапско место кај џамијата Ал Акса во стариот дел на Ерусалим.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist (Privat)

Љупчо Поповски

Духот од шишето

Работите на прв поглед изгледаат исти – ситуацијата е непромената од 1967 година, кога Израел во шестдневната војна го окупираше источниот дел од древниот град. Или како што објаснуваше Трамп објавувајќи ја одлуката: „Денес Ерусалим е седиште на израелската влада, дом на израелскиот парламент, на врховниот суд. Таму се официјалните резиденции на премиерот и претседателот“, па било сосем логично и американската амбасада да биде во него, а не во Тел Авив. Па, сепак, Белата куќа, знаејќи каква реакција може да има овој потег, му наложила на Стејт департментот да го амортизира гневот. Дипломатите во амбасадата на САД во Тел Авив примиле допис да им пренесат на израелските функционери да се воздржат од официјални реакции на одлуката и да не покажуваат триумфализам. Другиот допис испратен до европските функционери содржел уверувања дека одлуката на Трамп не го прејудицира „финалниот статус“ на Ерусалим, „кој треба да биде решен со мировен договор меѓу Израел и Палестина“.

Но духот од шишето е пуштен. Доналд Трамп го направи тоа без да мисли на последиците, а ако овој потег донесе пробив во мировните преговори ќе биде вистинско чудо, затоа што Палестинците најавија прекин на контактите со американски функционери и дипломати. Шокот помина, допрва следи драмата.

Зошто Ерусалим е толку важен, зошто тој е сржта на мировното решение за две држави, Израел и Палестина, и зошто од неговиот статус зависи и меѓународната безбедност? Кога организаторите на велосипедската трка Џиро д’Италија објавија дека стартот во 2018 година ќе биде во „Западен Ерусалим“ во Израел, тие беа остро укорени од министерката за култура и спорт Мири Регев: „Во главниот град на Израел не постои исток и запад“. Иако источниот дел треба да им припаѓа на Палестинците, во стварноста Ерусалим е под израелска воена контрола, од каде оди проширувањето на еврејските населби во длабочината на палестинската територија. Дури 200.000 еврејски доселеници живеат отаде источниот дел на Ерусалим и со тоа неповратно ја променија демографската структура, иако во самиот град Арапите сѐ уште сочинуваат околу 40 отсто од населението.

Целата работа е во земјата, таа треба да се освојува и заграбува чекор по чекор, а одлуката на Трамп ќе придонесе уште повеќе да се забрза изградбата на еврејските населби на палестинска територија, а поделениот Ерусалим да се претстави исклучиво како еврејски. По анексијата од 1967 година Ерусалим е проширен за два пати и секогаш одлуките беа носени преку паралемнтот. Сегашнава мутантна верзија на Ерусалим е енормно поголема од историските рамки на градот. Сега Ерусалим вклучува во себе палестински градови, села и бегалски кампови, како и израелски населби.

Можеби за ниеден град во светот не се поврзани такви митолошки и вистински историски приказни како за Ерусалим и можеби на ниеден не му е придодавано толку многу поголемо значење отколку што реално го има. Клучот за историската борба за Ерусалим е што тој е свето место за три светски религии – христијанството, јудаизмот и исламот. Сите тие во Ерусалим гледаат како на место за кое борбата никогаш не е залудна. Во историјата на градот се вмрежени и Соломон, и Исус, и Мухамед. За него се зборува и во Библијата и во Куранот.

Милениумски конфликти

Што вели античката историја? Ерусалим бил формиран уште 3000 години пред Христа од пагански племиња, а во 1000-та година пред нашата ера бил освоен од кралот Давид и бил наречен „Градот на Давид“. Неговиот син Соломон во 960 година п.н.е. таму го изградил првиот еврејски храм. Потоа го освојувале и господареле со него Асирците, Вавилонците, Персијците (тие им дозволиле на избеганите Евреите да се вратат во него), во 516. година бил изграден вториот еврејски храм. Па го освоил Александар, па во 63 година п.н.е. римските војски на Помпеј, во 30-та година таму бил распнат Исус, во 335 година римскиот император Константин ја изградил Црквата на светиот гроб на местото каде наводно бил закопан и воскреснал Исус. Во следните векови Ерусалим беше дел од Византија. Во 632 година умира исламскиот пророк Мухамед и наводно тој заминал во рајот од карпата каде што порано имало еврејски храм (таму во 691 година е изградена спектакуларната џамија Ал Акса).

Bildergalerie Zankapfel Jerusalem (Gemeinfrei)

Освојување на Ерусалим (1493)

Во наредните векови, освен краткотрајните освојувања од крстоносците, тој е дел од арапски калифати до 1517 година, кога со него завладува Отоманската империја. Под нејзина власт останува точно четири века. За време на отоманската власт неговиот статус е маргинализиран.

Конфликтите околу него се со илјадници години, уште од библиските времиња, но сегашниот проблем е стар сто години и неговите корени се во колонијализмот, национализмот и антисметизмот. Во 1917 година британските трупи на генералот Едмунд Аленби ја преземаат контролата на Ерусалим од отоманските сили. Генералот Аленби пред Портата Џафа слегува од коњот и влегува пеш во Стариот град од почит кон неговиот свет статус. За време на британскиот мандат од 1917 до 1947 Ерусалим го добива статусот на главен град, каков што немал илјадници години, уште од времето на Првиот и Вториот храм. Тогаш доаѓа до демографска промена на населението, кога еврејските доселеници од целиот свет доаѓаат во нивната света земја, а Арапите, особено богатата палестинска аристократија, се обидуваат да се прилагодат на новите времиња по падот на Отоманската империја.

Bildergalerie Zankapfel Jerusalem (Gemeinfrei)

Османлиските војсководци Кемал (вцтор од десно) и Енвер (напред во средина) во Ерусалим во 1916 година

Парадоксално, ционизмот го отфрла Ерусалим, особено неговиот Стар град, како престолнина на државата најмногу поради светите места на христијанството и исламот и можните меѓурелигиски компликации. Ционистите, главно секуларни европски социјалисти, беа загрижени за национализмот и сакаа да избегаат од историските рамки кои ќе им ја донесеа и конзервативната религиска култура. За нив Тел Авив беше сјајниот нов град на брегот на Медитеранот, кој треба да ја претстави полетната еврејска држава.

Во 1947 година Обединетите нации го одобрија планот за создавање две држави, една еврејска и една арапска, на територијата на Палестина, каде Ерусалим ќе биде под „специјален меѓународен режим“ поради неговиот единствен статус. Арапите го отфрлија тој план и кога во 1948 година беше прогласена независноста на Израел утредента ја нападнаа новата држава. Тоа беше нивниот прв пораз. Ерусалим беше поделен на два дела – западната половина стана дел од Израел, а источната (вклучувајќи го и Стариот град) ја окупираше Јордан. Ерусалим повторно беше заборавен – израелската држава се концентрираше на развојот на Тел Авив и Хаифа, а Јордан на изградбата на главниот град Аман.

Клучот на сегашните проблеми на Блискиот Исток е војната од 1967 година. Таа беше триумф на Израел врз арапските соседи: ја презеде контролата врз Газа и Синајскиот Полуостров од Египет, ги протера Јорданците од Западниот Брег и Ерусалим и ја запоседна Голанската Висорамнина од Сиријците.

Sechstagekrieg - Israel - Eroberung von Jerusalem (picture alliance/AP/KEYSTONE/Government Press Office)

Израелски трупи го набљудуваат Ерусалим пред нападот во Шестдневната војна, во јуни 1967 година

Окупацијата на Стариот град во Ерусалим е клучниот дел од победата. Емотивните слики на еврејските војници како се молат на Западниот ѕид веќе се влезени во националната свест. Како што религиозните доселеници стануваа важен дел од израелскиот политички живот, така се зголемуваше важноста на Ерусалим во општеството. Неговата важност во историјата на Евреите беше ставена на прво место, а во 1980 година парламентот усвои закон според кој „Ерусалим, целосен и обединет, е престолнина на Израел“. Мировниот договор од Осло во 1993 година овозможи да се формира Палестинска автономија која владее со Западниот Брег и Газа, а прашањето на Ерусалим требаше дополнително да се реши.

Тој договор од 1993 година остана неисполнет. Палестинската автономија беше формирана, но Ерусалим полека целосно стана дел од израелската држава наместо неговиот источен дел да биде престолнина на Палестина. Одлуката на Трамп ќе ја цементира неговата анексија. Митовите од историја во овој случај се важни само за Евреите, додека христијаните и муслиманите се ставени на спореден колосек. За Арапите џамијата Ал Акса со златната купола е третото најважно светилиште по Мека и Медина, па е разбирлива нивната емотивна реакција.

Прашање е дали ќе следи нова интифада, затоа што Палестинците се уморни и од востанија, и од жртви, и од разурнување. Но едно е сигурно - оваа одлука на Доналд Трамп ги дисквалификува САД од улогата на децениски посредник во потрагата по мир. Старите проблеми ќе се јават во ново пакување. Сите се прашуваат дали Трамп е свесен за последиците на меѓународната безбедност. Изгледа дека тоа нему и не му е важно.

DW.COM

Реклама