ДУИ вели „не“ за Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии со Бугарија | Северна Македонија | DW | 06.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ДУИ вели „не“ за Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии со Бугарија

Албанскиот блок е резервиран кон документот кој треба да ги исцрта црвените линии во преговорите со Бугарија. Другите партии на етничките Албанци се уште градат став за прашањето. СДСМ претходно ја прифати резолуцијата.

Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021

Во обид да добијат поддршка за Резолуцијата во Собранието, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, денеска имаше средби со албанскиот блок.

Демократската унија за интеграција по денешните разговори со ВМРО-ДПМНЕ ја отфрли предложената резолуција за црвените линии во однос на преговорите со Бугарија. Тие бараат да се преформулира и да се усогласи текстот на резолуцијата. ДУИ смета дека националниот идентитет и јазик не се предмет за дискусија и партиско пазарење. Партијата на Али Ахмети бара од опозицијата да биде конструктивна и со своите потези да не им штети на евроинтегративните процеси. Откако СДСМ вчера објави дека ја прифаќа резолуцијата на опозицијата, а тоа го направија и помалите партнери во коалицијата на социјалдемократите, Алијанса на Албанците побара владејачките СДСМ и ДУИ да го усогласат ставот, со цел резолуцијата да се донесе со консензус. Алтернатива ќе го соопшти својот став откако за прашањето ќе дискутираат партиските тела. 

Без поддршка од албанскиот блок

Во обид да добијат поддршка за Резолуцијата во Собранието, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, денеска имаше средби со албанскиот блок во обид да се дефинираат клучните црвени линии во спорот со Бугарија, за јазикот, историјата и идентитетот. ВМРО- ДПМНЕ одржа поединечни средби со Алијанса на Албанците-Алтернатива, но тие навестија дека дополнително ќе градат партиски став. 

 Artan Grubi, Minister für politisches System in Nord Mazedonien und Ali Ahmeti, Parteivorsitzender der albanischen Partei DUI in Nord Mazedonien

Партијата на Али Ахмети бара од опозицијата да биде конструктивна

„СДСМ и ДУИ да изградат став за Резолуција за преговорите со Софија“, изјави по разговорите со ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, пратеникот од Алијанса за Албанците, Халил Снопче. 

-повеќе на темата: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се обединат за јазикот и идентитетот

„Пратеникот Антонио Милошоски нѐ информираше за содржината на Резолуцијата што ја предложија во однос на преговорите со Бугарија, но од една страна е ДУИ која смета дека таква резолуција може да ѝ наштети на земјава, а од друга страна е СДСМ која ја смета како добра основа, затоа треба тие две партии како коалициски партнери да изградат заеднички став, па потоа да разговараме“, додава Снопче. Тој рече дека ќе ги информира партиските органи за содржината на Резолуцијата и целите кои со неа треба да се постигнат. Порача дека Северна Македонија треба да продолжи со интегративните процеси и Владата целосно да се посвети на тој процес, но и да биде многу внимателна како во разговорите со Бугарија, така и во спроведувањето на внатрешните реформите, важни за нашиот евроинтеграциски процес. Според него, односите со соседите се многу важни, во тој контекст и со Бугарија и дека добрите односи во никој случај не треба да се нарушат. 

Николовски ја потврди поддршката

Вчера резолуцијата ја поддржаа СДСМ и помалите парламентарни партии. Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов на прес-конференција изјави дека македонскиот идентитет и јазик не можат да бидат услов за европскиот напредок на државата. 

Ставот на СДСМ денеска го потврди и вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, кој во Берово изјави дека ќе дадат поддршка на секоја резолуција или декларација со која се штити македонскиот јазик и идентитет. 

„Станува јасно дека сите ние го штитиме и јазикот и идентитетот и сето она што е македонско. Не е воопшто прашање и нема воопшто потреба да се стави под прашање каква било резолуција. Ние ќе дадеме поддршка на резолуцијата. Веруваме дека сите постапки ќе завршат во парламентот и со тоа потврдуваме дека ниту јазикот, ниту посебностите, ниту идентитетот некој ги ставил на маса или преговарал во целиот овој период“, изјави Николовски. 

-повеќе на темата: Јуначење под јорган- планина

Тој рече дека земјата како никогаш досега немала така висок меѓународен углед, кредибилитет и поддршка и е пример за тоа како се решаваат проблемите. „Големи светски државници пред неколку дена во Охрид пратија порака и констатираа дека нашата земја ги има исполнето сите услови за сето она што треба да го направиме и дека Европската Унија треба да го реши проблемот внатрешно за овие кочници кои ги имаме. Меѓутоа, во ниту еден случај тоа нема да биде во однос на прашањето на јазикот и идентитетот и на сето она кое е македонско и кое е потврдено“, истакна Николовски при посетата на Берово. 

Ljupco Nikolovski | neuer Landwirtschaftsminister von Nordmazedonien

Љупчо Николовски изјави дека ќе дадат поддршка на секоја резолуција или декларација со која се штити македонскиот јазик и идентитет.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера ја поздрави најавата на СДСМ дека ќе ја прифати резолуцијата на опозицијата за црвените линии во спорот со Бугарија. Тој се надева дека изјавата е искрена и дека социјалдемократите нема преку трикови да го кочат носењето на резолуцијата во парламентот.  И помалите политички партии од македонскиот блок – Демократскиот сојуз, ЛДП и ДОМ веќе информираа дека ќе гласаат позитивно за Резолуцијата што ја предложи ВМРО-ДПМНЕ. 

Предлог-резолуцијата се заснова на повелбата на Обединетите нации и на Конвенцијата за човекови права на Советот на Европа од Стразбур. Мицкоски, најавувајќи ја предлог-резолуцијата, потенцираше дека таа не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ и дека се базира на ставовите на МАНУ, УКИМ и на МПЦ-ОА за јазикот и идентитетот. Текстот на документот, меѓу другото, предвидува водење на преговорите на рамноправна основа со почитување на меѓународното право, автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.