1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Bulgarien Sofia russische Botschaft
Фотографија: BGNES

Експерт: Русија сè уште има агенти и врски во Бугарија

Александар Андреев
3 март 2022

Не случајно руските тајни служби добиваат многу чувствителни информации во Бугарија. Разрешувањето на Јанев и апсењето на генерал поради шпионажа можеби се само почеток, вели Кристофер Неринг.

https://p.dw.com/p/47ujn

Во тек е истрага за руска шпионажа во Бугарија, соопштија од Специјализираното обвинителство и Државната агенција за национална безбедност. Според обвинителството, во шпионажата бил вклучен бугарски генерал од резервниот состав со стаж во Министерството за одбрана, кој имал пристап до доверливи информации за НАТО и ЕУ. Според Медиапул, станува збор за генералот Валентин Цанков. 

Во шпионската шема учествувал и руски дипломат. Обвинителството соопшти дека собрало докази за разузнавачка работа од страна на руски државјанин со дипломатски имунитет. Руската амбасадорка во Софија, Елена Митрофанова, била поканета во МНР во врска со ова прашање, но одбила да дојде. Атанас Атанасов, копретседател на Демократска Бугарија, смета дека тоа е стар случај, којшто обвинителството го користи за да го подобри својот имиџ. Го контактиравме безбедносниот експерт д-р Кристофер Неринг за коментар. 

Нов случај на шпионажа против Бугарија. Руска шпионажа во која учествувале генерал и руски дипломат. Зошто Русија толку тврдоглаво ја шпионира Бугарија?

Кристофер Неринг: Русија ревносно шпионира не само во Бугарија, туку и насекаде низ Европа! Бугарија е особено често во фокусот на руското разузнавање поради три причини: Прво, нејзината клучна геополитичка положба. Второ, затоа што Русија има многу сериозна база и добри услови во Бугарија: проруските симпатии се - или беа пред нападот на Путин на Украина - широко распространети, руските „бизнисмени“ купија недвижен имот и добија „златни пасоши“, а бидејќи во текот на комунизмот, руските служби имаа директни врски и создаваа контакти во бугарските безбедносни служби, од полицијата преку тајните служби до армијата. И трето, преку оваа база Русија може да добие пристап до информации за НАТО. 

Бугарија како „Тројански коњ“ на Кремљ во ЕУ и НАТО, Бугарија како црноморска земја: Каква улога игра сето ова во актуелната војна?

Кристофер Неринг: Досега, непосредните соседи на Украина - Романија, Молдавија, Полска, Унгарија и Словачка - се многу повеќе погодени од војната. Бугарија традиционално маневрира меѓу Западот и Москва и често се извлекува кога не е директно погодена. Ако војната стане пожестока и долготрајна, оние што се на власт и општеството може да бидат принудени да заземат јасен став. 

Spionage-Forscher Dr. Christopher Nehring in Sofia
Кристофер НерингФотографија: Stanislawa Gatewa/DW

Токсичната „љубов“ на слaвjaнските братски народи

Бугарскиот воздушен простор го чуваат војници на НАТО, но еден (сега поранешен) министер за одбрана и партиите во владата отворено или индиректно го поддржуваат Путин - тоа е едноставно неприфатливо. Мислам дека и разрешувањето на министерот за одбрана Јанев и апсењето на генералот од резервниот состав беа само почеток. Прашањето за лојалност кон евроатлантските партнери има потенцијал да прерасне во сериозна криза за новата влада. 

Според вас, како експерт за тајните служби: какви мерки треба да преземат сега бугарските власти? И на политичко и на дипломатско ниво? 

Кристофер Неринг: Бугарските безбедносни служби имаат итна потреба од реформи веќе 30 години, но секоја наредна влада едноставно ги користи повторно и повторно за партиско-политички цели. Не случајно руските тајни служби добиваат многу чувствителни информации во Бугарија. Москва сè уште има агенти и врски во армијата, Министерството за одбрана, полицијата и тајните служби. Ова не е многу променето од 1989 година. Овде се потребни ефикасни контраразузнавачки мерки, бидејќи дипломатските мерки, како што е протерувањето на дипломатите, се бесцелни. 

Бугарија: Членка на ЕУ или мала копија на путинова Русија?

Во исто време, демократската и правна контрола врз бугарските безбедносни служби е крајно недоволна. Не случајно на почетокот на годината Европскиот суд за човекови права ја осуди Бугарија токму поради оваа причина. Фактот дека во 2020 година стотици, можеби илјадници демонстранти беа прислушувани под сомнение за „обид за државен удар“ и дека озлогласениот шпионски софтвер „Пегас“ беше дистрибуиран во други земји преку Бугарија, а можеби дури и е користен од бугарските власти, зборува за сериозни системски проблеми.

Потребни се реформи за да се искорени политичката корупција и злоупотребата на службите за политички и економски цели, да се стави крај на руското влијание еднаш засекогаш и да се воспостави ефективна демократска и правна контрола. Потребна е и техничка и кадровска модернизација на службите за конечно да изградат доверба - и во Бугарија и на меѓународната сцена. Многу тешка задача!

Д-р Кристофер Неринг е визитинг-предавач на медиумската програма на Фондацијата Конрад Аденауер на Факултетот за новинарство и масовни комуникации на Универзитетот во Софија. Тој е експерт и автор на книги од областа на меѓународната шпионажа и тајните служби. Неговата статија на горенаведената тема во специјализирано американско научно списание можете да ја прочитате овде.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Бугарија протест ВМРО вето Македонија

Зошто во Бугарија пак ечи „Македонијаааа!“

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница