Атомските бомби остануваат | Свет | DW | 30.06.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Атомските бомби остануваат

На први јули 1968 е потпишан Договорот за неширење атомско оружје. 50 години подоцна сѐ уште има 15.000 атомски боеви глави во светот. Експерти сметаат дека е мала веројатноста за целосно нуклеарно разоружување.

Малото место Бихел, меѓу Кобленц и Трир, никому не би паднало в очи доколку таму не би се случувал историски анахронизам: таму се чуваат последните атомски бомби кои преостанале по Втората светска војна. Наводно станува збор за околу 20 бомби од типот Б61, но точниот број се држи во тајност. Со сигурност се знае едно - дека секоја од нив има многукратно поразурнувачка моќ отколку бомбите фрлени во Хирошима и Нагасаки. Тие ѝ припаѓаат на американската војска, но во случај на нужда германски бомбардери Торнадо би ги пренесле до крајната цел и би бомбардирале со нив. За таков случај со децении пилотите припадници на воздушните сили вежбаат во Бихел со лажни бомби. Тој оддел од Армијата е најголемиот работодавач во местото, но попусто ќе барате информации за постоењето на бомбите на интернет страницата на малото место во пределот Ајфел. „Нуклеарно косопствеништво“ се вика ваквата појава, која ја има и во други земји членки на НАТО, како Белгија, Холандија, Италија и Турција кои на своја територија имаат американско нуклеарно оружје. Концептот на нуклеарно заплашување, кој е во основата на ваквата стратегија и натаму опстанува. НАТО во 2012. година го потврди како „основен елемент на колективната одбрана”.

Првична цел: нуклеарно разоружување

Пред 50 години надежта беше сосема поинаква. Тогаш, на први јули 1968-ма, се потпишуваше Договорот за неширење атомско оружје („Non-Proliferation Treaty"), а потписници беа САД, Велика Британија и Советскиот Сојуз. Тие се обврзаа да спречат ширење на атомско оружје. Тие исто така се стремеа кон целосно нуклеарно разоружување. Германија се приклучи на Договорот во 1975. година, а во меѓувреме потписници се повеќе од 190 држави.

Договорот долго време се сметаше за срж на светските напори за разоружување и до денес изгледа како тигар од хартија. Според проценките на Шведскиот мировен институт СИПРИ, ширум светот и натаму има околу 15 илјади атомски бомби. Притоа, САД со 6.800 и Русија со 7.000 имаат најголем број бомби. Во нуклеарните планови на двете страни е предвиден „арсенал минимум во бројноста на актуелно постоечките резерви“, критикува теологот Еберхард Шокенхоф, професор на универзитетот од Фрајбург и долгогодишен член на Германскиот совет за етика. „Етички тоа е неприфатливо“. Целта на нуклеарното разоружување, атомските сили субјективно веќе ја отпишале, смета тој.

Doomsday Clock (picture alliance/AP Images/C. Kaster)

Часовникот опасно отчукува

„Две минути до 12"

Договорот е во „тотална криза", констатира политикологот и експерт за разоружување Том Зауер од универзитетот во Антверпен. Последната конференција за проверка во 2015. пропадна, а следната во 2020. веројатно ќе заврши на ист начин. Тоа и ќе остане така, смета Зауер, сѐ додека договорните страни не ги исполнат конечно своите обврски, во кои спаѓа и масивна редукција на бројот на боеви глави сѐ додека не се дојде до нула. „Тоа го ветија уште во 1968-ма, но до денес не го прават."

Што е пострашно, сега ги модернизираат своите арсенали на атомско оружје и развиваат нови системи кои ги вградуваат во нив. Опасноста од атомска војна експерти ја проценуваат како толку висока, колку што не била никогаш досега. Во јануари 2018. Совет на научници, меѓу кои и 17 добитници на Нобеловата награда, „Часовникот за атомска војна" („Doomsday Clock") го ставија на 2 минути до 12.

Повеќе: 

Забрзана трка во нуклеарно вооружување

Атомски сили и нуклеарни нули

Наместо нуклеарно разоружување - страв од нуклеарен терор

„Симболички причини"

Во Бихел во Ајфел пак, мировното движење под мотото „20 недели против 20 атомски бомби” е насочено и против модернизацијата на истите. „Примарно од симболички причини" бомбите се и натаму тука, вели Карл Хајнц Камп, претседател на Сојузната академија за безбедносна политика во Берлин. Пред сѐ државите од Истокот на Европа даваа големо значење на „симболот за американското нуклеарно ветување". Со оглед на тоа дека НАТО по падот на Железната завеса ѝ вети на Русија дека нема да поставува атомско оружје во новите земји членки дојдени од Источниот блок, боевите глави се останати во Централна и Јужна Европа.

Кого треба да заплашат овие атомски бомби? На Торнадо-носачите, кои би требало да бомбардираат во случај на крајна нужда, веројатно веќе над Украина би им бил празен резервоарот. Германската влада сепак толерира постоење на атомско оружје на германска територија, иако целта за свет ослободен од нуклеарно оружје е дефинирана меѓу позначајните во коалицискиот договор. Германија има „интерес да учествува во стратегиските дискусии и процеси на планирање" во НАТО, се вели во образложението на владините партии од Унијата и СПД.

Barack Obama spricht in Prag über atomare Abrüstung (AP)

Американскиот претседател Барак Обама се залагаше за свет без атомско оружје

Девет атомски сили

Сопствено атомско оружје во НАТО, покрај САД, поседуваат само уште Франција и Велика Британија. Освен тоа, Кина, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја припаѓаат во вкупно деветте светски атомски сили. Ниту една од овие земји не покажува намера да се откаже од атомското оружје, бидејќи се смета како незаменливо за нивните сопствени безбедносни интереси. Свет без атомско оружје за кој претседателот Барак Обама придружен од голем аплауз се залагаше уште во 2009. година, експертот за безбедност Карл Хајнц Камп го смета за нереалистична цел.

„Нуклеарниот дух излезе од шишенцето", вели тој, знаењето и материјалите се веќе проширени по светот. Дури и во неверојатниот случај на целосно разоружување би можело во секое време да бидат повторно активирани боеви глави и тоа не само од влади, туку теориски и од богати големи концерни. Потребната експертиза и материјалот би можеле дури и тие да ги набават. Камп заради тоа ја смета за проблематична тезата дека свет без атомско оружје би бил фактички постабилен.

Нова рунда во ООН

Дали 50 години по потпишувањето на Договорот за неширење атомско оружје недоволно се препознава опасноста што произлегува од постоењето на нуклеарно оружје? Тоа се стравувањата на политикологот од Антверпен и експерт за разоружување, Том Зауер. Него го загрижува тоа што разговорите за разоружување меѓу Русија и САД моментно се замрзнати и тоа што и други земји би можеле да пројават аспирации за нуклеарно вооружување, пред сѐ Иран и Саудиска Арабија.

Надежта ја заснова на тоа дека ООН со гласовите од 122 држави од вкупно 193 членки се изјаснија за целосна забрана на нуклеарно оружје. Тоа беше во 2017. година. Откако 50 земји ќе го ратификуваат договорот, тој станува правно обврзувачки. „Сите тие земји тогаш нуклеарното оружје ќе го сметаат за илегално", нагласува Зауер. „Едрата се вртат и атомските сили ќе бидат во дефанзива."

DW.COM

Реклама