1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Gerhard Schöder
Фотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture alliance

Герхард Шредер: Без канцеларија, без вработени, без возач

Сабине Кинкарц
19 мај 2022

Да се огради од Путин? Да се откаже од своите профитабилни бизниси во Русија? Тоа за поранешниот канцелар Герхард Шредер не доаѓа предвид. Сега тврдоглавиот Шредер треба да ги загуби државните бенефиции.

https://www.dw.com/mk/%D0%B3%D0%B5%D1%80%D1%85%D0%B0%D1%80%D0%B4-%D1%88%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B5%D1%80-%D0%B1%D0%B5%D0%B7-%D0%BA%D0%B0%D0%BD%D1%86%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B1%D0%B5%D0%B7-%D0%B2%D1%80%D0%B0%D0%B1%D0%BE%D1%82%D0%B5%D0%BD%D0%B8-%D0%B1%D0%B5%D0%B7-%D0%B2%D0%BE%D0%B7%D0%B0%D1%87/a-61794116

Роденденот на Герхард Шредер беше 7 април. Тој наполни 78 години. Тоа би било повод за голема прослава. Од 1990 до 1998 година, Шредер беше премиер на германската покраина Долна Саксонија, а потоа и седми канцелар на Сојузна Република Германија - од октомври 1998 до ноември 2005 година. 

На приемот во Градското собрание на Хановер присуствуваа 200 гости. Во тоа време, поранешниот канцелар сè уште беше почесен граѓанин на главниот град на покраината Долна Саксонија. 

Денес Шредер веќе не е почесен граѓанин на Хановер, тој доброволно го напушти членството во фудбалскиот клуб Хановер 96 - кој сакаше да го избрка, а сега би било прашање дали би се нашле доволно гости за да се организира голема прослава во негова чест. Поранешниот канцелар се изолираше со своето упорно одбивање да се откаже од позицијата во надзорните одбори во руската енергетска индустрија и да се дистанцира од претседателот Владимир Путин. Пријателите и поранешните политички сопартијци се оградија од Шредер. Веќе не е отворен за никакви аргументи и приговори, велат оттаму. 

 

Gerhard Schöder
Герхард Шредер беше навивач на клубот Хановер 96Фотографија: localpic/imago images

Локална забрана на островот Нордернеј 

Поранешниот канцелар ги загуби и симпатиите во јавноста и веќе одамна не е добредојден насекаде. Кога беше на одмор на почетокот на мај со својата петта сопруга, Со-јеон Шредер-Ким, на островот Нордернеј во Северното Море, локален угостител веднаш им наложи на вработените во неговите три ресторани и пиварници да му забранат на Шредер да влезе. „Толку добра и доследна одлука“, коментира еден корисник на Фејсбук-страницата на угостителот. „Вашата пиварница треба да добие медал за оваа храбра и важна акција!“, напиша друг. 

Берлинскиот бар „StäV“ го отстрани од менито терминот „Altkanzler-Filet“ (филе-стариот канцелар) што се користи за колбасот што Герхард Шредер сака да го јаде. Покрај тоа, фотографијата на Шредер наводно била отстранета од барот. 

Ќе смее да ги зачува само телохранителите

Политички Берлин одамна се огради од поранешниот шеф на владата и сега оди чекор понатаму. Шредер ќе ги загуби сите бенефиции кои им следуваат на поранешните канцелари покрај законската пензија, за да можат да продолжат да ги извршуваат своите службени должности. На пример, држење предавања, преземање покровителство, одговарање на прашања од граѓаните. Ова вклучува и канцеларија во Бундестагот со неколку соби и вработени, возачи, надомест на патни трошоци. Од одговорот на прашање на пратеничката група на Левица во Бундестагот произлегува дека само персоналните трошоци за Герхард Шредер изнесуваат околу половина милион евра годишно.

Ваквите права не се дефинирани со закон, туку се резултат на одлука на Комисијата за буџет на Бундестагот. На иницијатива на владината коалиција на СПД, Зелените и ФДП, комисијата сега треба да ја промени оваа одлука. На Шредер треба да му се дозволи да ги зачува само своите телохранители. Но, вработените во неговата канцеларија веќе ги нема. Во март поднесоа оставка и беа префрлени на други функции во парламентарното работење. Дури и долгогодишниот раководител на неговата канцеларија и пишувач на говори, кој со Шредер соработуваше 20 години, не сакаше веќе да работи за него.

Освен тоа, политичари во Германија, но и во Парламентот на ЕУ, сакаат да се провери дали може да се воведат санкции против Шредер. „Сакаме да бидат погодени оние групи кои профитираат од системот на Путин. И затоа е сосема логично да се испита колку е важен Шредер за овој систем“, го објаснува барањето генералниот секретар на ФДП, Бижан Џир-Сарај. Во Европскиот парламент веќе има мнозинство во Европскиот парламент за ставање на листата на санкции на европски членови во надзорните одбори на руските компании. Шредер би бил опфатен и со ова правило.

Russland Moskau | Gerhard Schröder und Vladimir Putin
Шредер и Путин во 2018 годинаФотографија: Alexei Druzhinin/dpa/picture alliance

Забрана за активностите на Шредер? 

„Њујорк тајмс“, кој неодамна го интервјуираше Герхард Шредер, пишува дека поранешниот канцелар во руската енергетска индустрија заработува околу еден милион евра годишно. Во 2005 година, набргу по напуштањето на владината функција, се вработил во компанијата за гасоводи „Северен тек“. Сѐ уште е претседател на одборот на акционери. Тој е и шеф на Надзорниот одбор на рускиот државен енергетски гигант Роснефт и сѐ уште е регистриран во соодветниот трговски регистар како претседател на одборот на директори на „Северен тек 2 АГ“. 

Пратеничката група на сестринските партии ЦДУ/ЦСУ сега бара на Шредер да му биде забрането да работи за руската енергетска индустрија. „Ова е релативно лесно да се направи со издавање соодветна забрана за активности“, вели пратеникот на ЦДУ, Томас Хајлман, кој побара од служба на Бундестагот да го проанализира правниот пат и како тоа може да се направи. Сумите на пари што Шредер сепак би ги добил тогаш ќе мора целосно да се уплатат во државната каса, вели Хајлман. 

СПД во очај поради својот истакнат член 

СПД со месеци се обидува да го убеди Герхард Шредер да се откаже од функциите. Без успех. Поранешниот канцелар отсекогаш верувал дека „живее како што сака и дека тоа никого не го засега“. Лидерот на СПД, Ларс Клингбајл, на тоа гледа поинаку. „Не треба да се соработува со агресор, поттикнувач на војна како Путин. Како поранешен канцелар, никогаш не делувате целосно приватно. Особено не во сегашната ситуација“, напиша тој на социјалните мрежи непосредно по рускиот напад на Украина. 

Шредер тогаш не реагираше и така продолжува до денес. Во меѓувреме, СПД има 14 барања за негово исклучување од партијата. Сепак, процесот е комплициран и може да потрае. Шефицата на СПД, Заскија Ескен би сакала Шредер самоволно да ја напушти СПД, таа од него побара да ја напушти партијата. Ларс Клингбејл исто така процени: „Би сакал Герхард Шредер да биде на вистинската страна на историјата. Но, тој се одлучи за погрешна“. 

Променета личност 

Шредер ниту на тоа не реагираше. Наместо тоа, во интервју за „Њујорк тајмс“, тој дури и експлицитно го бранеше Путин од наводите за масакр на цивили во киевското предградие Буча. Тој верува, како што изјави, дека наредбите не доаѓаат од Путин, туку „од пониски нивоа“. На поранешниот канцелар очигледно не му било јасно дека Путин потоа им доделил медали на војниците распоредени во Буча. 

Се бараат санкции за Шредер поради поддршката за Путин

Поранешниот министер за правда на покраината Долна Саксонија, Кристијан Фајфер - долгогодишен партиски пријател на поранешниот канцелар - во изјавите на Шредер гледа знаци на промена на личноста што го загрижува: „Човекот што го гледаме сега веќе не е Герхард Шредер што го паметиме од неговото време како канцелар.“ Неговиот став за војната на Путин се карактеризира со лажна солидарност и слабост, рече Фајфер. 

Gerhard Schröder  mit Ehefrau Kim So-yeon
Шредер и неговата сопругаФотографија: Ulrich Stamm/Geisler-Fotopress/picture alliance

Дали Шредер пие премногу алкохол? 

Бјерн Енгхолм, кој во раните 1990-ти, како премиер на покраината Шлезвиг-Холштајн и претседател на СПД, беше сведок на политичкиот подем на подоцнежниот канцелар, вели: „Герхард Шредер всушност знаел само една личност во својот живот, а таа се вика Герхард Шредер и тоа продолжува до ден-денес“. Шредер, вели тој, отсекогаш имал „висок степен на суета во јавното претставување“. Затоа, Енгхолм претпоставувал дека Шредер ќе стори сé за да го задржи својот статус и углед. Дури и да поднесе оставка од позициите во руската енергетска индустрија. „А, фактот што тој не го прави тоа, длабоко ме изненадува“, вели Енгхолм. 

Медиумите, пак, шпекулираат и дека поранешниот канцелар конзумира алкохол, откако во написот на „Њујорк тајмс“ беше објавено дека Шредер пиел обилни количества бело вино за време на интервју во кое ги исмејувал своите критичари. 

Во 2020 година, две години по венчавката, Со-јон Шредер-Ким за ток-шоуто на НДР изјави дека нејзиниот сопруг ѝ ветил пред бракот дека во иднина ќе пие само две чаши вино дневно. „Се држи до тоа, со неколку исклучоци“, рече таа. Сопругата на Шредер, која што е Корејка, вели дека не станала љубител на вино поради нејзиниот сопруг, „туку едноставно пијам со него за да го натерам мојот сопруг да пие помалку“. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Москва Анексија Украина

Путин потпиша анексија на четири украински региони

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница