Русија повторно ги отвора славините за гас
12 јануари 2009Портпарол на Европската комисија потврди дека сите страни ја потпишале спогодбата за испраќање на независни набљудувачи во Украина, коишто треба да го контролираат транзитот на рускиот гас. Тој додаде и оти Русија се обврзала дека во вторник, во девет часот по средноевропско време, повторно ќе почне да испорачува гас во Европа.
Од рускиот енергетски концерн „Гаспром“ сооопштија дека испораката ќе почне во моментот кога ќе се утврди дека стартувала меѓународната набљудувачка мисија.
Отстрането спорното украинско дополнение на спогодбата
Украина и Европската комисија денеска повторно ја потпишаа Спогодбата за набљудување на транзитот на гас кон европските земји, а во новата верзија е исфрлен дополнителниот член што беше спорен за Русија и во кој се тврдеше дека Украина негира оти и’ должи пари на Русија за неплатен гас и дека го краде енергенсот.
Во меѓувреме, набљудувачите на ЕУ пристигнаа на контролните точки на гасоводот за да обезбедат Украина да не зема руски гас од транзитните гасоводи за сопствени потреби.
Русија, поради спорниот член додаден во Киев, претходно го доведе во прашање договорот, посредуван од ЕУ за надминување на гасната криза. Рускиот претседател Дмитри Медведев беше категоричен дека се‘ додека Украина не го повлече документот, договорот нема да стапи во сила:
„Во суштина, овој акт е насочен кон минирање на постигнатиот договор за контрола на транзитот на гас. Тој има провоцирачки, деструктивен карактер“, тврдеше Медведев.
Европа тешко погодена од гасната криза
Спорот меѓу Русија и Украина околу повисоки цени на гасот предизвика големи тешкотии во снабдувањето на Европа со гас. Рускиот премиер Владимир Путин изјави дека рускиот концерн „Гаспром“ веќе има околу 800 милиони долари загуби поради неиспорачаните количества гас. Тој ја повика ЕУ да и’ додели кредит на Украина за да може да го исплати долгот кон рускиот концерн „Гаспром“ и со тоа да помогне во надминувањето на кризата.
Денеска во Брисел министрите за енергетика од земјите на ЕУ се советуваат околу проблемите со лиферувањето гас и последиците од актуелната криза. Тежиште на разговорите треба да биде подобрувањето на сигурноста во снабдувањето со енергија преку изградба и поврзување на гасоводната мрежа на државите од средна и источна Европа.