Советот на Европа ќе и помага на Македонија за изборите
7 март 2006
Акциониот план специјално е изготвен за да ги покрие сите констатирани недостатоци за време на минатите избори во Република Македониј, односно начинот на финасирање на предизборните кампањи од политичките партии, рамноправна вклученост и застапеност на мажите и жените во изборниот процес, семинари за судиите кои ќе земат учество во изборниот процес и експертиза и помош за работата на медиумите и нивното известување за време на изборите.
Со Акциониот план, Советот на Европа ќе го финасира и издавањето на воспитно-информативните брошури за спроведување на демократски, слободни и фер избори. Овие материјали ќе бидат отпечатени на македонски, албански, турски, ромски, српски и влашки јазик, ова по предлог на македонската влада.
Во планот посебен акцент е ставен врз вклученоста на жените од руралната средина во изборниот процес во Македонија. Излезот е нивното воспитување за правата кои ги уживаат како гласачи.
Сите овие активности ќе бидат финасирани од буџетот на Советот на Европа со 98 500 евра. Буџет кој е зголемен за 60 000 евра од претходно предвидените 38 500 евра, што доволно сведочи за подготвеноста на Советот на Европа да и помогне на Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унијам посебно во областите каде тој располага со големо искуство.
„Јас ја поздравив оваа одлука и кажав дека Република Македонија, навистина се стреми кон организација на фер и демократски избори, бидејќи тоа е еден од клучните услови за нашето идно можно започнување на преговори за членство во Европската Унија. Тоа ќе биде еден од предусловите за започнувањето на преговорите“, вели Елеонора Петрова-Митевска, амбасадарот на Република Македонија при Советот на Европа.
Активностите на Советот на Европа ќе бидат во соработка и координирани со тие на ОБСЕ и на Бирото за човекови права. Покрај македонската влада, во реализацијата на планот е предвидено да учествуваат невладините организации и политичките партии од земјата.
За важноста што им се дава на престојните парламентарни избори во Македонија, зборува и тоа дека во Стразбур пред проширеното биро на Комитетот на министрите е најавен настапот на амабасадарот на Европската Унија во Македонија, Ерван Фуере.