Балтикот стравува од Москва, не знае што да очекува од Трамп | Свет | DW | 09.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Балтикот стравува од Москва, не знае што да очекува од Трамп

Естонија, Летонија и Литванија се сметаат себеси за најзагрозени членки на НАТО. Нив ги мачи прашањето дали новиот претседател на САД Доналд Трамп ќе ги штити како и сите досегашни.

Во Литванија до пред некој ден се пукаше и тоа со вистинско оружје - на маневрите на НАТО под наслов „Железен меч 2016“, кои беа 13. по ред оваа година. Тоа е знак на сила, но и на - загриженост! Естонија, Летонија и Литванија се сметаат себе си моментно за најзагрозени членки на НАТО. Се сметаат загрозени од страна на Русија. „Ништо друго освен НАТО“, гласи нивното мото и значи дека целосно се потпираат на заклетвата на своите сојузници.

„Ние сме со вас“, рече меѓу другото германската канцеларка Ангела Меркел на крајот на август, во текот на посетата на Естонија и укажа на германските Еурофајтери, авиони кои до крајот на годината го обезбедуваат балтичкиот воздушен простор. „Во врска со воздушната полиција, драго ни е што можеме меѓусебно да си помагаме во согласност со членот 5 од НАТО-спогодбата. Германија ќе биде задолжена за Литванија, други ќе бидат за Естонија и мислам дека на таков начин ја покажуваме заемната одговорност во Алијансата“, истакна Меркел.

Но, што е со Американците? Потпретседателот на САД Џо Бајден есеноска беше во Летонија и во име на претседателот Барак Обама, на балтичките земји им вети вечна верност. Но, тие двајцата нема уште долго да бидат на власт. Веќе во јануари на претседателската функција доаѓа Доналд Трамп, кој со својата критика за наводна недоволна посветеност на другите држави од НАТО, своето неискуство и отвореноста кон рускиот претседател Владимир Путин, предизвика негодување. Официјално меѓутоа, можат да се чујат само изрази на демонстративна доверба во новиот претседател.

Литванската претседателка Далија Грибаускаите уште во текот на изборната кампања ја истакнуваше довербата во САД: „Ние се потпираме на САД. Америка отсекогаш ги бранела нашите народи кога тие биле нападнати. Литванија, како и другите балтички земји, прави сѐ за безбедноста. Ние ја модернизираме својата војска, повторно воведуваме воена обврска. Во 2018 година ќе стигнеме до границата од два проценти од БДП за воениот буџет. Толкувањето на изјавите на Трамп, дадени во својство на претседателски кандидат, нема смисол. Знаеме дека Америка останува нашиот најважен партнер.“

Тие проклети два процента од бруто домашниот производ: сите земји-членки на НАТО би требало да издвојуваат по толку за одбрана. Но, од балтичките земји само Естонија го исполнува овој услов, на кој инсистира Доналд Трамп. Литванија и Летонија издвојуваат далеку помалку. Затоа во овие држави не очекуваат ништо добро, но не зборуваат јавно за тоа. По изборите во САД, летонскиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевишч рече: „Да, во текот на изборната кампања имаше различни изјави. Трамп, како и други политичари имаат забелешки на одбранбената способност и посебно на издвојувањето средства за одбрана од страна на европските партнери. Но, јас не очекувам дека САД сега ќе го напуштат НАТО, тоа не е на дневен ред.“

Марко Микелсон е помалку уверен во тоа. Тој е претседател на Комисијата за надворешни работи во естонскиот парламент во Талин. „Со претседателот Трамп се наоѓаме на непознат терен. Односите меѓу Естонија и САД суштински не се променети. Меѓутоа, Трамп даде бројни изјави во врска со одбранбената политика, едвај ја критикуваше Русија, посебно во поглед на Украина и Србија. Значи, ние сепак се прашуваме како ќе изгледа неговата политика...“


 

 

 

DW.COM

Реклама