1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Резолуцијата е опасна популистичка авантура

6 јули 2021

Лошиот производ на меѓупартиски предизборни игри ќе биде мевлем на рана само еден ден зашто не претставува соодветен одговор на бугарската декларација, туку домашна патриотска предизборна трка. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/3w4Wb
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за таканеречените црвени идентитетски линии во односите со Бугарија, прифатена од СДСМ, е опасна предизборна популистичка авантура која може да предизвика несогледливи штетни последици за европската иднина на Македонија. Нејзиното евентуално усвојување во Собранието како лажен консензус, кој во суштина не постои и никогаш не е постигнат, ќе ја збрише за час меѓународната поддршка кај највлијателните членки на ЕУ и на САД, а дома ќе предизвика нови конфликтни ситуации во меѓуетничките односи кои албанските политички партии веќе ги најавуваат.

Таквата резолуција, како производ на меѓупартиски предизборни игри и надмудрувања, ќе биде мевлем на рана само еден ден затоа што не претставува соодветен одговор на бугарската собраниска  декларација и условувања, туку домашна патриотска предизборна трка за одбрана на националните интереси на најпогрешен начин со блокирање по наша вина на сите можности да се дојде до заемно прифатливо решение со Бугарија.

Противниците на договорите со соседите пишуваат резолуција

Широката јавност во земјата уште не ја знае целата содржина на резолуцијата која наводно претставува научен консензус на МАНУ и УКИМ, иако ниту едно надлежно тело на двете институции не расправало и не одобрило една ваква партиска платформа.

Впуштањето на поединци од МАНУ и од УКИМ, кои до вчера јавно бараа укинување на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство со Бугарија, во дневнопартиска политичка арбитража со резолуција упатена до ВМРО-ДПМНЕ е своевиден лош и штетен  меморандум по урнекот на Бугарската академија на науките која води кон блокада на Македонија на големо олеснување во Бугарија и на сите противници за проширување на Европската унија. Во Македонија не можеше да се случи попогрешен потег од донесување на резолуција која ги врзува рацете на владата и на сите идни влади за компромисни решенија.

На уште недонесена резолуција ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се прогласија за конструктивна опозиција како пресуден и единствен фактор во државата за заштита на националните интереси и посебности. Нешто многу спротивно од она што оваа политичка партија го правеше долги години наназад со одбегнување на секоја можност за заемно прифатливи решенија со соседите.

Блокирањето на почетокот на преговорите помеѓу Македонија и ЕУ, што беше општо прифатено од 26 членки на ЕУ како голема грешка и неправда не само кон Македонија и Албанија, туку и кон сите земји од Западен Балкан, со овој чин на поставување црвени линии вината се префрла на домашен терен кај нас. До предлогот на резолуција, Бугарија беше виновникот што билатерални прашања меѓу двете земји и универзалните светски придобивки и закономерности за самоопределување ги вметнува во преговарачката рамка отстапувајќи од потпишаниот Договор за добрососедство, а сега се префрлаат кај нас со една незрела аџамиска играрија дали резолуцијата ќе биде со уставното име Република Северна Македонија, или само резолуција на Собранието на Република Македонија, што може лесно да ги врати назад и проблемите со соседна Грција.

Додека во Бугарија се исчудуваат зошто Европа повеќе ги сака Македонците од Бугарите и како елегантно да најдат излез наводно подготвувајќи уште поостра декларација кон Македонија, кај нас се поставуваат бариери како да се нарачки на Софија.

Без уставното име ниедна резолуција не е прифатлива

Со нашата предизборна резолуција се поставуваме во улога како ние да сме членка на ЕУ, а Бугарија кандидат за почеток на преговорите. Ниедна резолуција донесена во Собранието без уставното име на државата и без прифаќање на договорот за добрососедство со Бугарија не може да биде прифатлива не само од Бугарија и од Грција, туку и од ЕУ. Единствено прифатлива резолуција од Собранието на Македонија во овој момент би била општа меѓупартиска поддршка на склучениот и ратификуван договор со Бугарија со уставното име на државата.

Други колумни од авторот:

Кој треба да си оди Заев, или Мицкоски?

Кога ќе завршат приказните за предавства?

Три дена и три ноќи без голем скандал

Речиси сите точки од овој договор се од значаен политички и економски, културен интерес на двете соседни земји. Треба да се има предвид фактот што преговарачката рамка предложена од Бугарија и проследена со собраниската декларација се случи токму поради незадоволството кај нашите соседи од веќе склучениот Договор за добрососедство што ги усложни односите меѓу двете земји. Тоа јасно кажува дека Македонија треба цврсто да се држи до побрза реализација на Договорот.

Исто така, треба многу внимателно да се проучи оној помалку познат дел за јавноста, за наводната научно усогласена платформа меѓу МАНУ и УКИМ кој е вметнат во партиската резолуција, бидејќи е тешко да се верува дека тие што бараа раскинување на договорите со Грција и со Бугарија, а со тоа и збогување на Македонија од членството во ЕУ, можат да дадат некаков конструктивен пристап за добрососедство и заемно прифатливи решенија кои ќе го отворат патот на Македонија кон членство во ЕУ.

На јавната сцена во Македонија повторно е јуначење под јорган планина и држење лекции што треба и како треба да се прави во вакви ситуации. Тоа го прават за жал и личности кои имаат удел во ослабените преговарачки позиции на Македонија кои биле подолго време на одговорни функции во земјата. Не е никаква тајна дека позициите на Македонија се најослабени токму поради тоа што во изминатите 30 години на независност нашите политички, интелектаулни и деловни елити не успеаја да изградат стабилна и успешна и економски самоодржлива демократска држава.

Сите тие што денес даваат рецепти, а биле одговорни учесници во овие процеси кои не ги дале очекуваните резултати, немаат квалификатив на објективност. Лесно е сега да се демонстрира јуначење од дома. Многу е поверојатно дека и сега да се на одговорни позиции ќе ја покажат својата нерешителност и немање храброст за носење тешки одлуки прифаќајќи и политичка саможртва. Да беа храбри и мудри за какви што се прикажуваат денес, Македонија заедно со Хрватска ќе беше од поодамна членка на ЕУ.

Најверојатниот исход од резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ во соработка на поединци од МАНУ и УКИМ ќе заврши како уште една голема и штетна фарса во Собранието, каде консензусот ќе се распадне од кавгите: дали ќе стои уставното име и дали ќе се прифати спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. А, не е чудо да се појави и некоја скриена бомба со запален фитил чија експлозија ќе нѐ направи единствени виновници за новите блокади со кои ќе се соочи Македонија.

Имајќи ги предвид претходните искуства за договорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. дури и да се усвои резолуцијата со уставното име и прифаќање на Договорот со Бугарија, што е тешко да се поверува, таквиот консензус нема долго да трае. Во секој случај, и да има и да нема резолуција оваа авантура, кога зад себе ја имаме светската поддршка, ќе нанесе штета на државните интереси во остварување на највисоките стратегиски цели. Едно е сигурно, ќе бидеме сведоци и учесници на уште еден циркус во Собранието.