Блинкен и Лавров го скршија мразот | Свет | DW | 20.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Блинкен и Лавров го скршија мразот

Без оглед на тензиите меѓу двете светски сили, САД и Русија прават напори за постигнување база за соработка. Во Рејкјавик се сретнаа американскиот и рускиот министер за надворешни работи.

На почетокот на разговорот американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен пред камерите изјави: „Не е никаква тајна дека меѓу нас постојат разлики во ставовите“, но потоа заедно со неговиот руски колега Сергеј Лавров меѓусебно ја истакнаа подготвеноста за дијалог.

„Сметаме дека тоа е добро за нашиот, како и за рускиот народ, но и за светот“, изјави Блинкен на средбата во Рејкјавик.

Американскиот претседател Џо Бајден, додаде тој, планира градење „предвидливи, стабилни односи со Русија". Двете земји би можеле да соработуваат во сузбивањето на пандемијата на коронавирус, борбата против климатската криза, односот кон атомските програми на Иран и на Северна Кореја, како и војната во Авганистан, рече Блинкен. 

И Сергеј Лавров укажа на тоа дека и покрај постоечките сериозни разлики меѓу САД и Русија, тие треба да соработуваат во областите во кои интересите се судираат. Рускиот став кон САД е многу едноставен: „Ние сме подготвени да ги дискутираме сите теми без исклучок, но под услов дискусијата да се води искрено“, рече Лавров. 

Ова е прва средба на двајцата министри од стапувањето на должност на владата на Џо Бајден во јануари.

Двочасовниот разговор бил конструктивен, известија руските државни медиуми, двајцата министри разгледувале предлози за евентуална средба меѓу Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.

Односите меѓу Вашингтон и Москва се видно заладенисо доаѓањето на функцијата на Бајден и неговата најава на поостар курс кон Кремљ, откако на неговиот претходник Доналд Трамп му беше префрлано за преголема попустливост кон рускиот претседател. Во интервју во март, Бајден на прашањето дали го смета Путин за „убиец“, одговори потврдно.

Односите меѓу Москва и Вашингтон се тешко оптоварени и поради најновото заострување на конфликтот во Украина, односот на Русија со затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, како и обвинувањата за руска вмешаност во кампањата за американските претседателски избори.

Двајцата министри за надворешни работи се сретнаа на маргините на седница на Арктскиот совет во Рејкјавик, чие претседавање Русија го презема денеска од Исланд за идните две години.