Русија им се закани на Американците
3 мај 2012Доколку ситуацијата и натаму се влошува, ќе биде донесена одлука за уништувачки напад, изјави првиот човек на Генералштабот на руската армија Николај Макаров за време на конференцијата за противракетна одбрана, што почна денеска (03.05) во Москва. Рускиот претседател Дмитри Медведев лани се закани дека неговата земја воено ќе реагира доколку не се постигне договор со САД за распоредување на штитот. Преговорите меѓу Русија, НАТО и САД за антиракетниот штит во меѓувреме западнаа во ќорсокак. НАТО смета дека антиракетниот штит е неопходен поради опасноста од ирански ракетен напад, додека Русија во штитот гледа пред се‘ средство со кое ќе се намали значително потенцијалот на застрашување што го има руското атомско оружје. НАТО наведе дека сака да соработува со Русија околу ракетниот штит, но отфрла можност да раководи со штитот заедно со Москва. Рускиот министер за одбрана Анатолиј Сердјуков денеска изјави дека ситуацијата околу штитот е „во ќорсокак“. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен најави дека Алијансата ќе објави крај на првата фаза на распоредување на антиракетниот штит во источна Европа на самитот во Чикаго.