1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Нова конфронтација на Русија и НАТО

Кено Верзек
30 јуни 2021

Пред воените маневри на западните земји, Русија првпат отвори оган за да предупреди воен брод на НАТО. Регионот на Црно Море стана најопасната арена на новиот раст на тензиите меѓу Русија и Запад.

https://p.dw.com/p/3voXK
UK MS Defender Batumi Manöver Schwarzes Meer
Фотографија: Ministry of Internal Affairs via REUTERS

Прво употреба на руски гранати и бомби против брод на Британската воена морнарица, а сега и големи воени маневри под име „Морско ветре“ под американско и украинско водство, во чии рамки учествуваат повеќе од половина од членките на НАТО. Регионот на Црно Море, кој во перцепцијата на голем дел од јавноста долго беше споредно, помалку важно геополитичко подрачје, моментно доминира на насловните сраници на медиумите ширум светот. Тоа е моментно најопасниот регион во новата конфронтација меѓу Русија и Запад- конфронтација во која веќе не може да се исклучи ни директен воен судир на двете страни.

Токму тоа го покажа и инцидентот околу британскиот разорувач „ХМС Дефендер“ во текот на минатата недела. Воениот брод бил на пат од украинското пристаниште Одеса кон Грузија и притоа, сосема во согласност со меѓународното право, впловил во територијалните води пред полуостровот Крим. Руската војска се обидела да го принуди британскиот брод да го промени курсот и притоа користела гранати и бомби кои експлодирале близу британскиот разорувач. Од анексијата на Крим во 2014 година, Русија тврди дека полуостровот е нејзина територија, а Москва не го присвојува само подрачјето на Крим, туку и кон него припаѓачките украински територијални води, а тоа е спротивно на меѓународното право. 

Се случи првпат по Студената војна Русија против НАТО да користи свесно вооружена сила и притоа да ја тестира одлучноста на Северноатлансткиот сојуз во одбраната на меѓународното право, барем на море. Во инцидентот никој не настрада, ни посадата ниту пак самиот брод. Но, во Москва претставници на владата, меѓу нив и заменик шефот на дипломатијата, Сергеј Рјабков, најавија дека Русија и во иднина, ако не помогне предупредување, директно воено ќе нападне натрапници во територијалните води кои Москва ги смета за свои.

„Тампон-зона“ против Западот

Во текот на воените маневри „Морско ветре“, такво сценарио би можело да стане стварност. На воените вежби кои ги предводат САД и Украина,  оваа година учествуваат 17 од 30 члеки на НАТО, сите земји од Црноморскиот брег (освен Русија) и вкупно 32 држави. Во маневрите учествуваат околу 5.000 војници, 32 воени бродови, 40 воени авиони и 18 специјални единици, меѓу кои и воени нуркачи. Маневрите се одржуваат секоја година од 1997, а овогодишната вежба е најголема досега. Уште е нејасно дали ќе се вежба и во територијалните води пред Крим кои ги присвојува Русија, односно во нивна близина.

Она што се чини како воено-политичко одмерување на силите, во суштина е многу посериозен и подлабок конфликт, и тој не трае само од анексијата на Крим. Русија традиционално искажува политичка и воено доминантна улога во регионот на Црно Море-на Москва ѝ е потребен пристап до Средоземно Море и конфликтните жаришта на Блиски Исток и северот на Африка, но на Москва тоа ѝ треба како своевидна „тампон-зона“ против Запад. Најголеми жртви на таквата политика се Украина и Грузија, две земји кои со илјадници жртви мораа да „платат“ војни кои ги иницираше и водеше Русија, односно анексии на делови од нивната државна територија. Засега воопшто не се наѕира можност дека тие среднорочно ќе успеат да ги вратат одвоените, односно анектираните делови.  

Infografik Sea Breeze 2021 Militärmanöver im Schwarzen Meer DE

Државна пиратерија

Русија во односот кон нив посегнува и по средства на државна пиратерија, односно киднапирање. Така на пример во ноември 2018 година беа заробени 24 украински морнари, како и нивниот брод во Керчкиот мореуз. Бродот го запрела руска војска и тоа со помош на оружје.

Руската агресивна политика во регионот на Црно Море погодува и други земји со излез на него, освен Турција, која повеќе стратешки интереси ја поврзуваат со Русија, отколку што ја делат: Бугарија и Романија, но и Република Молдавија. Молдавија навистина нема директен излез на Црно Море, но управува со мало пристаниште на Дунав во близина на Црно Море. Тоа е земја која од 1991 година е практично поделена на два дела, поради сепаратистичките конфликти кои ги подгрева токму Русија. 

Црно Море како „руско море“

Бившиот претседател на Романија, Трајан Басеску уште во 2005 година го предупреди Запад за руските планови за анексии, односно за воени сценарија во регионот на Црно Море: „Црно Море (од страна на Русија) со векови се третира како руско море, зарем досега не го забележавте тоа“, изјави Басеску во текот на еден говор во САД. Неговата изјава тогаш подигна голема прашина и предизвика бројни критики. Но веројатно ни самиот Басеску тогаш не можел да верува дека тие прогнози ќе се остварат, дека тој самиот во рок од само една деценија на повеќекратно трагичен начин ќе биде во право. 

Повеќе:

Воените маневри „Морски ветeр 2021“ ги зголемуваат тензиите

Тајни британски документи пронајдени на автобуска станица во Англија

Путин го напаѓа кредибилитетот на НАТО  

Во Романија политичкото влијание на Русија е релативно скромно, на подрачјето на Црно Море во последно време немаше релевантни директни судири со Русија. Но во таа земја постои чувство на загрозеност поради историски причини, однос поради руската и советската поитика на анексии во регионот. Тоа чувство го зголемува фактот дека руски трупи се стационирани во Транснистрија, во сепаратистичкиот дел од Молдавија.

Барање поинтензивно присуство

Дека тоа чувство на загрозеност расте натамошно, покажа неодамнешната иницијатива на актуелниот романски претседател Клаус Јоханис, заедно со неговиот полски колега Анджеј Дуда. Во текот на состанокот на девет источноевропски членки на НАТО во Букурешт, на т.н. самит Б9, двајцата државници го повикаа НАТО да го интензивира присуството во регионот. Јоханис предупреди на „пораст на дестабилизирачки акции на Русија“ во регионот на Црно Море.

Нешто помалку јасна е ситуацијата во Бугарија, земја која во ерата на комунизмот беше на глас како „16 советска република“. За разлика од Романија, Русија е економски силно присутна во Бугарија, посебно во банкарскиот сектор, но и во енергетиката и бизнисот со недвижности. Делови од политичката елита негуваат тесни врски со Русија. Меѓутоа, бугарско-руските односи во последно време се оптоварени со шпионски скандали и неколку напади за кои постои сомневање дека ги извршиле припадници на руската тајна служба ГРУ.

Во меѓувреме Германија започна воено да се ангажира во регионот на Црно Море. Бундесверот навистина не учествува во воените маневри „Морско ветре“, но германската воена авијација, по инцидентот со британскиот воен брод, минатата недела од германскиот Витмунд префрли два авиона  Еурофајтер на воен аеродром во близина на романскиот црноморски град Констанц. Заедно со британската авијација, како што потврди портпарол на германското воено воздухопловство, Еурофајтерите таму би требало да дејствуваат во рамките на т.н. заштитни летови над Црно Море.