1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговорите запнаа околу ингеренциите на МВР

Б. Георгиевски14 јули 2016

Вчерашните преговори меѓу четирите политички партии со посредство на ЕУ и САД донеле поместување, но сѐ уште се далеку од конечен договор. Сѐ зависи од враќањето на ингеренциите од Владата во МВР.

https://p.dw.com/p/1JOm3

Меѓу четирите партии потписнички на Договорот од Пржино и натаму остануваат отворени прашања, а клучниот судир се води околу ингеренциите на министерот за внатрешни работи- функција која во преодната влада повторно треба да и припадне на опозицијата.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат непопустливи позиции по ова прашање. Од ВМРО-ДПМНЕ инсистирале министерот да ги има надлежностите кои се предвидени со законските измени кои владејачката партија ги спроведе во меѓувреме, додека од опозициската партија бараат ингеренциите, кои во меѓувреме беа префрлени на владата, да се вратат во МВР.
Опозициски извори тврдат дека тие нема да дозволат идниот министер за внатрешни работи да биде „англиска кралица“.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав во изјавата по синоќешниот состанок потврди дека останало само едно отворено прашање, но одби да прецизира повеќе детаљи.

„За многу прашања е постигната согласност, но остана само отворено едно прашање за кое не се најде решение“, рече Орав.

Од договорот за МВР зависи и судбината на останатите теми кои се релативно усогласени. Извесно е дека СДСМ повторно би ги добил истите министерски места во идната преодна влада, но нема конечна согласност дали таа влада ќе се формира на 60- како што бараат од ВМРО-ДПМНЕ, или на 100 дена пред изборите, како што посакува СДСМ.

Mazedonien Proteste in Skopje
Владејачката партија инсистира надлежностите на МВР да останат во Владата.Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Избори во ноември или декември?

Датумот за одржување на изборите зависи од тоа кога ќе биде постигнат договор. Доколку работните групи ги усогласат позициите, до крајот на август треба да се одржи лидерска средба на која треба да се процени дали се исполнети условите за одржување избори. Доколку сите дадат согласност, изборите би се одржале во ноември или на почетокот на декември, вели извор на ДВ запознаен со текот на разговорите кој инсистираше на анонимност.

Во однос на прочистувањето на избирачкиот список, прифатена е варијантата околу 170 илјади гласачи од дијаспората да се префрлат на дополнителен список, а 40 илјади кои се сметаат за спорни- да бидат предмет на активна регистрација.

Специјалниот суд не е тема на работните групи

На средбите на работните групи воопшто не се разговарало за формирање на Специјално судско одделение или специјално одделение во МВР кои би работеле на случаите во надлежност на Специјалното јавно обвинителство.

Victoria Nuland
Викторија Нуланд во Скопје изрази надеж дека решение ќе се најде набрзо.Фотографија: Getty Images

Такви преговори со власта директно водат претставници на меѓународната заедница и тие не се предмет на преговори на партиските претставници.

Блокадата на работата на СЈО како клучен проблем го наведе и помошничката американска државна секретарка Викторија Нуланд при посетата на Скопје.

Проценките на опозицијата се дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го блокира или одолговлечи целиот пакет за преодна влада и за промени во МВР со цел да ја блокира работата на СЈО.

Во однос на медиумите, начелно е договорено главниот уредник на МТВ да биде именуван на предлог на опозицијата и да биде експерт. Контролното тело кое ќе функционира како замена за Агенцијата за медиуми ќе има мандат исто колку и преодната влада- 100 дена и ќе биде само во функција на изборите и контрола на медиумите во тој период. Севкупниот пакет законски измени за долгорочни медиумски реформи ќе треба да се донесе шест месеци по изборите.

Неизвесно е дали преговорите ќе продолжат денеска или во следните денови. Амбасадорот Орав во изјавата потенцираше дека се надева оти тие „ќе продолжат што е можно побргу“. Учесници на преговорите се претставници на четирите политичките партии потписнички на договорот од Пржино, Радмила Шеќеринска, Никола Тодоров, Артан Груби и Имер Алиу од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА.